Еразмо Ротердамски: Кога глупоста зборува мудрости…

Еразмо Ротердамски (најверојатно) е роден во 1466 година, во Ротердам, Холандија. Тој е Холанѓанец по раѓање, но умрел во 1536 година во Базел. Тој бил прочуен августински теолог, филозоф, фиoлог и плоден книжевник од ерата на европскиот хуманизам.

На личноста на самиот автор влијаеле два важни историски настани, откривањето на Америка, која на Еразмо му обезбедила самодоверба, и реформирањето на црквата кое му обезбедило добра основа за пишување. Додека бил млад останал без родители и бил приморан да го напушти образованието, а како дете на свештеник, за неговото воспитување и образование продолжиле да се грижат свештениците во манастирот, односно израснал според строги црковни правила. Тоа всушност и му ја дало идејата за критика на црковниот живот и материјал за титулата која многумина историчари му ја доделуваат, „еден од главните теоретичари на реформите“.

Тој растел и сонувал за други видици, многу пошироки од оние кои неговите учители му ги откривале. Како инспирација за пишување на „Пофалба на глупоста“, му послужила сатирата „Бродот на лудаците“ од Себастијан Брант, но пристапот на темите е индивидуален и автентичен.

„Пофалба на глупоста“ е едно од најзначајните дела на ренесансата. Напишана е во 16 век, односно 1509 година. Еразмо ја напишал книгата за само осум дена, во куќата на неговиот пријател Томас Мор (авторот на „Утопија“, м.з). Објавена е во 1511 година во Париз и веднаш била подложена на критики. За само неколку месеци било издадено и седмо издание на книгата и била запишана во индексот librorum prohibitorum. (листа на забранети книги)

Ова дело настанува во време на славните Коперник, Холбајн, Микеланџело, Леонардо да Винчи, Макијавели, Лутер. Се смета за сатирично дело во кое се преточени духовните, црковните и општествените карактеристики на тоа време, но и лични ставови на самиот автор кој решил да проговори за општествените и религиските проблеми на своето доба.

Со оглед на тоа дека Еразмо често се служи со карневалски јазик и симболи, ова дело припаѓа во делата на латинската смешна книжевост. Светот на смешните форми и манифестации се спротиставувале на официјалната и строга црковна и феудална средновековна култура. „Пофалба на глупоста“ е напишана во доба кога постоела надеж дека разумот ќе победи.

Во ова прозно дело, Глупоста, во прво лице, држи говор упатен кон замислената публика која ја нарекува „збир на најбудалите“. Глупоста е ќерка на Плутон и Неотета, најведрата Нимфа. Таа не е плод на досадната брачна должност, ниту пак законско дете како несмасниот ковач. Зачната е после една забава на која нејзиниот татко испил малку повеќе. Дали тоа значи дека самиот живот настанува од некаква глупост, односно дека почнува под нејзино крило?

Уште од самиот наслов се гледа пародијата на самиот жанр, затоа што пофалбата е средновековен книжевен жанр, во кој се слави и величи делото на светците, а овде се величи делото на глупоста сама по себе. За жанрот кој го користи и неговата намена, Еразмо пишува во „Пофалба на глупоста“:

„Но моја задача не е да го претресувам животот на папите и свештенството, за да не му се стори некому дека составувам сатира, а не пофалба и да не си помисли некој дека ги исмејувам добрите владетели, а дека ги фалам лошите…“

Иронијата најмногу се одразува во критиката на општеството со кое управува глупоста. Се открива ништожноста на најистакнатите институции. Еразмо се осврнува на општите човечки проблеми и недостатоци, ги критикува конкретните примери на човечката баналност преку одредени професии.

Тој вели дека граматичарите се сметаат себеси за среќни поради некакви високи убедувања за својата ученост, на правниците им припишува самобендисаност, а трговците ги смета за најглупави и најрасипани, за лажливци и крадци, а не ги поштедува ниту философите… Тој ја искажува својата визија за христијанството и ја критикува црквата. Тој вели дека папската власт, која треба да ја пренесе и претставува волјата на Исус Христос, всушност значи нејзино негирање: очигледни се карактеристиките на трагедијата, во приказот на изопачен свет во кој папските и царските власти не ја вршат својата работа.

