Кратки документарни филмови и откривање на мурал во чест на Блаже Конески!

По повод 100 години од раѓањето на македонскиот великан Блаже Конески, утре (7 септември), со почеток од 20 часот, во Кинотека на Македонија ќе бидат проектирани документарни филмови и телевизиски емисии инспирирани од неговиот живот, а воедно ќе биде откриен и муралот посветен на Блаже Конески, кој е дело на уметникот Дејвид Стоилковски – Молерај од Куманово, кој има богато искуство со исцртување на мурали и графити.

Според најавите во објавата на Кинотека, ќе бидат прикажани десетина куси филмови од 2021 година, создадени по нарачка на Министерството за култура, а по повод одбележувањето на јубилејот на Конески, ќе бидат прикажани и документарните филмови „Прилеп, вчера и денес“ (1959) и „ Ден кога се проштева“ (1976) во продукција на Вардар филм, како и телевизиските проекти „Шахот во Македонија“ (2007) и „ТВ Лектира – „Ракување“ од Блаже Конески“(2004).

(Извор на сликата: Фејсбук страницата на Кинотека)

Понатаму, од Кинотека најавуваат дека во соработка со Фестивалот за урбана култура „Мурал“, кој годинава бележи три години постоење, ќе биде создаден мурал на површина од 20 м2, кој ќе биде откриен во чест на 100-годишнината од раѓањето на Блаже Конески. На него ќе биде отсликан портретот на Конески, задно со одредени одлики на неговото творештво.

Како што можеби веќе знаете, Владата ја прогласи 2021 година за година на Блаже Конески, со оглед на тоа дека токму годинава се одбележуваат 100 години од раѓањето на еден од најзначајните дејци во нашата историја. За таа цел беа организирани и ќе се организираат различни настани и активности, меѓу кое беше и читањето на поезијата на Конески во УНЕСКО и тоа на неколку јазици, а дополнително, годинава во рамки на ова одбележување и програма „2021 – Година во чест на Блаже Конески“, беше промовирана и поштенска марка со ликот на Блаже Конески.

Се гледаме во Кинотека!

Извор.

Leave a comment