Што читаше Кафе и книги во септември?

Започна нов месец, започна и есента, тоа значи многу нови можности за читање. Традиционално, прочитајте ги препораките за читање составени од листата на прочитани книги во изминатиот месец.

Чернобилска молитва“ – Светлана Алексиевич

Издавачка куќа: АНТОЛОГ
Оцена: 5/5
Осврт:
Оваа книга доживеа зголемување на популарноста особено откако излезе серијата „Чернобил“ во продукција на ХБО, иако освен едно сведоштво, речиси и да немаат допирни точки, освен што ја истражуваат трагедијата која се случи со хаваријата во нуклеарната централа. Книгата на Светлана е четиво кое мора да се прочита и дефинитивно е најдобрата книга која ја прочитав во септември, па можеби и меѓу најдобрите кои ги прочитав годинава.

Преку интервјуа и разговори со различни луѓе, како селаните кои живееле во околината на Припјат, како и самите жители на Припјат, понатаму со војниците и роднини на некои од настраданите, Светлана Алексиевич им дава глас на овие обични луѓе, заборавени од историјата, кои мораат да живеат со несреќата и да бидат познати, како што велат тие, како „чернобилци“. Напишана и уредена со еден сочувствителен глас кој остава интервјуираните да зборуваат, а таа е тука само да го движи читателот низ сведоштвата. После читањето на книгата дефинитивно нема да бидете исти и дефинитивно ќе ја гледате оваа трагедија со сосема поинакви очи. Чиста 5-ка. Одамна некоја книга не ме трогнала и допрела на овој начин.

„Живот без крај“ – Фредерик Бегбеде

Издавачка куќа: ТРИ
Оцена: 5/5
Осврт:
Бегбеде е дефинитивно еден од моите омилени современи автори и имам впечаток дека книгите му стануваат уште подобри со текот на годините и популарноста. Иако ми е „тазе“ прочитана и веројатно треба да помине време додека да ми „легне“, а имам уште неколку негови книги кои треба да ги прочитам, сепак имам чувство дека ова ќе остане мојата омилена книга од него. Истовремено се смеев, размислував и се воодушевував на неговата способност на толку лежерен, на моменти дури и несериозен, начин да навлезе во тешки и длабоки теми како вечниот живот, смртта, религијата, семејството, стареењето. Она што е прекрасно во оваа книга е што сето тоа го прави суптилно.

Тој дава прекрасни општествени коментари кои потоа веднаш ги маскира со хумор, па понекогаш и ве изненадува со својата длабочина, иако само пред неколку редови направил да се смеете на глас. Искрено многу уживав во оваа книга, дел од темите и мислите кои ги образложува во книгата сè уште се присутни во моите мисли и се одлични за размислување и дискутирање во друштво, бидејќи се релевантни и актуелни. Премисата на книгата е дека нараторот го фаќа паника дека ќе умре и е решен да го пронајде клучот на вечниот живот, односно решен е никогаш да не умре. Во процесот се случуваат навистина апсурдни работи, но вистината е дека под сето тоа лудило и апсурдност се кријат одлични прашања и размислувања. Топла препорака!

Лавиринт“ – Влада Урошевиќ

Издавачка куќа: ТЕМПЛУМ
Оцена: 5/5
Осврт:
Ова беше еден од моите саемски улови и подолго време сакав да ја купам и навистина сум среќна што го сторив тоа. Уживав во овој избор од поезијата на Урошевиќ, а во оваа збирка се застапени 144 песни, распоредени по 12, во 12 циклуси. Секогаш сум уживала во неговата поезија иако ја немам читано толку често колку што би сакала и оваа книга само ме потсети дека треба почесто да го читам Урошевиќ и неговите прекрасни стихови. Доколку уживате во поезија, особено во Македонска поезија, ова е вистинската книга за вас, а она што ја прави книгата уште поинтересна е што во неа се вклучени и колажи на Урошевиќ, што го прави читањето уште поавтентично и интересно.

„Еден од нашите“ – Вила Катер

Издавачка куќа: АРС СТУДИО
Оцена: 4/5
Осврт:
Една од моите цели е да ги прочитам сите (или барем поголемиот дел) романи добитници на Пулицеровата награда за белетристика. Овој месец изборот падна на „Еден од нашите“ на Вила Картер, роман кој го доби Пулицерот во 1923 година. Навистина многу ми се допадна оваа книга, а особено ми е фасцинантен стилот на пишување, особено во американската книжевност, од 20-тите и 30-тите години на 20 век. Описите на пејсажите, начинот на кој се развива приказната, со многу побавно темпо од темпото на раскажување на кое доминантно сме навикнати денес, се работи кои ми го задржаа вниманието и кои направија да уживам на книгата на сосема поинаков начин.

За оваа книга поважно е „возењето“ низ приказната, отколку пристигнувањето на крајот. Понекогаш може да ви се чини дека не се случува ништо важно, но сето тоа е дел од шармот на книгата која на многу интересен начин го покажува растењето и созревањето на еден млад човек околу Првата светска војна, млад човек кој се труди да се спознае себеси, животот и светот околу себе и решава да отиде во војна за да го дознае тоа. Дали ќе дознае или не, тоа останува да го дознаете откако ќе ја прочитате книгата.

Она што ми е фасцинантно и една од причините поради кои обожавам да читам книги од минатиот век (особено 20-ти, 30-ти, 40-ти години на 20 век), покрај стилот на пишувањето кој е вистинска реткост денес, е тоа што многу често гледаме како некои процеси се универзални и не зависат од периодот во кој живее еден човек. Да, околностите прават разлика, но желбата на човекот, особено младиот човек, да го пронајде своето место во светот е вечна и постојана. И додека ги читав размислувањата на Клод, главниот лик во книгата, честопати се фаќав себеси како размислувам дека голем дел од тие размислувања, грижи и двоумења се присутни кај голем дел од младите, па и возрасните, што значи дека светот можеби се менува, но некои основни желби и копнежи на човекот – не. Тоа ја прави книгата истовремено универзална, а сепак специфична за времето во кое е напишана.

„Ивет“ – Ги де Мопасан

Издавачка куќа: ПНБ Публикации
Оцена: 4/5
Осврт:
Во оваа кратка новела, Мопасан го покажува својот талент во полн сјај. Се чита на едно седнување и покрај тоа што е кратка, во однос на случувањата е навистина содржајна и полна со многу настани и случувања, иако истовремено и нема многу случувања. Звучи контрадикторно, но кога ќе ја прочитате ќе сфатите на што мислам.

Ивет е млада ќерка на позната куртизана во Париз, но нејзината мајка успешно ја заштитувала од тоа спознание и таа е млада, наивна, но и навистина убава девојка која почнува да го привлекува вниманието на мажите. Таа сака да пронајде љубов и има ведар дух, а еден од главните ликови се сомнева дали е навистина таква или само глуми. Кога ќе дознае каква е професијата на мајка ѝ, Ивет ја фаќа очај и сака да побегнат заедно на место каде што ќе започнат нов живот. Сето ова води кон драматичен сплет на околности кој на крај доаѓа до својата кулминација.

Leave a comment