„Свештенството сепак има нешто заедничко со световните луѓе; сите будно бдеат над жетвата и отвораат четири очи ако треба да се згрне некоја добивка; сите тука ги знаат правилата; ако постои некоја тешкотија, мудро ја префрлаат на туѓи плеќи и како топка ја префрлаат од рака на рака.“

Барајќи момент на внимание, Глупоста уште на самиот почеток споменува какво внимание бара: „…само ако не ви е тешко да ме сослушате и тоа не со она внимание, со кое ги слушате светите проповеди, туку со она, со кое ги следите телалите на плоштадот, лакрдијашите и будалиштата…“

Покрај важноста на историската и митската позадина, помеѓу критиките и осудувањата, откривањето на општествените и социјалните околности, состојбата на свеста и разумот, извонредната вештина на Ротердамски да ги користи зборовите, односно со хумор да гради реченици, довела до сериозни, вистинити и многу убави лекции. Открива сличности меѓу децата и постарите лица.

„Значи, тие меѓу себе се разликуваат само по тоа што старците имаат брчки и што избројале повеќе родендени; накратко, сѐ останато им се совпаѓа: белината на косата, беззабата уста, нескладното тело, страста за пиење млеко, пелтечењето, дрдорењето, лудории, заборавноста, лесноумноста: што повеќе навлегуваат во староста, сè поблискус се до сличноста на детството, сè додека, како и децата, не си заминат од животот без животна здодевност, ослободени од стравот од смртта.“

Децата ги сакаме затоа им е примамлива магијата на глупоста со која ги заследуваат маките на оние кои ги воспитуваат. Потоа доаѓа младоста, чија убавина Глупоста повторно си ја припишува како своја заслуга:

„Па, ве молам, со што младоста ја заслужува таа наклоност? Со што, ако не поради мене? Благодарение на моето благотворно дејство во младоста има сосем малку мудрост, а таа пет пари не дава поради тоа. Можете да ме сметате за лажливка но тие, штом ќе пораснат и ќе почнат, преку секојдневието и училиштето да разбираат по нешто како возрасните, веднаш им згаснуваат сјајот и убавината, им се намалува веселоста, згаснува дражеста, замира живоста.“

Колку повеќе се одалечува човек од детството, толку повеќе станува мудар, досаден, го напуштаат придружничките на глупоста: ласкањето, заборавливоста, мрзеливоста, разузданоста…

Старците пијат од заборавот, ги одминуваат грижите, си ломотат, зборуваат глупости… Тоа е тој зачин за подмладување кој Глупоста го има. Заклучуваме дека најубавото задоволство на детството и староста е тоа што се ослободува од паметот.

„Во согласност со ова е и старата поговорка: „Мразам дете, што предвреме созреало.“ Од друга страна пак, кој би можел да издржи секојдневно да биде во друштво на старец, кој во себе би ги имал здружени огромното животно искуство, исто таквата духовна снага и острината на расудувањето. Затоа, со моја помош, старецот нека нека си прави глупости; сепак, тој мој излапенко на тој начин е ослободен од сите оние црни грижи, што го измачуваат умниот.“

Затоа децата ги сакаат старците и обратно. „Сличниот му се радува на сличниот.“

Ханс Холбајн, Цртеж на Глупоста на првото издание на „Пофалбата на глупоста“ (1515), личен примерок на Еразмо Ротердамски (Kupferstichkabinett, Базел)

Еразмо голема чест ѝ оддава на фантазијата, кога на светот би се гледал со реални очи и би се мислело со паметна и мудра глава, сѐ би изгледало многу помрачно, погрдо, пореално и сиво.

„А фантазијата многу лесно се прифаќа, таа на ист начин, како и реалноста, води кон среќа, и тоа можеби подобро.“

Глупоста подразбира предавање на самоволието на страста, таа стои на спротивната страна на разумот. Сè што му преостанува на разумот е да вика додека не засипне и да дава морални поуки… Кој ден од животот не би бил тажен, грижлив, досаден, глупав, тежок, ако луѓето не го засладувале со уживање?

Еразмо потоа вели: „Општо земено, човечкиот живот не е ништо друго освен игра на Глупоста.“

Глупоста го прави животот полесен и повреден за живеење, или како што Глупоста тврди: „Зар е и важно кога умрел човек, кој воопшто и не живеел?“

Лагата не е во согласност со разумот, таа е од другата страна, на страната на глупоста, иако Еразмо во неколку наврати го осудува тоа и лагата му ја припишува токму на разумот:

„Будалетинките им го пружаат само она, што тие и единствено го бараат од нив: шеги, смеа, досетки, забава; додајте го тука и оној дар, што никако не е за потценување, дека во својата простодушност, само тие ја кажуваат вистината, а што е подостојно за фалба од самата вистина.“

Сепак, според Глупоста, понекогаш и лагата носи и среќа и уживање.

