По одморите за време на празниците, блогот се враќа назад во полна форма. Кафе и книги ви посакува одлична читачка година, да уживате уште во многу нови книги. Денес на блогот прочитајте ја стандардната листа со препораки за читање, составена од дел од прочитаните книги во декември.
„Големата вода“ – Живко Чинго

Издавачка куќа: АРС ЛАМИНА
Оцена: 5/5
Осврт: Живко Чинго е еден од најистакнатите македонски писатели, а „Големата вода“ со причина за смета за едно од најизвонредните дела во македонската книжевност. Со оглед на тоа дека одново беше издадена, решив повторно да го прочитам ова дело, и уживав во секоја една страна. Чинго во ова дело ни го открива животот на децата во домот за сирачиња „Светлост“, како и ужасните услови кои ги имаат таму, но и желбата за слобода, за стигнувањето до „Големата вода“. Преку раскажувањето на Лем, ние се запознаваме со низа на ликови, секој посебен на свој начин.
Прекрасна книга, со прекрасни мисли, со многу важни пораки и поенти. Ако не сте ја прочитале, веднаш земејте ја во рака, а ако веќе сте ја прочитале, време е да ја препрочитате! Доколку ви треба дополнителна мотивација, прочитајте го овој прекрасен извадок!
„Хари Потер и затвореникот од Азкабан“ и „Хари Потер и Пламениот пехар“ – Џ. К. Роулинг

Издавачка куќа: Bloomsbury (На македонски јазик можете да ги најдете во издание на Арс Ламина)
Оцена: 5/5
Осврт: Оние кои го следат блогот, знаат дека пред некое време започнав да го читам серијалот за Хари Потер. Оние кои можеби го пропуштиле тоа, можат да ги прочитаат претходните препораки – тука. Иако првично планот беше еднаш месечно да читам една книга од серијалот, толку многу навлегов во овој магичен свет, што едноставно беше невозможно да останам само на една книга месечно.
Ги прочитав следните две книги од серијалот и да не должам многу (а и да не откријам детали за оние кои не ги читале книгите), ама морам да кажам дека книгите од тука натаму стануваат уште подобри, веќе се губи детската невиност и тонот станува многу помрачен, се запознаваме со помрачни ликови, се случуваат многу поопасни авантури и случки и Хари и дружината се соочуваат со загуби, болки и многу потешки случаи. Не губете ниту еден момент и започнете да го читате серијалот, нема да се покаете!
„Птици врз кои ноќта и денот се делат: Стоте песни“ – Блаже Конески

Издавачка куќа: ТЕМПЛУМ
Оцена: 5/5
Осврт: Со оглед на тоа дека во декември се одбележаа 100 години од раѓањето на Блаже Конески, решив да препрочитав дел од неговата поезија, односно избор од неговата поезија во изданието на Темплум од 2014 година.
Секогаш уживам да читам поезија од Блаже Конески и не се потребни многу зборови за опишам колку се прекрасни неговите стихови и песни, па затоа само ќе ви препорачам да ја прочитате оваа збирка, бидејќи изборот на песни е навистина одличен!
„Девојката од писмото“ – Емили Гунис

Издавачка куќа: САКАМ КНИГИ
Оцена: 4.5/5
Осврт: За љубителите на драми (и историски драми), оваа книга е полн погодок! Ја прочитав речиси во еден здив и уживав во оваа приказна која е драма, но и делумно е трилер, односно некоја комбинација од двете. Се работи за приказна која ќе ви биде забавна и која ќе ви го држи вниманието, но истовремено и ќе открие колку бил суров животот за младите немажени мајки во Велика Британија во 50-ти и 60-ти години на 20 век.
Приказната започнува кога една млада новинарка треба да истражува еден настан, а потоа оди кај нејзината баба и открива едно писмо кое многу ја вознемирува. Писмото е од една млада жена, напишано во домот за немажени мајки, која му пишува на таткото на нејзиното дете и го моли да ја земе од домот. Баба ѝ кажува дека писмото го пронашол нејзиниот дедо кој работел со антиквитети. Од некоја причина, ова писмо длабоко ја потресува Саманта и решава повеќе да истражи за домот и открива брутална и неверојатна вистина. Одлична книга!
„Време“ – Ридигер Зафрански

Издавачка куќа: ТРИ
Оцена: 4/5
Осврт: Доколку сте во потрага по некое филозофско четиво, ова е одличен избор за вас. Се работи за кратка, но многу ефикасна книга која го истражува односот на човекот со времето, од повеќе различни перспективи.
Поделена е на неколку различни поглавја и секое поглавје истражува посебен аспект и однос на човекот со времето, не само од филозофски аспект, туку и од научен, економски, итн., но сите тие одлично се надополнуваат и создаваат една одлична целина која ќе ве замисли, а одлична е и за започнување дискусии со пријателите, но и за правење една рефлексија за тоа каков е нашиот сопствен однос со времето и како и дали можеме да промениме нешто во врска со тоа. Одлична книга!
