Денес е први септември, нов месец, почеток на месецот кој почнува да ја најавува есента, едно од најубавите годишни времиња, особено убаво за читање. Како што знаете, на почетокот на секој месец објавувам што сум читала претходниот месец или ги издвојувам најдобрите книги што сум ги читала во текот на претходниот месец кои можете да ги сметате за препораки доколку ви се чита нешто, а немате идеја што би читале. Листата е разновидна и содржи различни жанрови, па секој би можел да си најде нешто по негов вкус.
„Дневниците на Силвија Плат“ – Силвија Плат

Издавачка куќа: Anchor (јас ја купив од Академска книга)
Оцена: 5/5
Осврт: Силвија Плат е една од моите омилени поетеси и долго време сакав да ги прочитам и нејзините дневници и размислувања од секојдневниот живот. „Дневниците на Силвија Плат“ се одлично четиво кое дава увид во умот на младата генијална поетеса чиј живот за жал прерано згасна. Самите дневници се поделени на неколку различни период од нејзиниот живот, и читателот го гледа процесот на нејзините мисли, чувства, планови, размислувања.
Освен што гледаме каков бил нејзиниот дневен живот и процесот на пишување, Силвија во своите дневници изложува и различни мислења и филозофии за животот кои верувам дека длабоко ќе ве допрат и ќе ве натераат да размислувате. На моменти имав чувство како да го опишува токму она кое јас го чувствувам или мислам во моментот.
Со оглед на тоа дека се работи за дневници и подолг животен период, ова не е четиво кое ќе го прочитате за неколку денови. Напротив, со самиот факт дека се спомнуваат многу имиња, настани, чувства и размислувања, потребно е малку повеќе време да се прочита и како четиво бара одмор помеѓу читање за поубаво „да легне“. Не е воопшто лесна за читање, но дефинитивно вреди секоја минута!
„Авел Санчез: Приказна за една страст“ – Мигел де Унамуно

Издавачка куќа: ПНВ Публикации
Оцена: 5/5
Осврт: Мигел де Унамуно е еден од најинтересните писатели коишто сум ги читала. Досега имам прочитано неколку дела од него, кои ги имам препорачувано и на блогот, а тоа се „Трагично чувствување на животот“, „Тета Тула“, „Магла“ и оваа новела е четвртата книга од него која ја прочитав. Она што ми остана како силен впечаток е дека секое дело е толку различно од претходното. И тематски и содржински, а сите се подеднакво интересни на свој начин.
„Авел Санчез: Приказна за една страст“ на одреден начин во своја срж навлегува во библиското ривалство на браќата Авел и Каин, но преку модернизирана приказна за ривалството и пријателството на двајца пријатели Авел и Хоакин. Оваа сосема кратка книга го следи нивниот цел живот, пред сè прикажано преку исповедите и размислувањата на Хоакин.
Одлична книга за зависта, ривалството, љубомората и сите работи кои ја трујат човечката душа. Еден од омилените извадоци од книгата: „Тука не разбирам нешто добро, пријателе; не разбирам како некој е подготвен да го даде животот за да биде некој друг, не разбирам како некој може да сака да биде друг. Да бидеш друг е да престанеш да бидеш, да не бидеш тој што си.“
„Пикова дама“ – Александар Пушкин

Издавачка куќа: „ЛОМ“ (Јас ја купив од „Топер“)
Оцена: 5/5
Осврт: Оваа приказна на Пушкин особено ме заинтригира кога дознав дека му била една од омилените на Достоевски, за што и пишував на блогот. Ја најдов колку што можев поскоро, во српско издание, и веднаш сфатив зошто е толку ценета.
Главното дејство се врти околу Херман, млад руски воен инженер со германско потекло, кој дознава дека бабата на неговиот колега офицер, стара грофица, знае како да победи на игра со карти. И покрај тоа што ретко игра карти, нешто почнува да го копка и сака да ја дознае тајната како да победи во играта. За таа цел тој дури почнува и да се додворува започнува на младата штитеничка на грофицата, Лизавета.
Оваа новела е кратка, но многу ефективна и моќна, дава многу директен и едноставен поглед кон алчноста на човекот и до какви постапки може да го доведе.
Пушкин блеснува во полн сјај во оваа приказна и сосема е јасно зошто се смета за најголемиот на сите времиња.
„Кафка на брегот“ – Харуки Мураками

