Живко Чинго е еден од најзначајните македонски писатели, а „Големата вода“ е едно од најзначајните македонски дела во 20 век. Издаден во 1971 година, овој роман е поеднакво свеж, подеднакво релевантен и се занимава со општи и универзални теми кои ќе го допрат секој оној кој го чита, а во 2004 година доби и своја филмска екранизација во режија на Иво Трајков. Во чест на фактот што годинава се извршуваат 40 години од неговото издавање, денес на блогот прочитајте го овој прекрасен извадок од романот.

(Сцена од екранизацијата на романот „Големата вода“/ Извор: Rotten Tomatoes)
„Ноќите поминати на таванот беа најубавите часови во домот. Тука, на слобода, со илјада звуци, бои и желби. Го чувствуваш тоа, го впиваш во себе и од лазливо, црно полжавче, одеднаш стануваш нешто големо, чудесно, живо. Во твоето малечко исплашено срце се раздвижува џиновски бран. Гледаш се руши ѕидот, во твојата душа се втиснува радосно чувство дека ќе се исполнат желбите. Кликнува во тебе, се отвораат твоите слаби гради и од нив кон небото излетува чудесна птица, со златни перје. Со часови потоа без некој да може да ви забрани летате над водата. Крилјата ви се силни како кај млад гулаб што се родил тука, во топлите седела на старите карпи. Страшното рикање на брановите, таа силна бура онаа ноќ кога дојдовте на свет, тој голем страв, неизвесност, се губи мигум оној час кога вашето светло, леко крило ќе го допре маѓепсаниот бескрај на пространството. Леташ без умор, без крај. Лудо. Те мамат невидени, волшебни предели, еден од друг поубави, посветли. Дотогаш ништо слично не виделе твоите очи, како магнет те влечат кон нешто уште поубаво, посветло. Вечно. Проклет да бидам, вечно.“
~ Живко Чинго, „Големата вода“, Арс Ламина: Скопје, 2021 година (стр. 61)
