Дојде декември, замислете колку брзо летна годината! Но, декември е одличен месец за читање, особено што температурите се пониски и нема ништо поубаво од убава книга, топол напиток и навлегување во други светови. Доколку ви е потребна инспирација, погледнете што читаше Кафе и книги во ноември и одберете го следното четиво.
„Избрани драми 2“ – Горан Стефановски

Издавачка куќа: ПОЛИЦА
Оцена: 5/5
Осврт: Кога се моите омилени автори во прашање, секогаш избирам да читам некое нивно дело на годишнината од нивното раѓање или смрт. За жал, Горан Стефановски, еден од најголемите умови кои некогаш сме ги имале, си замина од овој свет на 27 ноември 2018 година, а зад себе остави толку прекрасни записи кои вреди да се препрочитуваат. За оваа годишнина од неговата смрт, решив да го прочитам изданието на Полица, „Избрани драми 2“, кое е своевидно продолжение на „Избрани драми“, збирка на драми на Горан Стефановски.
Во ова издание се потсетуваме на неверојатните драми на Горан Стефановски како „Јане Задрогаз“, „Чернодрински се враќа дома“, „Ex-Yu“, „Казабалкан“, а содржана е и пристапната беседа на Горан Стефановски во МАНУ. Секој ред, секоја реплика се исполнети со толку многу мудрост, што едноставно нема да ја испуштите оваа книга од раце. Горан Стефановски е еден од најголемите умови затоа што успева преку своите ликови и приказни да навлезе во многу интересни и важни концепти, а истите да ги пренесе да лесен и прекрасен начин. Што и да кажам нема да биде доволно, затоа само ќе ви препорачам од срце да ја прочитате оваа книга и да уживате во драмите на Горан!
„Злосторство и казна“ – Фјодор Достоевски

Издавачка куќа: АРС ЛИБРИС
Оцена: 5/5
Осврт: Во годината кога се одбележуваат 200 години од раѓањето на (според мене) најголемиот писател на сите времиња, но и во месецот кога се одбележува овој голем јубилеј (11 ноември), решив да го препрочитам романот кој првпат го прочитав во средно училиште. Очекував да бидам маѓепсана и се разбира дека не бев разочарана. Начинот на кој Достоевски прави да влеземе во неговиот свет кој тој го создава, начинот на кој ги ткае ликовите, сцените и целата приказна е едноставно неверојатен.
Приказната го следи младиот студент Раскољников кој решава да направи злосторство со замислата да се извлече од него. Во процесот запознаваме и многу други ликови, кои се многу важни за целата слика, како Соња, Разумихин, Свидригајлов, Порфириј, Дуња, и кои, секој на свој начин, придонесуваат читателот целосно да навлезе во сите комплексни концепти кои Достоевски ги изложува пред нас. Кратко и јасно, дефинитивно морате да ја прочитате оваа книга, а ако не сте ја прочитале, треба што поскоро да го сторите тоа!
„Хари Потер и Одајата на тајните“ – Џ.К.Роулинг

Издавачка куќа: Bloomsbury (На македонски јазик ја има во издание – тука)
Оцена: 5/5
Осврт: Минатиот месец решив да влезам во магичниот свет на Хогвартс и да дознаам зошто милиони луѓе (и деца и млади и стари) се заљубени во овој свет и дефинитивно сфатив зошто. Светот кој Роулинг го создала е дефинитивно магичен и не верувам дека постои човек кој не сака барем за миг да им се придружи на Хари, Рон и Хермиона во борба против злото.
Па така, овој месец продолжив да живеам во светот на Хогвартс и ја прочитав втората книга од серијалот за Хари Потер. Уживав во новите ликови, во мистериозниот дневник и мистериозниот поранешен ученик во Хогвартс, потрагата по тајната одаја која првпат била отворена пред 50 години, како и сите згоди и незгоди што им се случува на целата дружина. (И морам да признаам, од сите позитивни ликови, Хари ми е всушност најмалку омилениот.)
„Виконтот кој ме сакаше“ – Џулија Квин

Издавачка куќа: САКАМ КНИГИ
Оцена: 5/5
Осврт: Ова е вториот дел од популарниот серијал за семејството Бриџертонови, кој стана уште попопуларен откако Нетфликс го екранизираше првиот дел, „Војводата и јас“. Мене искрено првиот дел не ме воодушеви, се чита многу брзо и е забавно четиво за на плажа, но откако го прочитав вториот дел, можам дефинитивно да кажам дека овој дел ми е многу поубав и посебно гледано, но и во целина.
Во вториот дел, дејството е насочено кон Антони, најстариот син во семејството Бриџертонови и неговата одлука да се омажи во текот на годината. Тој има една кандидатка на ум, но нејзината сестра, темпераментната Кејт, е многу заштитнички настроена кон сестра си и воопшто не го одобрува Антони, а тој исто така не може да го поднесе нејзиното однесување. Сепак, се развива една хемија, која одлично се отсликува на страниците и ќе натера да ги вртите страниците докрај.
„Лисистрата“ – Аристофан

Издавачка куќа: ТРИ
Оцена: 4/5
Осврт: Ова е една многу популарна античка комедија, која и по толку векови уште се изведува на театрите ширум светот (пред неколку години беше поставена и кај нас, во театар „Комедија“). Се работи за еден класик кој дефинитивно треба да го прочитате, или уште подобро, претстава која треба да ја погледнете на сцена доколку имате можност. Голем дел од сцените кои се напишани совршено одговараат на сцена и не се пресликуваат толку силно како на хартија, особено хуморот, за кој многу е важна сценска изведба.
Но и покрај тоа, дефинитивно треба да ја прочитате, ќе се забавувате, читајќи за жените кои решаваат да ги принудат мажите да престанат да војуваат со тоа што ќе одбијат да ги „исполнуваат брачните должности“. Одлична и остроумна драма која покренува многу интересни општествени прашања.
