Денес започнува седмото издание на Фестивалот на европската литература „BookStar“!

Од денес, сè до 15 октомври, сите патишта на љубителите на книги водат кон Младинскиот културен центар, бидејќи започнува седмото издание на Фестивалот на европската литература „BookStar“, во издание на книжевниот центар „Антолог“.

(постерот е изработен од  Стефан Танков, извор на сликата: Антолог)

Како што наведуваат тие во најавите кои ги објавуваа овие денови, „четири дена, девет гости и многу книги, книжевни промоции, дискусии и други настани што ја слават европската книжевност.“ Помеѓу останатите гости, љубителите на книги ќе имаат можност да ги следат гостувањата на нашиот Влада Урошевиќ (ќе биде претставена и неговата книга „Viola arsenica“), но и на други писатели како Миодраг Мајиќ (Србија), Катарина Винклер (Австрија), Огнен Спахиќ (Црна Гора), Сјон (Исланд), Балсор Хоџа (Косово), Софија Лундберј (Шведска), Михаела Гашпар (Хрватска) и уште многу други. Целата програма и сите учесници можете да ги видите тука.

Во продолжение погледнете и го и електронскиот каталог за Фестивалот, во кој, освен програмата за фестивалот, можете да прочитате повеќе за гостите, настаните, дискусиите и слично.

Како што наведуваат Антолог, посетителите ќе имаат можност да ги набават книгите добитнички на престижната Награда за литература на Европската Унија, но и други наслови од најдобрата европска продукција. Исто така, ти велат дека ќе имате можност да се запознаете и со Зборче, секогаш достапна мобилна книжарница, која ќе ви ги приближи најдобрите книги во најквалитетен превод на македонски јазик, а дополнително ќе биде отворена и Кутијата на приказни, овој пат со сосема едноставно прашање за вас: Кој/и автор/и сакате да го/ги видите на BookStar 2022?

Дизајнот на официјалниот фестивалски постер и на другите промотивни материјали е на Стефан Танков, а настанот е организиран во соработка со Младинскиот културен центар, каде што ќе се одржат фестивалските настани.

Влезот на сите фестивалски настани е бесплатен, но задолжителен е вакцинален сертификат. За време на Фестивалот, ќе бидат почитувани сите протоколи и заштитни мерки за превенција од ширење на КОВИД-19.

Фестивалот е поддржан од Делегацијата на Европска Унија, Министерство за култура, мрежата „Традуки“, Градот Скопје, Амбасадата на Австрија, Амбасадата на Кралството Шведска, Амбасадата на Полска, Исландскиот книжевен центар, Младинскиот културен центар, Друштвото на писатели на Македонија и Глобал такси.

За повеќе детали и новости, следете ги официјалниот настан за фестивалот на Фејсбук и официјалната страница на Антолог на Фејсбук.

Leave a comment