Вистинската трагична животна приказна на Оскар Вајлд…

Оскар Вајлд е еден од најлегендарните писатели на 20 век, а неговите мисли и дела се актуелни и денес, особено „Сликата на Доријан Греј“, роман кој е безвременски како и младоста на главниот лик на романот. На 16 октомври 1854 година се родил овој познат писател кој освен по делата е познат и по неговиот бурен живот, човек што бил изневерен од највисоките општествени кругови и чиј живот бил уништен. Се наближува годишнината од неговото раѓање, па по тој повод во продолжение прочитајте го овој интересен текст на порталот „Grunge“. За оригиналната верзија на англиски јазик, најдолу имате линк преку кој можете да пристапите до оригиналната статија.

(Извор на сликата: Scottish Rite)

Легендарните книжевници доаѓаат во неколку основни варијации. Некои се толку историски далечни, а нивната работа е производ на нивната ера, што понекогаш е тешко за некои читатели да се поврзат со нив на човечко ниво. Некои произведуваат дела што сè уште моќно оддекнуваат и денес, но личноста на авторот се изгубила во времето, со што читателите чувствуваат голема раздалечност од авторот.

А има и книжевни легенди како Оскар Вајлд, кој зад себе оставил не само остроумно, емоционално моќно (и често духовито) творештво, туку и мноштво од духовити, досетливи мисли и заклучоци што прават човекот зад зборовите да делува вистински и модерен. Но, она што исто така го олеснува поврзувањето со Вајлд е неговата депресивна животна приказна, која била приказна за неизмерно талентиран човек кој доживеал загуби и тешкотии. На крајот на краиштата, иако бил вешт со зборовите, тој не можел да пишува доволно за да ја избегне смртта, болестите и предавството. Од срцепарателното детство до катастрофални љубовни врски, ова е трагичната вистинска приказна за животот на Оскар Вајлд.

Оскар Вајлд доживеал неверојатно трагична загуба во детството

Оскар Вајлд ја имал првата средба со трагедијата кога неговата помлада сестра Изола починала неочекувано по кратко боледување. Вајлд имал само 12 години, а Изола речиси десет. Тој бил многу близок со неа, како дете редовно го посетувал нејзиниот гроб, а до крајот на својот живот чувал прамен од нејзината коса во плико. Седум години подоцна, тој ја напишал песната „Requiescat“, која започнува нежно со стихот: „Чекори лесно, таа е близу“, а завршува со стиховите: „Целиот мој живот е закопан тука/Купишта земја врз него“.

Уште потрагично, во 2014 година бил откриен таен дневник напишан од Вајлд кој нуди докази дека има повеќе тајни околу врската на Оскар и Изола. Анџела Кингстон, авторка и експертка за Вајлд, забележува (според „The Irish Times“) дека дневникот содржи алтернативна верзија на песната со стиховите „Да не сакавме толку добро/Не сакавме воопшто/Никој немаше да го заѕвони на ѕвоното/Никој немаше да го поднесе товарот“. Кингстон шпекулира дека ова, во комбинација со многу повикувања на мртви златнокоси девојки во неговото творештво, укажува на тоа дека писателот се обвинува себеси за загубата на Изола.

(Надгробната плоча на сестрата на Оскар Вајлд, извор: Pinterest)

Ужасната судбина на полусестрите на Оскар Вајлд

Изола не била единствената сестра што тој ја загубил, иако можеби не бил свесен за постоењето на неговите две полусестри, Емили и Мери. Двете девојки биле вонбрачни ќерки на неговиот татко и биле израснати од роднини со цел да се заташка скандалот. Во 1871 година, кога Вајлд имал 17 години, Емили и Мери Вајлд присуствувале на забава по повод Ноќта на вештерките во една куќа во Ирска. Нивниот домаќин, Ендрју Рид, побарал од една од сестрите да го одигра последниот танц на крајот на вечерта, а нејзиниот фустан некако се запалил од свеќите поставени за да ја осветлат собата. Нејзината сестра побрзала да ѝ помогне на нејзината преплашена сестра и во процесот се запалил и нејзиниот фустан. Огнот за кусо време бил изгаснат, но двете девојки се здобиле со ужасни изгореници и, според „Irish Central“, починале набргу по овој настан.

(Слика на која е претставен трагичниот настан, извор: listverse)

Она што е уште почудно е тоа што, веројатно во обид повторно да се скрие скандалот, ирскиот историчар Тео Мекмахон, како што наведува „Атлас Обскура“, открил дека во извештајот на судскиот вештак имињата на девојчињата биле сменети во „Мис М Вајли“ и „Мис Л Вајли“, па така нивната поврзаност со семејството Вајлд никогаш не излегла надвор од границите на локалните усни прераскажувања. Многу е веројатно дека Оскар воопшто не ни знаел за постоењето на Емили и Мери.

