На 11 јануари 1920 година се родил познатиот македонски писател и поет, Славко Јаневски. Во негова чест денес читаме македонска поезија и неговите стихови!
Срце – Славко Јаневски
Сочувај ја легендата за него.
Тоа патува со ветерни мелници.
Натопи го со оган на намери
назобај го со искушенија
скрши го на две како бела погача.
Едната половина закопај ја со првата љубов
другата во кафез од магли затвори ја.
Птицо, речи ѝ птицо
исплачи ми ги празниве гради
а самиот исклешти се.
Те убедувам –
во празнината на ребрата
поудобно ќе се смести твојата сенка.
По светов премногу сенки лазат.

