Интересни факти за животот на Џ. Р. Р. Толкин!

На 2 септември 1973 година починал познатиот писател Џ. Р. Р. Толкин. Најпознат по своите дела „Хобитот“ и „Господар на прстените“, Џон Роналд Руел Толкин е несомнено еден од најпознатите автори на 20 век. Тој е човекот кој во 20 век успеа да ја популаризира фантастиката како жанр. Тој бил добар лингвист и академик и тој не бил човек кој само пишувал книги, туку создавал цели светови, вклучувајќи ги и нивните култури и јазици. Животот на Толкин бил исто толку фасцинантен колку и неговите светови, живеел за време на две светски војни, создал влијателна книжевна група и влијаел на стотици писатели низ светот. Подолу прочитајте неколку интересни факти за овој писател.

Лингивстичко хоби

Измислувањето јазици во основа било забава за Толкин. Првиот јазик го измислил кога бил дете, заедно со неговата братучетка Мери Инкледон, и бил познат како „Невбош“ или „Нова бесмисленост“. Тој подоцна создал 14 различни јазици за неговите приказни за Средната земја, вклучувајќи и многу поеми и песни на тие јазици.

Кариера како професор

Сосема е сигурно дека Толкин немало да стане толку влијателен без неговата академска позадина. Од 1925 до 1959 година, тој бил професор по англо-саксонски јазик на Универзитетот Оксфорд. Исто така, специјализирал старо-англиски и старо-нордиски јазик и книжевност. Иако според договорот имал обврска да држи само 36 предавања годишно, тој одржувал од 70 до 136 предавања во текот на академската година. Според сите сведоштва, како предавач, Толкин дефинитивно сакал да внесува драма во предавалните, честопати читајќи извадоци од „Беовулф“ на старо-англиски јазик.

Никогаш не се гледал себеси како професионален автор

Во насока на погоре кажаното, за Толкин, академската работа и работата како професор била многу поважна од пишувањето фантастични романи, па и самото пишување го сметал само за хоби и никогаш не се откажал од предавањето.

Еп (во три дела)

Толкин немал намера „Господарот на прстените“ да биде трилогија. Неговите издавачи го поделиле делото за да направат повеќе пари. Приказната била толку популарна што станала втор најпродаван роман на англиски јазик („Приказна за двата града“ од Чарс Дикенс била на прво место).

Му требале 14 години за да го заврши романот „Господар на прстените“

Ова не било затоа што му било тешко да најде инспирација и да пишува, туку бил лош дактилограф. Сите 1200 страници биле напишани со користење на само два прста и голема е веројатноста дека поправал многу грешки.

Инклинг

Додека бил професор на Оксфорд, Толкин помогнал во формирањето на „Инклинзите“ (The Inklings), неформална книжевна група, која во периодот од 1931 до 1949 година, секој вторник, додека траела академската година, се состанувала во пабот „Игл и Чајлд“. Тие имале околу дваесетина редовни и нередовни членови, а најпознати од нив биле самиот Толкин и неговиот колега К.С.Луис.

Иако Толкин и Луис биле долгогодишни пријатели кои честопати меѓусебно си ги критикувале ракописите, тие во еден период се скарале поради начинот на живеење на Луис и неговите наводни антикатолички учења. Луис го засновал главниот лик од неговите романи врз Толкин. Тука можете да прочитате и за интересните книжевни групи и друштва, меѓу кои и оваа на Толкин.

Тој бил посветен Католик

Причината поради која тој се скарал со К.С. Луис, како што се спомнува и погоре, е поради неговите религиозни убедувања. К. С. Луис започнал врска со разведена жена, а Толкин сметал дека тоа е нехристијански. Откако Луис починал, Толкин ѝ напишал писмо на ќерката на Луис во кое кажал: „Досега се чувствував… како старо дрво кое ги губи сите свои лисја, едно по едно: ова е како удар со секира во близина на корењата.“

Средба на умови

Од оригиналната постава на филмот „Господар на прстените“, само сер Кристофер Ли всушност го запознал Толкин. Ли сакал да го глуми Гандалф, но ја изгубил улогата која отишла кај сер Ијан МекКелен.

Воена служба

Во 1914 година, Толкин бил втор поручник и се обучувал со единицата Ланкашир Фусилиерс. Тој бил испратен во Франција со својата единица и учествувал во Битката кај Сом. Според сите податоци, Толкин го мразел времето поминато во Армијата, бидејќи навистина му се допаѓале мажите кои биле под негова команда, но културата на британската армија не дозволувала здружување и пријателство со војници од пониски чинови, а Толкин сметал дека неговите претпоставени понекогаш немале основна човечност.