Разочарувањето од љубовта во младоста

Мајката на Оскар Вајлд, Џејн, била славна поетеса во своето време, и редовно организирала приеми во својот дом на кои присуствувале креативни луѓе. Овие салони биле посетувани од некои од најдобрите и најпаметните уметници и писатели од тоа време. Вајлд како дете често бил присутен на овие настани и најверојатно ги полирал своите духовити и книжевни досетки токму на овие неформални собири. Исто така, таму се сретнал со една млада жена која ја опишал како „исклучително убава девојка“ и како „најсовршеното убаво лице што некогаш сум го видел, а нема ни денар.“

Нејзиното име било Флоренс Ен Лемон Балкомб, и кога била на одмор со семеството Вајлд во Ирска, тие двајца се состанувале. За тажниот крај на оваа врска може да се обвинат и салоните на Џејн, бидејќи еден од креативните луѓе што редовно присуствувал на собирите бил Брам Стокер, навистина чуден автор кој две децении подоцна ќе го напише романот „Дракула“. Според биографот на Стокер, Дејвид Џ. Скал (наведено во „The Paris Review“), кога Вајлд отишол на училиште во Оксфорд, Стокер бил гостин на семејството Вајлд за време на божиќните празници, и не долго потоа, тој и Балкомб се вериле. Наводно, Вајлд бил уништен кога дознал дека девојката што ја сака ќе се мажи за некој друг, иако тој и Стокер на крајот ги средиле работите.

Многу набргу дошло до заладување на односите во бракот

Оскар Вајлд се заљубил и се оженил со силна и независна жена, Констанс Лојд, која била талентирана писателка. Лојд и Вајлд се венчале во 1884 година. Како што навел весникот „Гардијан“, според авторката Френи Мојл, Констанс и Оскар на почетокот биле среќни. Таа одговорила на неговиот предлог за брак со белешка во која пишувало: „Сè додека живеам, ти ќе бидеш мој љубовник“, а Вајлд почнал да ги советува сите негови пријатели да се венчаат.

(Сопругата на Оскар Вајлд, Костанс, извор: The Lancet)

Лојд и Вајлд ја делеле љубовта кон модата и внатрешното декорирање, и тие важеле за прилично модерен пар во Лондон. Тие имале две деца, Сирил и Вивијан, но, според кажувањата, раѓањето на Вивијан било тежок процес за Констанс. После тоа, нивната врска се оладила и Лојд почнала да поминува сè повеќе време надвор од својот дом, а Вајлд се запознал со младиот човек по име Роби Рос, кој наскоро му станал љубовник.

Неизвесно е кога Лојд сфатила дека нејзиниот сопруг е неверен. Всушност, кога Вајлд испратил друг љубовник (Алфред „Боузи“ Даглас) да се пакува по некоја нивна расправија, Лојд била таа што на крајот го поканила Даглас да се врати назад во нивниот дом и нивните животи. Но, дефинитивно е јасно дека по раѓањето на Вивијан, сè се променило помеѓу Лојд и Вајлд, а тоа од друга страна довело до серијата настани што на крајот ќе го стават Вајлд во затвор и ќе ја уништат неговата кариера.

Постоела можност да го избегне затворот

Оскар Вајлд се сретнал со Лорд Алфред „Боузи“ Даглас, син на Маркизот од Квинсбери, во 1891 година, и тие наскоро станале љубовници. Даглас го запознал Вајлд со светот на геј проститутки, што наскоро станала редовна активност за Вајлд. Сепак, таткото на Даглас бил конзервативен и директен човек, и тој и Вајлд имале неколку расправии во врска со односот на писателот со неговиот син, кулминирајќи со тоа што маркизот оставил картичка за Вајлд во клубот на авторот, со порака напишана за целиот свет да го види тоа што го напишал: „За Оскар Вајлд, позер сомдомит“.

Ова било опасно обвинување, но Вајлд имал избор. Историчарите велат дека тој можел да избега во Франција, каде хомосексуалноста не била незаконска и да почека работите да стивнат. Но, наместо тоа, загрижен за неговиот имиџ во јавноста и охрабрен од Даглас, тој одбрал да го тужи маркизот за клевета. Ова било катастрофална грешка, бидејќи единствениот начин преку кој маркизот можел да победи било да ги докаже своите тврдења, што било многу лесно, бидејќи Вајлд никогаш не бил особено дискретен, а Боузи бил горе-долу токму спротивното од „воздржан“.