„Јас познавав еден таков човек, кој соименик, кој на својата млада сопруга ѝ подарил неколку лажни дијаманти, убедувајќи ја, бидејќи бил красноречив шегаџија, дека не се само вистински, туку и дека се од непроценлива вредност. Ве молам, што ѝ било важно тоа на девојката, кога таа и онака си ги насладувала очите и душата и безвредниот накит си го чувала како исклучително богатство под  клуч. Така, сопругот ги избегнал трошоците и уживал во заблудата на својата сопруга, а таа му била благодарна како да ѝ подарил нешто многу вредно.“

Кога зборува за љубовта, авторот на оваа пофалба има посебни пофалби за љубовта што човекот ја има за себе, тој вели дека самољубието го прави среќен, а тој се прашува кој човек може да сака друг човек ако не се сака себеси?

„Кажете ми, ве молам, би љубел ли некој некого, ако самиот себеси се мрази? Може ли некој да се сложува со некого, ако не се сложува ни со себеси? Може ли некој некому да му причини задоволство, ако самиот себеси си е тежок и здодевен?“

Кога станува збор за љубовта, Глупоста вели: „

„Колку љубовта е подлабока, толку лудоста е поголема и посреќна“.

Но, дури и од овие комични делови, можеме да прочитаме меѓу редови, дека за среќа, понекогаш мора да го затворите едното око, понекогаш и двете. Ротердам зборува и за пријателска љубов за која вели дека важат истите правила како во бракот, сличноста е основа на пријателството, тоа е единственото нешто што треба да се почитува над сè и дека дури е неопходо како воздухот, оганот и водата… и дека тоа, на крајот на краиштата, толку достојно за почит.

И тука Глупоста ги вмешала прстите, ги прикриваме пороците на пријатели, ги сакаме нивните недостатоци, се залажуваме. Познато е дека сите човечки работи имаат две лица. Сите ние носиме некои животни маски кои ги симнуваме пред спиење и наутро повторно ги навлекуваме на себе, па така се залажуваме и себеси и другите, па она што изгледа убаво на прв поглед подоцна станува грдо, корисно станува штетно, срамно – славно, а среќното – тажно.

„А што друго е човечкиот живот освен една драма во која луѓето скриени под маски се прикажуваат како други и секој си ја игра својата ролја додека режисерот не ги изведе од сцената. Но тој често од една личност бара да игра во разни костими, па така, оној што до пред малку имал крал во порфир, сега игра некаков дрипав роб. На светот сè е привид, па и оваа претстава не се игра ништо поинаку.“

Сè во животот е покриено со превез на глупост, илузија која го бои она што суровоста на животот го облекува.

Освен тоа, Еразмо вели: „… зашто, сите животни се задоволни од она што им го дарила природата, а само човекот се обидува да излезе од границите на својата судба.“

Кога станува збор за владетелите, Еразмо дава уште еден мошне остроумен коментар, кој е мошне вистинит и денес:

„Но, и покрај големата привидна среќа, ми се чини дека владетелите се сепак многу несреќни, зашто им недостасуваат такви, од кои ќе можат да ја чујат вистината и поради тоа се принудени да имаат околу себе ласкавци наместо пријатели.“

Во истата насока, продолжувајќи го самиот говор на Глупоста, Еразмо Ротердамски дава еден одличен остврт на владетелите и на она што навистина значи да се биде владетел. Се работи за прилично голем извадок, а во продолжение прочитајте еден мал дел од истиот:

