Абдулразак Гурна е годинешниот добитник на Нобеловата награда за книжевност!

Нобеловата награда за книжевност оваа година оди во рацете на романописецот Абдулразак Гурна, за „неговото некомпромисно и страствено навлегување во ефектите на колонијализмот и судбината на бегалците во заливот помеѓу културите и континтентите.“

Абдулразак Гурна се родил во 1948 година и пораснал во Занзибар, а во 60-тите години на 20 век пристигнал во Англија како бегалец. По мирното ослободување од британското колонијалистичко владеење, во 1963 година во Занзибар започнала револуција, која под претседателот Абеид Каруме завршила со опресија и прогонување на граѓаните од арапско потекло, кои вклучувале и масакри.

(Извор: Официјалната страница на Нобеловите награди на Фејсбук)

Тој не можел да се врати назад во својата татковина сè до 1984 година, кога успеал да го види својот татко пред тој да почине. Пред неодамна да се пензионира, тој бил професор по англиски јазик и постколонијална книжевност на Универзитетот Кент во Кантербери. Има објавено десет романи и повеќе кратки раскази. Во неговите дела најчесто се провлекува судбината и животот на бегалците.

Неговата посветеност кон вистината и неговата одбивност кон поедноставување се неверојатни и тоа може на моменти да го прави мрачен и некомпромисен, но истовремено ги следи судбините на поедници со големо сочувство и посветеност. Тој ги предизвикува стереотипите кои ги имаме за Африка и го отвора погледот на читателот кон различните култури во источна Африка. Во неговиот книжевен универзум, речиси сè е променливо: спомените, имињата, идентитетите.

Во телефонскиот разговор кој можете да го слушнете подолу, Гурна вели дека кога му се јавиле да му соопштат дека ја добил наградата, најпрво помислил дека се работи за некоја шега и дека воопшто не му ни паднало на памет дека може тој да биде добитникот и дека се прашувал кој ќе ја добие наградата годинава.

Честитки!

Извор.

One comment

Leave a comment