Пред извесно време почнав да препорачувам филмови и серии за љубителите на книги. Некои од нив се екранизации на книги, некои од нив се поврзани со книги, но во секој случај се филмови и серии за кои има шанси да им се допаднат на љубителите на книги. Во продолжение прочитајте ги новите три препораки за филмови.
„Книжевен клуб“ (Book Club) (2018)

Каде може да го гледате: Нетфликс
Зошто треба да го гледате: „Книжевен клуб“ е романтична комедија и приказна за четири повозрасни пријателки, секој од нив посебна и уникатна, со сосема различна животна приказна. Но, тие се пријателки од младоста и иако сите се сосема различни, нивното пријателство е цврсто. Тие започнуваат нивен книжевен клуб, одбираат книга, ја читаат и потоа ја дискутираат. Еден ден, една од пријателките ја предложува „50 нијанси на сиво“ и тоа поттикнува различни други настани во нивните животи. Без оглед на тоа што лично мислите за книгата, филмот е одличен за добра забава и опуштање, а и ги вклучува актерките Дајан Китон и Бриџит Фонда, како и актерите Дон Џонсон и Енди Гарсија, па оттаму актерската екипа е одлична.
„Јас пред тебе“ (Me before you) (2016)

Каде може да го гледате: Нетфликс
Зошто треба да го гледате: Овој филм е екранизација на истоимениот роман на Џоџо Мојес, која е една од најпознатите современи писателки на романси од различен тип. Приказната ја следи младата Луиза која се чини дека не може да задржи работа и да ја најде сопствената страст. Таа е полна со енергија и елан, и подготвена е да прифати работа како негувателка на младиот Вил Трејнор, кој останува парализиран по една несреќа и кој, како целосен контраст на Луиза, е депресивен, мрзоволен и не може да се помири дека несреќата му го одзела претходниот живот. Тие двајца сепак успеваат да се поврзат, а текот на филмот ќе направи и да се смеете и да плачете.
„Големиот Гетсби“ (The Great Gastby) (2013)

Каде можете да го гледате: ХБО, Нетфликс
Зошто треба да го гледате: „Големиот Гетсби“ на Ф. Скот Фицџералд е еден од најголемите американски класици на сите времиња и е одлично ја претставува фамозната американска „џез ера“ од 20-тите години на 20 век. Џеј Гетсби е мистериозен богаташ, за кого има многу озборувања и митови и е познат по луксузните забави кои ги организира во својот дом. Кога младиот Ник се доселува до неговиот имот, се чуди кога добива покана за забава кај Гетсби, особено бидејќи тој не е дел од елитата, ниту пак е популарен. Но, Ник е братучед на Дејзи, а Дејзи е загубената љубов на Гетсби. Оттука започнува една комплицирана приказна која на површина дава одлична анализа на општеството, немарноста, љубовта, познатиот „американски сон“, итн. Со неверојатна актерска постава на чело со Леонардо ДиКаприо, дефинитивно ќе се изгубите во овој свет кој Фицџералд го претставил во своето дело.
