Деновиве актуелна е темата за Нобеловата награда за книжевност која годинава отиде во рацете на Абдулразак Гутна. Нобеловата награда за книжевност за првпат е доделена во 1901 година и отишла во рацете на францускиот писател Сили Придом. Има Нобеловец дури и од нашите краишта, Иво Андриќ, кој ја добил оваа награда во 1961 година.

(Извор: Electric Literature)
Има многу писатели за кои многумина мислат дека со сигурност ја имаат добиено оваа престижна награда, со оглед на нивното влијание и почитта која ја уживаат кај светската јавност. Во продолжение прочитајте за неколку познати писатели кои ја немаат добиено Нобеловата награда за книжевност.
За денес избрав пет познати писател(к)и, а со оглед на тоа дека ги има многу, решив почесто да објавувам автори кои ѝ припаѓаат на оваа листа, бидејќи верувале или не – има еден куп писатели за кои можеби сте уверени дека ја добиле наградата, но сепак останале со празни раце. Во секој текст ќе се трудам да вметнувам писатели од различни држави, со цел да биде листата поразновидна.
Лав Толстој
Иако Нобеловата награда не се дава постхумно, сепак Лав Толстој живеел до 1910 година, па сосема било возможно да ја добие во некоја од тие неколку години. Но, како што е веќе познато, тој никогаш не ја добил оваа награда. Сепак, интересен е фактот дека еден од најголемите писатели на сите времиња никогаш не се закитил со оваа награда, иако временски тоа било сосема возможно. Според различни сведоштва, тој изјавил дека е благодарен што не ја добил наградата, затоа што парите што би ги добил како дел од наградата немало да му донесат ништо добро.
Марк Твен
Слична е ситуацијата и со Марк Твен. Марк Твен починал во истата година како Толстој, но и покрај неговото извонредно творештво кое и денес има влијание, меѓу кои се и делата „Хаклбери Фин“ и „Том Соер“, сепак не живеел доволно долго за да ја доживее можноста да ја добие оваа награда.
Марсел Пруст
Иако Марсел Пруст денес се смета за еден од најдобрите писатели на своето време, а неговото монументално дело „Во потрага по изгубеното време“ се сместува во сите листи на најдобри дела на сите времиња, сепак тој никогаш не ја добил Нобеловата награда за книжевност. Тој починал во 1922 година, што оставило простор од две декади за да ја добие наградата, но тоа не се случило. Наводно, според некои изјави, Пруст во тоа време го сметале за премногу експериментален. Интересно е како времињата се менуваат, зарем не?
Франц Кафка
Ова можеби е поразбирливо од другите, со оглед на тоа дека: 1) Кафка починал многу млад (на 40 години) и 2) Многу малку од неговите дела биле објавени за време на неговиот живот. Пред да почине, тој му оставил аманет на неговиот пријател Макс Брод да ги изгори и уништи неговите ракописи, но за среќа тој не го послушал и ги објавил неговите дела, меѓу кои се: „Процес“, „Замок“, итн. Па оттаму, кога станува збор за Кафка, можеби самите околности се виновни за тоа што тој не бил кандидат за оваа награда. Но, најголемата награда за него е тоа што денес е еден од највлијателните автори на 20 век и еден од најпочитуваните.
Вирџинија Вулф
Вирџинија Вулф била пионерка со популаризирањето на методот „тек на свеста“ и во своето време била исклучително влијателна. Нејзините неверојатни дела како „Госпоѓа Даловеј“, „Сопствена соба“, „Орландо“, „Кон светилникот“ и други, денес се сметаат за исклучителни дела кои се вистински белег на нејзината ера, но во тоа време, наводно, таа била премногу експериментална за Академијата. Инаку, од 1901 година наваму, само 16 жени ја имаат добиено оваа награда.