(Оскар Вајлд и Алфред Даглас, извор: Vintage News Daily)

Судењето за клевета завршило во корист на маркизот, а претставените докази веднаш биле искористени за Вајлд да биде обвинет за „непристојно однесување“, обвинение што често се користело за гонење на хомосексуалците. Неколку месеци подоцна, Вајлд бил во затвор, а пет години подоцна бил мртов. А сè можело да се избегне доколку Вајлд решел да отиде на одмор.

Човекот што го уништил Оскар Вајлд бил ужасен човек

Оскар Вајлд ќе остане запаметен по својата духовитост и пишување, како и неговиот престој во затвор поради „груба непристојност“ во 1895 година, кога имал 41 година. Обвиненијата произлегле од неговата врска со Лорд Алфред Даглас. Во Англија во тоа време имало закон со кој „грубата непристојност“ се сметала за кривично дело и главно се користел за гонење на хомосексуалците. Се разбира, проблемите и страдањата на Вајлд можеби би биле поподносливи доколку Даглас бил човек достоен за посветеност и лојалност, но тој дефинитивно не бил тоа.

„Гардијан“ пренел дека според биографот Даглас Мареј, Даглас не само што не го одбранил Вајлд откако го охрабрил да поднесе тужба за клевета што водела до неговиот пад, туку потоа го поминал остатокот од животот оцрнувајќи го Вајлд (тој во 1918 година зборувал за неговиот поранешен љубовник дека бил „најголемата сила на злото што се појавила во Европа во последните 350 години“), најверојатно поттикнат од потресното писмо што Вајлд го напишал додека бил во затвор, „Де Профундис“, што во најмала рака не го прикажува Даглас во добро светло.

Даглас исто така бил жесток антисемит, и кога не се обидувал да го прегази Вајлд, пишувал за еврејски заговори. Како краен заклучок, ако вашиот живот треба да биде уништен од забранета љубов, човекот на другата страна од таа љубов барем нека биде пристојно човечко суштество.

Трагичната смрт на неговата сопруга

Можеби ќе помислите дека откривањето на фактот дека славниот, неверојатно талентиран сопруг имал многу афери и се забавувал со проститутки, ќе биде повод за голема лутина… и дефинитивно би биле во право. Иако се чини дека неговата сопруга Констанс Лојд толерирала некои од раните афери на Оскар Вајлд (веројатно затоа што вклучувале уметници, па дури и заеднички пријатели), откритијата и последиците од судењето на Вајлд за „груба непристојност“ во 1895 година создало огромен јаз меѓу нив. Таа го променила своето презиме (и презимињата на нивните деца) во Холанд и побарала Вајлд да се откаже од старателството, преселувајќи ги децата во Швајцарија. Децата никогаш повторно не го виделе својот татко.

(Вајлд со сопругата и едниот син, извор: Pinterest)

А сепак, таа никогаш вистински не го напуштила. „Гардијан“ го наведува искажувањето на авторката Френи Мојл која кажала дека Констанс го посетувала Вајлд во затвор, го пофалила неговото подоцнежно творештво и никогаш не се развела од него. Но, Лојд ќе биде уште една загуба што Вајлд морал да ја претрпи во последните денови од неговиот трагичен живот. Таа ги поминала последните години од нејзиниот живот во постојана болка што лекарите не успеале да ја дијагностицираат, и таа трагично починала на 39 години по една лоша операција, која најверојатно требала да ѝ го поправи пролапсираниот мочен меур. Нејзината болка и симптомите биле мистерија речиси еден век, но во написот објавен од „Лансет“ во 2015 година, д-р Ешли Робинс и внукот на Вајлд, Мерлин Холанд, заклучиле дека најверојатно боледувала од мултиплекс склероза. Вајлд, кој умрел само две години подоцна, морал да отпатува во Џенова, Италија, за да положи цвеќе на нејзиниот гроб.

Дури и псевдонимот што го користел бил мрачен

Оскар Вајлд бил човек што ја сакал својата слава. Според „HuffPost“, авторот Дејвид М. Фридман смета дека Вајлд ја измислил таканаречената „култура на славните личности“ во Америка, преку својата турнеја од 1882 година, каде држел предавања, и кога Вајлд ја достигнал славата, неговата вистинска работа добила помал приоритет наспроти неговиот друг интерес, односно да биде нешто како професионален гостин на вечери.