Издавачка куќа: ТРИ
Оцена: 4/5
Осврт: „Кафка на брегот“ е едно од најпопуларните дела на Мураками без никакво сомневање. Се работи за едно интересно, мистериозно дело во кое има многу симболика, мистериозност, па и натприродни сили со кои се навлегува длабоко во душата на човекот и работите што му се случуваат. Секогаш кога го читам Мураками, чувството што ми се јавува е спокој, има некаков мир и смиреност во неговите редови кои прават да сакате да продолжите да го читате.
„Кафка на брегот“ истовремено раскажува две приказни кои се одвиваат паралелно, но истовремено се и поврзани. Првата приказна се врти околу главниот лик, Кафка, кој го менува своето вистинско име во Кафка и решава да избега од дома. Патот го води во една библиотека каде што почнува да живее и тоа е место каде што ќе открие многу работи за себе и своето минато, но и за својата иднина. Втората приказна го следи Наката, стар човек, кој по една несреќа ја губи способноста да чита и пишува, но добива способност да зборува со мачки, па работи на пронаоѓање изгубени мачки.
Како овие нивни патишта ќе се поврзат, тоа е на читателот да открие. И ова дело има многу меланхоличност во себе и вреди да се прочита заради начинот на кој е изградена приказната, како и симболиката која Мураками се труди да ја пренесе, доколку барате уште некоја причина за да ја прочитате книгата, можете да го прочитате овој текст на блогот. Една од омилените реченици во книгата: „А кога бурата најпосле ќе заврши, нема да се сеќаваш како си успеал да се пробиеш низ неа, како си успеал да преживееш. Всушност, нема да бидеш сигурен ниту дали бурата навистина завршила. Но едно нешто е сигурно. Откако ќе излезеш од бурата, веќе никогаш нема да си истата личност која влегла во неа. Токму во тоа е и суштината на бурата.“
„Град на девојки“ – Елизабет Гилберт

Издавачка куќа: АНТОЛОГ
Оцена: 4/5
Осврт: Ова е една од книгите кои навистина ми оставија впечаток, особено што лесно се чита, а и описите се привлечни, па ќе сакате да ја прочитате до крај. А и приказната е навистина привлечна: Животот на една млада жена во Њујорк во 40-тите години, непосредно пред да почне Втората светска војна, но и годините по војната.
Книгата е напишана во форма на писмо од Вивијан, главната протагонистка, кон Ангела, ќерката на еден стар познајник на Вивијан, која по смртта на нејзиниот татко сака да знае како тие двајца се познаваат. Вивијан, наместо да ѝ одговори кратко, решава да ја отвори својата душа и да ѝ ја раскаже нејзината историја од младоста, сè до поодминатите години.
Она што е привлечно за читателот е начинот на кој Вивијан пристапува кон својот живот. Сето она што ѝ се случило го раскажува на еден стоички начин, без каења, искрено и отворено. Сите грешки, сите подеми и падови, ги раскажува на отворен начин, со директно соочување, без маскирање и зашеќерување на последиците. Ние како читатели го гледаме гламурот и убавината на младоста и слободата, но и последиците кои настануваат од таа безгрижност, особено во такви времиња.
Интересно е да се ѕирне во тој свет, толку далечен, а сепак интересен, кој опфаќа една интересна ера од историјата. Вивијан не е најдобра и совршена личност, но тоа ја прави интересна, фактот што таа не се труди да се преправа дека е совршена или добра, таа е она што е – и вам може да ви се допадне, а може и да ви е одбивна, но таа не се труди да ве убеди дека треба да бидете на нејзина страна, што е освежувачко. Вивијан ве остава вие да изберете како ќе ја доживеете. Омилена мисла од книгата: „Откако ќе достигнеме одредена возраст, сите ние шетаме на овој свет со ранети души, не можејќи да се излекуваме, носиме срам, тага и стари тајни во своите срца. Оваа болка го разранува и го обезличува нашето срце, но некако продолжуваме да живееме.“
„Ѕвончиња во снегот“ – Сара Морган

Издавачка куќа: Сакам книги
Оцена: 4/5
Осврт: Да, знам дека е необично да се чита зимска книга во август, но некако бев расположена за четиво кое ќе ми ги оттргне грижите од главата и кое ќе направи да избегам од секојдневието.
Доколку и вие сте од оние луѓе кои ги обожаваат зашеќерените божиќни романси на Нетфликс и Холмарк, тогаш оваа книга сигурно ќе ве бендиса. Божиќните филмови на Нетфликс и Холмарк се зашеќерени, лесни, сосема предвидливи, но некако ви даваат убаво чувство за љубовта и семејството.
Оваа приказна е баш таква, само во форма на книга, наместо филм, а тоа можеби е и уште подобро.
Кајла Грин е успешна жена која 100% ѝ е посветена на работата, па затоа лесно успева да се искачи на добро место во кариерата. Таа го мрази Божиќ со цело срце, па кога добива понуда да оди во Вермонт, со цел да направи маркетинг стратегија за едно одмаралиште, со две раце ја прифаќа можноста да работи за Божиќ. Но, тоа не е толку едноставно колку што таа мисли, затоа што налетува на семејството О’Нилови, особено на Џексон, кој многу сака да дознае каква е таа зад целата нејзина студена фасада.
Освен тоа, семејството О’Нил го води бизнисот на многу поинаков начин од оној на кој е таа навикната. Па полека, Кајла почнува да се прашува дали навистина Божиќ е толку лош…