„Никој не би посакал да дојде на власт со кривоклетство, кога би знаел каков огромен товар треба да носи на плеќите оној што сака вистински да владее. Тој што го презема кормилото, треба да се грижи за општествените, а не за личните интереси, да не отстапува ни за влакно од законите, чиј е создател и избршител. Прва должност треба да му биде интегритетот на неговите служебници и магистрати; секогаш треба да биде свесен дека тој еден е изложен пред очите на сите и дека тој со својата чистота како спасоносна ѕвезда може да придонесе за напредокот на човечките дејствувања или како погубна комета може да навлече најголема гибел. Грешките на останатите и не се чувствуваат толку силно и последиците од тие грешки не се протегаат многу далеку; но владетелот е на такво место, што, ако и само малку скршне од вистинскиот пат, тоа незабележливо ќе навлече несреќа на безброј други луѓе; понатаму, бидејќи владетелската положба носи со себе многу искушенија, што можат да го одвлечат од вистинскиот пат, забави, слободи, ласкања, раскош, дотолку повеќе треба да настојува, да внимава и да бдее – да не попушти во вршење на должноста. Да не зборувам за заговорите, омразата и другите опасности, па и за стравот дека над главата му стои надвиснат оној, вистинскиот крал, кој наскоро од него ќе побара сметка за секој, макар и најмал пропуст; дотолку побрзо, што имал поголема власт. Велам, ако владетелот би помислил на сето ова и на многу други вакви работи, а би помислил, ако е умен – мислам дека не би можел ни да јаде ни да спие.“

Ротердамски испраќа јасна порака дека вистинската вредност е само онаа што човек ја носи во себе, а не на самиот себе, само костумот и шминката, се всушност измама, таа фасада со која се обојуваме не ја носи таа вистинска среќа и мир. Материјалниот живот ја губи битката наспроти духовниот.

„Секако, духот ќе го проголта телото, ќе биде победник и тоа посилен.“

Во еден дел од книгата, Ротердамски се фокусира на мудроста и глупоста. Во својот говор, Глупоста вели:

„Како прво, ако мудроста се содржи во искуството, кон кого поскоро би се однесувала честа на прекарот мудрец, дали кон мудриот, кој делумно од срам, делумно од страв не се зафаќа за ништо, или кон будалиот, кој од ништо не се откажува ни од срам, зашто тој нема срам, ниту поради опасноста, зашто тој за ништо и не размислува. Мудриот прибегнува кон книгите од старите писатели и оттаму наизуст учи некакви изворни домислувања; будалиот пак, ако не се лажам, токму поради тоа што главечки се втурнува во опасни ситуации, ја постигнува вистинската мудрост.“

Точно е дека човекот, управуван од инстинкти и страсти, многупати се изгорува, но ако не се обидел, не би знаел дали ќе успее. Како што вели Глупоста: „Постојат две главни причини поради кои не може да се стигне до сознанието: срамот, кој го замаглува духот, и стравот, кој при појава на опасност, го обесхрабрува човека да дејствува. Глупоста величествено ослободува од ова. Малкумина луѓе разбираат до какви погодности може да се дојде, ако никогаш не се срамиш и ако од ништо не се плашиш.“

Со иронијата измешана со комедија и шеги, со кои се служи Ротердамски, ги провоцира мудреците и оние што мислат дека се мудреци.

„Пофалбата на Глупоста“, иако е напишана пред пет века, е лесна за читање, и иако временски е толку оддалечена од нас, таа е многу блиску до денешниот читател. Самиот крај на делото повикува на среќна атмосфера, на еден удобен крај, со шеговит тон. Глупоста ги пародира своите претходни мисли и се прозива себеси, па така и завршува делото.

„Гледам дека очекувате епилог. Навистина сте глупави ако мислите дека јас воопшто се сеќавам што сум зборувала, откако истресов толкав куп зборови. Има една стара поговорка: „Го мразам оној, што пие заедно со мене, а памети сè“. А еве ви ја новата: „Го мразам читателот, кој памети сè“.“

На самиот крај, Ротердам ги повикува читателите да се радуваат, аплаудираат, да си играат, да пијат, напоменува дека животот не е вечен, и дека не смееме лесно да го потрошиме на „солење памет“ и да го занемариме уживањето. Тој нè нарекува љубители на глупоста, затоа што во секој од нас, како што заклучува Ротердамски, тлее по некој глупак.

И на крајот, Глупоста заклучува: „Сетете се и на онаа грчка пословица: Често и глупавиот зборува работи, што се сосем на место.“

Инспирација и делумен извор за овој текст е текстот на порталот „Култивиши се“, додека пак останатите извадоци и директни цитати се од книгата „Пофалба на глупоста“ на Еразмо Ротердамски (превод од латински и белешки Љубинка Басотова), издавачка куќа „Матица“, 2011 година, Скопје.

Leave a comment