Тој исто така морал да се бори со вошките во рововите и на крајот се разболел од треска што била предизвикана од вошките. Толкин бил испратен назад во Англија и до крајот на војната го минувал времето помеѓу болниците и касарната. За време на Втората светска војна, Толкин ги понудил своите услуги да дешифрира кодови и се обучил за работата, но на крајот бил информиран дека неговите услуги нема да бидат потребни.

Мразел автомобили

Толкин бил познат по тоа што воопшто не можел да поднесе автомобили, иако купил автомобил од марката „Морис Коули“ во 1932 година и му го дал прекарот „Џо“, според првите две букви од регистрацијата. Еднаш, кога отишол да ја посети неговата сестра, тој имал мала незгода и срушил дел од ѕид, а по неколку месеци направил хаос на една улица во Оксфорд, возејќи спротивно на правилата, игнорирајќи ги другите автомобили.

Сем – човекот за сè

Ликот на Сем од „Господар на прстените“ е заснован на многу од војниците кои биле под команда на Толкин, кои биле вредни рудари и земјоделци и кои без гнев и горчина служеле во војската и покрај неподносливите услови под кои служеле и кои биле принудени да ги издржат.

Кога сме кај Сем, според Толкин, Фродо не е вистинскиот херој во „Господар на прстените“

Иако поголемиот дел обожаватели го сметаат Фродо за херојот на приказната, Толкин не го делел тоа мислење. За него Сем бил херојот на приказната, што ако го поврземе со погорниот факт, сосема е разбирливо зошто мислел така.

Тој се сметал себеси за Хобит

Во една прилика изјавил: „Јас всушност сум Хобит (во сè oсвен во големината). Сакам градини, дрвја и немеханизирани ниви; Пушам луле и сакам добра, обична храна (несмрзната), но не ја поднесувам француската кујна; ми се допааат, и дури и се осмелува во овие досадни денови, орнаментални мантили. Ми се допаѓаат печурку (од полиња); имам многу едноставна смисла за хумор (која дури и критичарите кои ме ценат ја сметаат за уморна); си легнувам доцна навечер и станувам доцна (кога е возможно). Не патувам многу.“

Раздвоени љубовници

Толкин бил вљубен во својата сопруга Едит уште од моментот кога ја запознал кога имал 16 години, а таа била три години постара од него. Поради тоа што останал сирак на 12 години, за Толкин се грижел еден католички свештеник кој му забранил да има каква било врска со Едит додек не наполни 21 година. Тој го послушал својот старател, и кога станал полнолетен, започнал врска со Едит откако таа ја раскинала веридбата со друг маж. Биле во брак до крајот на животот, и тој побарал нивната заедничка надгробна плоча да ги носи имињата Берен и Лутиен, љубовниците чија приказна беше раскажана во неколку негови дела за Средната Земја. Доколку сакате да дознаете повеќе за нивната приказна, прочитајте го овој постар текст на блогот.

Непосакувани обожаватели

Поради неговата употреба на нордиски и германски описи и култура во „Хобитот“ и „Господарот на прстените“, тој стекнал неочекувана и ужасна група обожаватели – нацистите. Се разбира, Толкин не можел да ги поднесе и сметал дека нивните идеали претставуваат „уништување, изопачување, погрешно применување и вечно проколнување на тој благороден северен дух“. Кога германските издавачи го замолиле да ги потврди неговите „ариевски“ акредитиви, тој ги искинал документите и како одговор напишал нови, во кои го пофалил еврејскиот народ.

Не бил многу дипломатичен околу неговите обожаватели

Голем дел од нив ги сметал за целосни лудаци. Тој се вадел од памет кога ќе видел обожаватели кои својата почит за неговите дела ја изразувале со тоа што се маскирале во некој од ликовите од неговите дела.

Бил шегаџија

Тој сакал да изведува трикови и да наседнува луѓе. Одел на забави облечен како поларна мечка, еднаш се забавувал со еден од своите соседи со тоа што го бркал човекот додека бил облечен во англо-саксонски средновековен костум, а понекогаш на продавачите во продавниците им ги нудел своите вештачки заби како платежно средство. А еден од неговите студенти рекол: „Знаеше да ја претвори предавалната во лудница.“

Извор.
Извор 2.

Leave a comment