Познатите личности како писатели, политичари и други личности од јавниот живот многу често се познати како ревносни читатели и собирачи на книги. Емили Темпл, за порталот за книжевност Lit Hub, издвои неколку интересни историски и познати личности со импресивна колекција на книги која ја дополнувале во текот на нивниот живот.
Освен оние кои се наоѓаат на листата, таа наведува дека други познати колекционери на книги се и Мерилин Монро (437 книги, а за нејзината љубов кон книгите пишував и на блогот), Џорџ Вашингтон (1200), Чарлс Дарвин (1480), Опра Винфри (1500), Фредерик Даглас (околу 2000 книги) и Дејвид Марксон (2500).
Подолу на листата погледнете кои познати личности обожавале да читаат, но и да собираат книги и како последица на тоа имаат (имале) огромни библиотеки. Листата на оригиналниот линк е подолга, јас ги избрав само оние кои се познати во нашиот поширок контекст.
Карл Лагерфилд

За Карл Лагерфилд, познатиот моден дизајнер, веќе пишував за неговата книжевна љубов и книжевна колекција. Целиот текст можете да го прочитате тука, заедно со прекрасните слики од неговиот дом и библиотека, па затоа тука само ќе го спомнеме фактот дека тој имал колекција од 300.000 книги! Дефинитивно импресивно!
Џорџ Лукас

Во 1978 година, познатиот филмски режисер Џорџ Лукас ја основал библиотеката „Лукасфилм библиотека за истражување“, која најпрвин се занимавала со собирање книги во неговата канцеларија во Лос Анџелес, а потоа ја префрлил на својот имот, во својата куќа. Освен тоа што содржи повеќе од 27.000 книги, збирката вклучува преку 17.000 филмови, како и фотографии, исечоци од весници и уште многу други работи. Оваа библиотека не е отворена за јавноста, но неговите вработени, како и неговите избрани гости смеат да ја пребаруваат и разгледуваат.
Мајкл Џексон

Кралот на поп-музиката исто така бил и Крал на книгите. Тој бил чест муштерија во локалните книжарници во Лос Анџелес, вклучувајќи ја книжарницата „Бук суп анд скајлајт“. Дејв Датон од „Датонс букс“ за весникот „Лос Анџелес Тајмс“ изјавил дека тој најмногу го сакал одделот за поезија, а Ралф Валдо Емерсон му бил омилен автор. Боб Сенгер, адвокатот на Џексон, за „ЛА Викли“ изјавил дека Мајк Џексон поседувал околу 10.000 книги кои биле на неговиот познат имот „Недојдија“ и дека „имаше места каде што тој сакаше да седи и човек на тие места можеше да ги види книгите со обележувачите во нив, со белешки и други работи. И од моите разговори со него, можам да ви кажам дека тој беше многу начитан, особено за некој кој самиот се образоваше и имаше своја сопствена листа за читање.“
Ернест Хемингвеј

Според авторките на книгата „Хемингвеј во контекст“, Дебра А. Моделмог и Сузан дел Гизо, писателот каде и да одел со себе носел библиотека и постојано купувал нови книги, по некогаш и по 150-200 во една година. Во времето околу неговата смрт, негова „Финка Виџија“ библиотека имала околу 9000 книги, што не ги ни вклучува книгите кои ги оставил зад себе на неговиот имот во Ки Вест. Можеби не е за изненадување, но сепак е импресивно!
Томас Џеферсон

Американскиот претседател Томас Џеферсон во една прилика изјавил: „Не можам да живеам без книги“. Според „Конгресната библиотека“ на САД, кога Британците го запалиле главниот град во 1814 година, Џеферсон ја изградил најголемата приватна библиотека во САД, која подоцна ја продал на Конгресот за 23.950 долари. Потоа, тој речиси веднаш почнал повторно да собира книги и подоцна и таа збирка ја продал за да може да си ги отплати долговите во 1829 година. Според проценките, неговата колекција имала 6487 книги.
Хари Худини

Кога познатиот магионичар Худини умрел, тој ја оставил неговата приватна збирка книги за магии, театар и духовност на „Конгресната библиотека“. Неколку извори тврдат дека во тоа време тој најверојатно ја имал најголемата колекција на книги за магија во светот и содржела повеќе од 5000 книги. Денес можете и вие да разгледате околу 4000 од нив – тука.
Хана Арент

Познатата филозофка и писателка Хана Арент исто така собирала многу книги, па така се смета дека нејзината збирка која денес се наоѓа на колеџот Бард се состои од околу 4000 книги, памфлети и документи, а 900 од нив содржат и нејзини лични белешки, кои дошле директно од станот во Њујорк во кој живеела до нејзината смрт во 1975 година. Други познати личности кои имале околу 4000 книги во својата збирка биле и Вирџинија Вулф и Катерин Ен Портер.
