Зошто во 19 век библиотекарската работа се сметала за опасна за жените?

За многу љубители на книги, идејата да се биде библиотекар(ка) звучи како остварување на соништата. Нема сомнеж дека има многу работа, но да се биде опкружен со толку многу книги сигурно помага околу тоа да се намали стресот од работата. Сепак, во викторијанската ера во Англија, улогата на библиотекарите со себе носела одредена стигма, особено за жените бибилиотекари.

Како што наведува JSTOR Daily, кон крајот на 19 век, библиотекарката Розали МекРејнолдс пишувала за потенцијалните ризици околу тоа да се биде библиотекарка. Како што се урбанизирал животот во втората половина на 19 век, мажите почнале да се селат за да се занимаваат со покомерцијална работа. Во меѓувреме, идејата дека жените треба да останат дома и да не прават ништо, станало нешто како популарен статусен симбол. МекРејнолдс напишала: „Иронично е тоа дека додека мажот е позитивно оценет за неговата напорна работа, тој добива дополнителни статусни поени во зависност од удобноста во која уживаат неговите женски членови на семејството.“

Како што можете да замислите, да се биде затворен по цел ден дома, не правејќи ништо, не било баш најдобро за менталното здравје на жените и тоа водело кон состојби кои во тоа време биле познати како „нерви“ или „аморфни женски жалби“. За жал, овие состојби исто така почнале да се сметаат за гламурозни и како што кажала МекРејнолдс: „’Нервите’ станаа синоним за разгалената жена, а популарната слика за неа стана онаа на исцрпената убавица, која е оптегната на нејзиниот диван.“

До 60-тите години на 18 век, демографијата почнала да се менува и, особено во урбаните средини, жените почнале да се мажат подоцна во животот и немале семејни пари за да се издржуваат. Да се биде библиотекарка станало очигледен избор за овие жени. Многумина од нив го добиле своето образование на женски факултети и биле навистина образовани. Работата се сметала за соодветна за жени бидејќи не вклучувала многу физичка работа и раководителите биле среќни што ја добивале оваа стручна (и евтина) работна сила во нивните библиотеки.

Сепак, многу луѓе во оваа викторијанска ера сметале дека таквата работа е премногу за „поубавиот пол“ и, во 1886 година, Мевил Дјуи (од Децималниот систем на Дјуи) предвидел дека библиотекарките ќе почнат да страдаат од лоша здравствена состојба. Предвидувањата не биле толку неточни како што звучи, и мал број жени навистина имале проблеми и побарале продолжени периоди на отсуство за да се опорават. Всушност, во 1900 година, како што вели МекРејнолдс, Бруклинското здружение на јавни библиотеки планирало „да изгради дом за одмор покрај море за оние што се скршија за време на нивната служба во библиотеките“. Говорник на конференцијата на Американското здружение на библиотеки во 1910 година изјавил дека познава педесет библиотекарки кои станале онеспособени од нивната работа, а некои од нив наводно починале.

МекРејнолдс пишува дека не треба да претпоставуваме дека овие заболувања не биле „вистински“, а некои историчари веруваат дека проблемите со менталното здравје со кои се соочувале некои жени биле предизвикани од нивната многу ограничена улога во општеството. Сепак, МекРејнолдс пишува дека овие нарушувања влијаеле само на мал број од женските библиотекари, иако оваа негативна перцепција сепак почнала да преовладува во општеството. Стравот дека долгите часови работа или интелектуална стимулација можат да бидат штетни за жените, довело до тоа некои жени да избегнуваат да бараат вработување. Дури и оние што имале работа, честопати не добивале доволно работа или не добивале унапредување од нивните претпоставени (и мажи и жени) поради грижа за нивното здравје.

За среќа, во 20 -тите години на 20 век, психијатрите сè повеќе напредувале кога станувало збор за менталното здравје и идејата дека улогата на библиотекарка, заедно со другите вработувања за жени, може да биде штетна почнала да опаѓа. Работничките во различни полиња брзо ставиле крај на таквите размислувања со нивната напорна работа и стручност.

Извор.

Leave a comment