Нов месец, нови можности за читање! Се чини дека времето лета и дека навистина e незапирливо. Денес започнува нов месец и многу блиску сме до крајот на годината. Како и на почетокот на секој месец, така и денес прочитајте ги препораките за читање!
„Хари Потер и каменот на мудроста“ – Џ. К. Роулинг

Издавачка куќа: Јас ја прочитав англиската верзија на Bloomsbury, но ја има и на македонски јазик во издание на Арс Ламина
Оцена: 5/5
Осврт: Долго време го имав серијалот на полици и никако не успевав да стигнам да го почнам да го читам. Ги имам гледано сите филмови од серијалот и малку стравував дека ќе ми влијае филмот врз тоа како ќе ја доживам книгата. Но, многу згрешив. Првиот дел од серијалот е едноставно прекрасен, магичен, ќе ве вовлече во тој прекрасен свет на Хогвартс, што ќе заборавите на сè она што сте виделе и што сте прочитале за Хари Потер.
Од првата страна едноставно веднаш се поврзав со приказната, заедно со Хари ги доживував сите нови работи и промени кои му се случуваат, едноставно прекрасно напишана книга. Иако сум возрасна личност, можам слободно да кажам дека ни малку не ја доживеав како книга за деца! Ја прочитав во еден здив и одвај чекам да ги прочитам и останатите делови. Топла препорака. Една од најубавите книги кои ги прочитав годинава.
Како што можеби знаете, дејството се врти околу Хари Потер, сираче кое живее со сестрата на мајка му и неговото семејство. Но, тој не знае колку е посебен и дека всушност е дел од еден магичен свет за кој никогаш не ни сонувал. Но, еден ден, му пристигнува писмо кое засекогаш ќе му го измени животот.
„Понеделник или вторник“ – Вирџинија Вулф

Издавачка куќа: ПНВ Публикации
Оцена: 5/5
Осврт: Вирџинија Вулф ми е една од омилените писателки и ретко се случува да не ми се допадне нешто од нејзиното творештво и навистина се израдував кога налетав на оваа кратка, малечка книга составена од неколку нејзини кратки раскази.
Нејзиниот стил на пишување е прекрасен и опфаќа повеќе различни тематики кои се напишани на прекрасен начин, но и голем дел од нив ќе ве замислат и длабоко ќе ве допрат.
Топла препорака!
„Жени во Собрание“ – Аристофан
Издавачка куќа: ТРИ
Оцена: 4/5
Осврт: Оваа античка комедија е една од помалку познатите на Аристофан, но дефинитивно вреди да се прочита. Група на жени решаваат да отидат во атинското Собрание, преправени како мажи, и бараат да им биде дадена власта на нив.
Откако ја добиваат власта, дејството се насочува кон работите кои се случуваат како последица на тоа. Дел од хуморот е производ на времето кога е пишувана, па така можеби нема да биде смешна за многумина, но дефинитивно е важна и интересна драма која за времето во кое е напишана е прогресивна и замислува свет во кој жените ги преземаат работите и власта во свои раце.
„Сите луѓе на кралот“ – Роберт Пен Ворен

Издавачка куќа: АРС ЛАМИНА
Оцена: 4/5
Осврт: Одлична книга! Добитник на Пулицеровата награда во 1947 година. Книга која го раскажува подемот и падот на еден фиктивен политичар Вили Старк, раскажано преку еден од неговите најблиски соработници, Џек Бурден.
Дејството на книгата започнува кога Старк е во екот на својата моќ, но временски книгата не се движи линеарно, затоа што има и навраќање во минатото, на почетоците на Старк, но и неговата приказна се испреплетува со приказната и работите кои се случуваат во животот на нараторот, неговиот најблизок соработник.
Одлична приказна за цинизмот на политиката и колку е таа понекогаш нечиста дејност која често уништува многу животи, но и дава убав опис за различните политички процеси кои се случувале во 30-тите години од 20 век во САД, особено на југот.
„Летото смени сè“ – Сара Морган

Издавачка куќа: САКАМ КНИГИ
Оцена: 3/5
Осврт: Ова е вториот дел од серијалот за браќата О’Нил (за првиот пишував тука). Оваа книга ја следи приказната на семејството и одмаралиштето „Снежен Кристал“.
Откако во првиот дел се запознавме со најстариот син Џексон, во вториот дел ја следиме приказната на Шон и неговиот однос со неговите браќа, но и со готвачката Елиз, со која имаат неверојатна хемија, но и двајцата не се сигурни што всушност чувствуваат. Од друга страна подобро се запознаваме и со Елиз, која е темпераментна Французинка, но која во себе чува болка и тајни кои не ги открила никому.
Топла, интересна и забавна книга, која ќе ви го задржи вниманието и дефинитивно ќе ви овозможи да се одморите од тешките и напорни денови.
