Ф. Скот Фицџералд и неговата млада невеста, оригиналната „флаперка“ на Америка, Зелда, изнајмиле куќа во Вестпорт, Конектикат, само четири месеци по нивниот брак во 1920 година. Но, за тоа кратко време, хедонистичките забави успеале да ја размрдаат заспаната заедница со алкохол и голотија, во атмосфера која подоцна ќе стане основа за „Големиот Гетсби.“
Скот Фицџералд се сретнал со Зелда Сајр во Монтгомери, Алабама, на танц во еден клуб во 1918 година. Тој бил млад поручник од „Св. Павле“ и дипломиран студент на Принстон. Таа била убавицата на игранката. Зелда пушела и пиела и ги споделила нејзините големите соништа со нејзиниот американски убавец. Тие се венчале во април 1920 година, само неколку недели по објавувањето на неговиот роман „Оваа страна на рајот“.

Опиен од успехот на романот, чие прво издание веднаш се распродало, Скот го изнајмил апартманот 2109 во хотелот „Билтмор“ во Њујорк за нивниот продолжен меден месец. Тоа биле раните почетоци на т.н ера „Разуздани 20-ти“, и нивното однесување било шокантно во тој период од ерата.
Според биографот на Фицџералд, Ендрју Турнбул, Скот често правел „стој на раце“ во фоајето на хотелот „Билтмор“. Кога оделе во театар, Скот и Зелда „молчеле за време на смешните делови, а врескале на сериозните делови кога публиката била тивка… Тие се извлекле од тоа поради нивната класа и префинетост“. И покрај тоа, луѓето во „Билтмор“ брзо се умориле од нивните лудории и ги замолиле младенците да си заминат, бидејќи „постојаните будалаштини за време на нивното присуство се сметаат за штетни за добриот ред и мирните ноќи“. Тие за брзо време се преселиле во друг хотел, „Комодор“, пред да одлучат да летуваат надвор од градот, каде што Зелда би можела да плива додека Скот пишува. Тие изнајмиле сива куќа во Вестпорт, Конектикат.
Според биографијата „Зелда Фицџералд: Трагичната, прецизно истражена биографија на Високата свештеничка на ерата на џезот“ од Сали Клајн, нивниот пријател Едмунд Вилсон рекол дека по пристигнувањето, Зелда одлучила да „го промени својот стил и да се однесува како конвенционална дама, да оди на посети и да прима повици, но и да упатува учтиви поздрави“.

Но, трезвениот начин на живот бил неодржлив за веселата Зелда. Наскоро, како што напишала Клајн, „веселбите повторно почнале во нивната селска куќа“. На забавите се точело џин со сок од портокал. Плажата Компо и нејзините павилјони го создале амбиентот и овозможиле мала доза на приватност. Млади мажи и жени влегувале и излегувале од брановите во различни состојби на облеченост. Клајн напишала: „Фицџералдови и нивните пријатели, уживале голи во оргиите во Вестпорт“. Биографот на Фицџералд, Џејмс Мелоу, ги опишал „дивите забави на плажа“ и писателот и неговата сопруга ги опишал како љубители на „луди возења по Пост Роуд со нагли запирања покрај попатните крчми за да го надополнат снабдувањето со џин“.
Ова не им било забавно на мештаните. Фицџералдови ги вознемириле властите кога пријавиле лажна тревога за пожар. Пожарникарите пристигнале на местото на настанот, а еден од нив прашал каде е пожарот. Клајн напишала дека Зелда „драматично покажала на градите и рекла:„ Еве, тука“!
Воспоставувајќи преседан што ги следел и во нивните преостанати години заедно, младенците ужасно многу се расправале. Еден од нивните гости, Александар МекКејг, во своите дневници во 1920 година запишал: „Тие велат дека бракот не може да успее“. Клајн во биографијата за Зелда напишала: „Домашниот живот не бил поуреден отколку во хотелите на Менхетен. Валкани алишта се натрупале во плакарите. Ниту Зелда ниту Скот знаеле да готват. Очајно им бил потребен слуга“.
Со години, многумина претпоставувале дека „Големиот Гетсби“, најпознатиот роман на Фицџералд, бил инспириран од двете години на парот во Лонг Ајленд. Но, во една статија од 1996 година во „Њујоркер“, романсиерката Барбара Пробст Соломон, која пораснала во близина на плажата Компо, теоретизирала дека ликот на Џеј Гетсби се заснова на милионер кој живеел во Вестпорт, дека вилата на Гетсби е моделирана по хотелот во Лонгшор и теренот за голф кој се наоѓал таму, и дека плажата ги има истите пејсажи опишани во романот.

Локален историчар за „Вестпорт Печ“ во 2010 година рекол: „Летото кога живееле овде било лето кое многу влијаело на обликувањето на неговиот живот. Тој излегол директно од Средниот Запад и бил многу сиромашен. Ако го читате Гетсби и се шетате низ Лонгшор, нараторот Ник живее веднаш до големата палата. Во суштина, суштината на приказната, односно идејата млад човек да биде сосед на богат човек, совршено ја отсликува хронологијата и географијата на книгата.“
Скот и Зелда Фицџералд ја изнајмиле вилата од мај до септември 1920 година, пред да се вратат назад во Њујорк. Плочата на страната на куќата го потврдува нивното весело лето.
Иако несомнено е дека ова лето значително влијаело и на двајцата, нема многу докази дека токму тоа е местото кое го инспирирало да го напише романот „Големиот Гетсби“, има многу теории околу тоа, кои можете да ги прочитате, тука и тука. Истовремено, сите овие случувања опишани во овој текст исто така се покриени во серијата за Зелда Фицџералд, „Зелда“ на Амазон, која ја препорачав тука.