Со други зборови, Вајлд никогаш не бил човек што избегнувал да биде во центарот на вниманието, но по апсењето и последователниот период во затвор, се чинело дека го загубил тој порив. Всушност, станало толку лошо што додека талкал низ Париз и другите делови на светот по излегувањето од затвор, тој го присвоил името Себастијан Мелмот. Бидејќи Вајлд сè уште бил Вајлд, ова име има свое книжевно значење, повикувајќи се на роман од 1820 година на Чарлс Матурин (пра-чичко на Вајлд) за човек што ја продава својата душа за дополнителни 150 години живот, само за да ги потроши талкајќи низ светот во потрага по некој што ќе го преземе долгот.

Даглас не го предал еднаш, туку двапати

Лорд Алфред „Боузи“ Даглас бил клучен за падот на Вајлд. Прво, го охрабрил да го тужи неговиот татко за клевета, откако тој го обвинил Вајлд дека е хомосексуалец во време кога во Англија тоа било незаконски. И работите станале уште полоши кога Даглас не застанал во одбрана на Вајлд за време на судењето. Па така, сите се шокирале кога Вајлд се сретнал со Даглас во Руан во 1897 година, а потоа заедно се вселиле во изнајмена вила во Неапол.

(Извор: Brain Pickings)

Авторот Николас Френкел пишува дека двајцата мажи биле постојано без скршен денар во џебот и покрај џепарлакот од сопругата на Вајлд и мајката на Даглас, и биле принудени да заминат од еден хотел кога другите гости протестирале против нивното присуство. Никој не можел сосема да поверува дека Вајлд повторно се сретнал со Даглас, но дури и кога сопругата на Вајлд му се заканила дека ќе прекине да му дава паричен надоместок, писателот одбил да го напушти Боузи. Даглас, од друга страна, попуштил и го напуштил Неапол, а неговата мајка му испратила 200 фунти на Вајлд за да се држи настрана од него. Не е тешко да се замисли дека ова конечно предавство и повторно кршење на срцето довело до неговата осамена, осиромашена смрт две години подоцна.

Во времето околу неговата смрт, тој бил осамен и скршен

Оскар Вајлд не бил само одличен писател. Тој исто така бил неверојатен гостин и славна личност, чие друштво и неговите духовити забелешки постојано биле барани. Дури и кога бил во затвор и веднаш по ослободувањето, Вајлд успеал да создаде две извонредни дела: „Де Профундис“, писмо во кое зборува за односите со лордот Алфред Даглас што го одвеле до затвор и неговото духовно будење за време на казната, и песна „Балада за затворот Рединг“, опишувајќи погубување на кое бил сведок и истражувајќи ги темите за затвор и бруталност.

Но, за време на последните години во Париз, „Гардијан“ вели дека според авторот Николас Френкел, овој брилијантен и смешен човек најчесто го поминувал времето сам, пиејќи многу и живеејќи во евтини мотели (му напишал писмо на својот издавач неколку месеци пред да умре во кое изјавил: „Оваа сиромаштија навистина го крши срцето“). Наводно, разделбата со неговите деца го оптоварила, а пропаста на неговата професионална кариера сигурно тешко му паднала. Најлошо од сè, како за славен писател, тој не пишувал, велејќи дека „ја загубил радоста за пишување“. Сепак, дури и во последните денови кога бил врзан за кревет, во себе ја имал таа негова препознатлива духовитост. Неговите последни зборови, наводно, биле: „Јас и моите тапети се бориме во дуел до смрт. Еден од нас мора да си замине”.

Умрел во агонија

За Оскар Вајлд естетиката била неверојатно важна. Тој верувал дека уметноста постои заради самата себе, и дека убавината е цел сама по себе. Всушност, тој и неговата сопруга, Констанс Лојд, биле познати по тоа што создале „Убава куќа“ во раните, посреќни години. Оттаму, страшна била навредата што произлегла од гласините што многу долго време се ширеле дека Вајлд починал од сифилис, гласина која очигледно била поттикната од неговиот слободен начин на живот.

Како за човек посветен на идеалите за уметноста и убавината, во неговите последни денови немало ништо од тоа. Скршен и осамен, живеел во евтини хотели, и се чини дека му се разгорела инфекцијата на увото што го мачела со години. Според д -р Хауард Маркел (пренесено преку радио Мичиген), Вајлд најверојатно починал од менингитис што произлегол од оваа инфекција, а неговите последни денови најверојатно ги поминал во страшна агонија. Маркел ја отфрла идејата дека Вајлд имал сифилис, истакнувајќи дека тој не покажувал други симптоми на болеста, а никој од неговото семејство исто така никогаш не покажал никакви симптоми. Но, тоа не го менува фактот дека човекот кој создаде толку убавина за да уживаме во неа, умрел во беда, откако загубил сè.

Извор.

Leave a comment