Хантер С. Томпсон за пронаоѓањето на смислата и целта во животот…

Хантер С. Томпсон е познат американски писател, најпознат по неговото дело „Страв и гадење во Лас Вегас“. Тој бил прилично контроверзен, но се смета за еден од највлијателните американски писатели од 20 век. Веќе пишував за едно негово писмо каде зборува за трагедијата на луѓето кои ја менуваат слободата за сигурноста. Денес на блогот пренесуваме едно негово писмо во кое тој му дава совет на неговиот млад пријател за смислата и целта на животот. Се работи за едно одлично и кратко четиво кое е полно со мудрост и многу интересни поенти, кои ќе ве поттикнат на размислување или можат да развијат дискусија.

Во продолжение прочитајте го писмото.

(Хантер С. Томпсон на 22-годишна возраст)

22 април 1988 година
57 Пери Стрит
Њујорк

Драг Хјум,

Ми бараш совет: ах, колку многу човечка, и колку опасна работа! Затоа што да му дадеш совет на човек кој прашува што да прави со својот живот, укажува на нешто многу блиско до егоманија. Да претпоставиш дека насочуваш човек кон вистинската и крајна цел – да го насочиш со треперлив прст во ВИСТИНСКАТА насока е нешто што само будала би го прифатил.

Јас не сум будала, но ја ценам твојата искреност при барањето совет. Сепак, те замолувам, додека читаш што имам да кажам, да запомниш дека сите совети можат да бидат само производ на човекот кој ги дава. Она што е вистина за еден човек, може да биде катастрофа за друг. Јас не го гледам животот низ твоите очи, ниту пак ти низ моите. Ако се обидував да ти дадам специфичен совет, тогаш тоа повеќе би делувало како слепиот да го води слепиот.

Да бидеш или да не бидеш ти —
Еве во што е прашањето сега.
Без ропот, молкум да го трпиш срамот
И сите стрели на судбата дива,
Или пак да се противставиш гневно… (Шекспир)

И навистина, тоа и Е прашањето: дали да се препуштиш на бранот или да пливаш кон некоја цел. Тоа е избор кој сите мораме да го направиме, свесно или несвесно, во одреден период од нашите животи. Многу малку луѓе го разбираат ова! Помисли на која било одлука која си ја направил, а која имала влијание на твојата иднина: Можеби грешам, но не гледам како би можела да биде нешто друго освен избор, колку и да била индиректна – помеѓу двете работи кои ги спомнав: препуштањето или пливањето.

Но, зошто да не се препуштиш ако немаш цел? Тоа е друго прашање. Несомнено е подобро да уживаш во препуштањето, отколку да пливаш во неизвесност. А како човек пронаоѓа цел? Не замок меѓу ѕвездите, туку вистинска и достапна работа. Како човек може да биде сигурен дека не трча по „големата камена и шеќерна планина“, примамливата зашеќерена цел која има малку вкус и речиси никаква содржина?

Одговорот, и на некој начин трагедијата на животот, е дека ние се трудиме да ја разбереме целта, а не човекот. Ние поставуваме цел која од нас бара одредени работи и ние ги правиме тие работи. Ние се прилагодуваме на побарувањата на еден концепт кој НЕ МОЖЕ да биде валиден. Ајде да земеме пример дека кога си бил малечок си сакал да бидеш пожарникар. Се чувствувам доволно сигурен за да кажам дека ти повеќе не сакаш да бидеш пожарникар. Зошто? Затоа што твојата перспектива се променила. Пожарникарот не е тој кој е променет, ти си. Секој човек е целосен збир на неговите реакции на искуството. Како што се разликуваат и размножуваат твоите искуства, ти стануваш различен човек и оттаму, твојата перспектива се менува. Ова продолжува до недоглед. Секоја реакција е процес на учење; секое значајно искуство ја менува твојата перспектива.

Па би изгледало будалесто, зарем не, да ги прилагодиме нашите животи на побарувањата на целта која секој ден ја гледаме од поинаков агол? Како би можеле некогаш да се надеваме дека ќе постигнеме нешто друго освен галопирачка невротичност?

Тогаш, одговорот воопшто не треба да се фокусира на целите, или барем не на опипливите цели. Потребна би била многу хартија за да се развие овој предмет до негово остварување. Само Господ знае колку многу книги се напишани на темата за „смислата на човекот“ и слични работи, и само Господ знае колку многу луѓе размислувале на оваа тема (Го употребувам терминот „само Господ знае“ чисто како форма на изразување). Има многу малку смисла во тоа да ти го образложам ова во форма на поговорка, бидејќи јас сум првиот што ја признава мојата целосна неквалификуваност да ја сведам смислата на животот на еден или два параграфи.

