Видео: Меша Селимовиќ за Достоевски, „Дервишот и смртта“, смислата на животот…

Меша Селимовиќ е еден од најпознатите писатели на Балканот. Со неговите книги како „Тврдина“, „Остров“, Дервишот и смртта“, тој се етаблираше како еден од најистакнатите и најзначајните писатели чии теми истовремено се локални, но и универзални. Денес, во чест на овој голем автор, прочитајте едно постаро интервју со Меша Селимовиќ од 1974 година во кое одговара на многу интересни прашања, a најдолу можете и да го слушнете интервјуто.

Нада Маринковиќ (понатаму во текстот Н.М): Постои ли писател, постои ли книга која посебно би ја издвоиле како пресудна во формирањето на Вашата книжевна личност?

Меша Селимовиќ: Тоа е Достоевски. Тоа е „Злосторство и казна“, роман кој го преврти целиот мој живот, му даде насока. Многу млад го читав, ептен млад, уште додека бев во гимназија. И после тоа, за мене повеќе не постои писател од тој ранк, само Томас Вулф ми се прикажа во слично светло како Достоевски. Секако, има многу писатели кои ги сакам, ама тоа се двајца писатели кои ги издвојувам од другите.

Н.М: Вашиот познат роман „Дервишот и смртта“, кога се појави имаше силен одек, толку многу што книжевните кругови го прогласија тој роман за најдобар роман таа година, а исто влијание имаше и кај читателската публика. Во што лежи успехот на таа ваша книга?

Меша Селимовиќ: Тешко е да се одговори во што лежи успехот, затоа што кога човек би го знаел тоа, тогаш би можел да го повтори, а мене ми е тешко да направам и да кажам. Мислам дека успехот е во тоа што е пронајдена една интонација, еден начин преку кој е изразен еден животен интензитет на одредена средина, проблемите се современи, такашто читателите се пронајдоа себе и своето време во тој роман. Мислам, ако има тајна, дека е во тоа. Секако, во секое вистинско книжевно дело постојат два елементи: Едниот е автентичен, а другиот универзален. Автентичниот е татковината, крајот каде човек се родил и го познава. Тоа е мирисот, родниот мирис, карактеристиките на крајот, карактеристиките на луѓето, менталитетот, сето она што е неповторливо, што е можно само на тој простор. Па така, тоа е сигурно одразено во мојот роман, а тоа не би било доволно за разбирање надвор од таа средина, додека не постои тој втор елемент на универзалност.

Н. М: Колку има автобиографски елементи во Вашите дела?

Меша Селимовиќ: Зборувајќи принципиелно, секогаш има многу автобиографски елементи. Барем јас припаѓам во оној вид писатели кои знаат да пишуваат само за себе и се снаоѓаат во материјалното кое им е блиско. Но, колку е директно автобиографско, тоа е многу тешко да се каже. Тоа е толку многу трансформирано што непотребно е да се трага по она што е почеток. И дури мислам дека е и штетно, затоа што книжевното дело треба да стои само за себе, без оглед на животот на авторот. Тоа е целосно независно и не треба да се оптоварува со ништо автобиографско, односно биографско.

Н.М: Вашите ликови многу често и многу интензивно размислуваат за вечните теми, за љубовта, за смртта… Каков е Вашиот однос кон тие два пола на човечката егзистенција?

Меша Селимовиќ: Па, всушност сега работам на тој проблем во овој мој нов роман, голем роман, совршен. Токму тука најдов да зборувам на таа тема за смислата на животот. Смислата во нешто може да биде надвор од животот, болка или некаква трансцеденција, што мене не ме задоволува или смислата е во животот. Ако е во животот, каде е? Во секој случај, смислата е во животот кој значи интензитет, кој сам по себе означува интензитет и тоа хуман интензитет. Ништо од она што е нечовечко, не може да му даде смисла на животот, како поседување предмети, моќ над луѓето итн., тоа сè се работи кои оставаат празнина во човекот, а самото доживување на љубовта, човечкиот однос, воопшто секој однос кој значи ангажирање, многу човечко ангажирање, тоа може да создаде во човекот, ако ништо друго, барем смисла, барем измама, барем илузија за смислата.

Н.М: Дали мислите на читателите додека работите?

Меша Селимовиќ: Не. Јас на читателите мислам после, кога сè е напишано. Тогаш ми е многу, многу важно да ме читаат читателите. Но, додека пишувам апсолутно не мислам на никого. Ниту на критичарите, ниту на читателите, ниту на оној кој може да биде погоден од тоа, ниту на себе. Критичкиот момент е важен, но не и пресуден.

Во продолжение слушнете го и самото интервју во својот оригинален формат:

Leave a comment