Зошто треба да ја прочитате „Злосторство и казна“ од Фјодор Достоевски?

„Злосторство и казна“ е едeн од најпознатите романи на сите времиња. Досега веќе неколку пати на блогот се појавиле текстови за оваа неверојатна книга. Како што знаете, TED-Ed постојано прави одлични анимирани видеа кои имаат за цел да ги поттикнат луѓето да читаат одредени автори и дела. Во денешниот текст ќе имате можност да го прочитате транскриптот на македонски јазик, чиј превод го има и на официјалната страница на TED-Ed, во превод на Александра Спироска и Александар Митевски, а подолу ќе можете да го погледнете и анимираното видео на англиски јазик.

Што наведува некого да изврши ладнокрвно убиство? Што му минува низ глава на убиецот? И од какво општество излегуваат овие луѓе? Пред повеќе од 150 години Фјодор Михајлович Достоевски се занимавал со овие прашања во едно од најпознатите дела на руската книжевност „Злосторство и казна“. 

Првпат објавен во продолженија во книжевно списание, во 1866 г., романот раскажува за Родион Романович Раскољников, млад студент по право во Санкт Петербург. Раскољников живее во крајна сиромаштија, и на почетокот од приказната снемува средства за да продолжи со студирање. Писмата од дома само му ја отежнуваат ситуацијата кога ќе сфати колку мајка му и сестра му се жртвувале за тој да успее. Сѐ поочаен, откако ја продава последната драгоценост на една стара лихварка, се одлучува да ја убие и ограби. Но последиците од ваквиот незамислив чин се многу поголеми од она за што тој бил подготвен. 

Иако романот понекогаш се нарекува еден од првите психолошки трилери, неговиот домен е многу поголем од внатрешниот неспокој на Раскољников. Од осојничавите кафеани до трошните станови и клаустрофобичните полициски станици, подземјето на Санкт Петербург од 19 век оживува во блескавата проза на Достоевски. Се запознаваме со ликови како Мармеладов, очаен бивш службеник кој преку пијанството го води семеството во пропаст, и Свидригајлов, душевно болен и развратен благородник. Кога семејството на Раскољников доаѓа во градот, нивниот морал служи како целосна спротивност на изопаченоста околу нив, дури и кога судбините ќе им се испреплетат сѐ повеќе. 

Суровиот портрет на руското општество го одразува сложениот живот на авторот, искуствата и развојот на неговите идеи. Како млад писател што ја оставил надежната кариера како војник, Фјодор го привлекувале идеите за социјализам и реформи, па се придружил на круг интелектуалци да расправаат радикални текстови забранети од царската влада. Кога ги откриле, членовите на групата, меѓу кои Достоевски, биле уапсени. Иако многумина биле осудени на смртна казна, сепак биле подложени на лажно погубување и помилување од царот во последен миг. Достоевски ги поминал следните 4 години во работен логор во Сибир пред да го ослободат во 1854. Од таму стекнал многу попесимистички поглед на социјалните реформи и се насочил на духовните прашања. Во романот „Записи од подземјето“ од 1864 г., го изложил верувањето дека утописките западни филозофии никогаш нема да ги задоволат контрадикторните копнежи на душата. „Злосторство и казна“ е почнат и завршен следната година, продолжувајќи да се занимава со слични теми. 

На многу начини, романот ја следи познатата наративна нишка каде надежен младич е заведен и упропастен од опасностите на градскиот живот. Но неговата социјална критика оди подлабоко. Раскољников образложува дека личниот напредок во замена за смртта на лихварката би бил чиста добивка за општеството. Во ваквата постапка, се одразуваат доктрините на егоизмот и утилитаризмот кои ги прифатиле многу интелектуалци, современици на Достоевски. А верувајќи дека интелигенцијата му дозволува да ги надмине моралните табуа Раскољников се оддалечува од сопствената човечност. Но иако вистински се занимава со прашања за моралот, „Злосторство и казна“ никогаш не звучи само морализаторски. Секој од ликовите си има свој својствен и уверлив глас. Едно од најизвонредните нешта за „Злосторство и казна“ е способноста да возбуди иако поединостите за главното убиство се откриваат уште во првиот чин. Злосторството на Раскољников е јасно. Но само преку возбудливото раскажување на Достоевски за општествените и психолошките немири што претстојат ја откриваме вистинската природа на неговата казна – и можноста за искупување. 

Извор.

Leave a comment