Ќе се држам понастрана од зборот „егзистенцијализам“, но ти можеби треба да го имаш на ум како еден вид на клуч. Може и да разгледаш и нешто што се нарекува „Битието и Ништото“ од Жан-Пол Сартр, и уште една мала книга наречена „Егзистенцијализам: Од Достоевски до Сартр“. Ова се само предлози. Ако си навистина задоволен со она што си и она што го правиш, тогаш заобиколи ги овие книги. (Остави ги заспаните кучиња да си лежат) Но, да се вратам назад на одговорот. Како што реков, да се стави нашата верба во опипливи цели се чини дека, во најдобар случај, не е паметно. Значи, ние не се стремиме да бидеме пожарникари, не се стремиме да бидеме банкари, ниту полицајци, ниту лекари. НИЕ СЕ СТРЕМИМЕ ДА БИДЕМЕ НИЕ.

Но, не ме разбирај погрешно. Не мислам дека ние не можеме да БИДЕМЕ пожарникари, банкари или доктори, туку дека треба направиме целта да се прилагоди на поединецот, отколку да направиме поединецот да се прилагодува на целта. Во секој човек, генетското наследство и околината се мешаат за да произведат суштество со одредени способности и желби – вклучувајќи ја и длабоко вкоренетата потреба да функционира на начин на кој неговиот живот ќе биде ЗНАЧАЕН. Човекот мора да БИДЕ нешто; тој треба да значи нешто.

Според моето видување, формулата оди некако вака: човекот мора да избере пат кој ќе дозволи неговите СПОСОБНОСТИ да функционираат со максимум ефикасност за задоволување на неговите ЖЕЛБИ. Со тоа, тој задоволува потреба (со тоа што ќе си даде себеси идентитет преку функционирање во рамки на поставен шаблон за некоја конкретна поставена цел), тој избегнува да го исфрустрира својот потенцијал (избирајќи пат кој не поставува ограничување на неговиот личен развој) и го избегнува теророт од тоа да види како неговата цел пропаѓа или го губи својот шарм додека тој ѝ се приближува (наместо да се приспособи кон тоа да ги исполни барањата на она што го бара, тој направил неговата цел да се прилагоди на неговите способности и желби).

Накратко, тој не го посветил својот живот на постигнување на однапред дефинирана цел, туку попрво избрал начин на живот за кој тој ЗНАЕ дека ќе ужива во него. Целта е апсолутно секундарна: она што е важно е функционирањето кон целта. И изгледа речиси смешно да се каже дека човекот МОРА да функционира по шема која самиот ја избрал; зашто да дозволиш друг човек да ги дефинира твоите сопствени цели значи да се откажеш од еден од најзначајните аспекти на животот – утврдениот чин на волја што го прави човекот – поединец.

Да претпоставиме дека мислиш дека имаш избор од осум патеки што треба да ги следиш (се разбира, сите се однапред дефинирани патеки). И да претпоставиме дека не можеш да најдеш вистинска цел во ниту една од осумте патеки. ПОТОА – и тука е суштината на сè што кажав – МОРА да најдеш деветта патека.

Природно, не е толку лесно како што звучи. Си живеел релативно ограничен живот, вертикално наместо хоризонтално постоење. Затоа и не е толку тешко да се сфати зошто се чувствуваш онака како што се чувствуваш. Но, човек кој го одложува својот ИЗБОР, неизбежно ќе се соочи со тоа околностите да го направат изборот наместо него.

Значи, ако сега се вбројуваш себеси меѓу разочараните, тогаш немаш друг избор освен да ги прифатиш нештата онакви какви што се или сериозно да побараш нешто друго. Но, внимавај да не бараш цели: барај начин на живот. Одлучи како сакаш да живееш, а потоа види што можеш да направиш за да заработуваш за живот ВО РАМКИ на тој начин на живот. Но ти велиш: „Не знам каде да барам; Не знам што да барам“.

И тука лежи суштината. Дали вреди да се откажам од она што го имам за да барам нешто подобро? Не знам – вреди ли? Кој може да ја донесе таа одлука освен ти? Но, дури и со ОДЛУКАТА ДА ПОГЛЕДНЕШ, правиш огромен чекор кон правењето на изборот.

Ако не го прекинам ова, ќе се фатам себеси како пишувам книга. Се надевам дека не е толку збунувачки како што изгледа на прв поглед. Се разбира, имај на ум дека ова е МОЈ НАЧИН на гледање на нештата. Во овој контекст мислам дека е прилично општо применливо, но ти можеби нема да мислиш така. Секој од нас треба да создаде свое кредо – ова само случајно се погоди да биде мое.

Ако некој дел од ова ти делува дека нема смисла, те молам посочи ми. Не се обидувам да те испратам „на пат“ во потрага по Валхала, туку само укажувам дека не е неопходно да ги прифатиш изборите што ти ги дава животот каков што го знаеш. Има многу повеќе од тоа – никој не МОРА да прави нешто што не сака да го прави до крајот на својот живот. Но, повторно, ако тоа е она што на крај ќе излезе дека ќе го правиш, само напред и убедувај се себеси дека МОРАШЕ да го направиш тоа. Ќе имаш прилично големо друштво.

И тоа е сега засега. Додека не слушнам нешто од тебе повторно, јас останувам

твој пријател,
Хантер

Извор.

Leave a comment