Каква е дневната рутина на Харуки Мураками?

Харуки Мураками е еден од најпознатите писатели на денешницата, кој пишува вистински бестселери кои се подеднакво почитувани и од книжевните критичари и од читателите ширум светот, а секоја година се шушка дека ќе ја добие Нобеловата награда за книжевност. Тој исто така е познат и како страствен трчач, а повеќе за тоа можете да прочитате на објавата „Писатели и трчање: Мураками го руши митот за писатели кои пушат цигари и пијат кафе!

Секако, кога станува збор за писателите и писателките, луѓето обично се интересираат за тоа каков е нивниот процес на работа, па така, кога новинарот Џон Реј го запрашал Мураками за тоа како изгледа неговиот обичен работен ден, тој одговорил вака:

„Кога сум во режим на пишување роман, станувам во четири часот наутро и работам пет до шест часа. Попладне трчам десет километри или пливам илјада и петстотини метри (или ги правам и двете), потоа читам малку и слушам музика. Одам во кревет во 21 часот. Ја одржувам оваа рутина секој ден без промени. Самото повторување e најважната работа; тоа е форма на хипнотизирање. Се хипнотизирам за да дојдам до подлабока состојба на умот. Но, за да се задржи таквото повторување толку долго – од шест месеци до една година – бара добра количина на ментална и физичка сила. Во таа смисла, пишувањето долг роман е како тренинг за преживување. Физичката сила е неопходна колку и уметничката чувствителност.“

Ова остро физичко отстапување од популарната слика за работата на книжевниците го привлече вниманието на јавноста. Поблиску до стереотипот за писателите бил Мураками од раните 1980-ти, кога станал професионален романсиер откако го затворил џез-барот во Токио. Тој за „Њујоркер“ изјавил: „Откако почнав да седам пред биро и да пишувам по цел ден, почнав да накачувам килограми. Исто така, премногу пушев – шеесет цигари дневно. Моите прсти беа жолти, а телото ми мирисаше на чад“. Свесен дека нешто мора да се промени, Мураками направил експеримент на себе: „Решив да почнам да трчам секој ден бидејќи сакав да видам што ќе се случи. Мислам дека животот е еден вид лабораторија каде што можеш да пробаш сè. И на крајот мислам дека беше добро за мене, затоа што станав силен“.

Прочитајте повеќе во текстот на Колин Маршал, објавен на Open Culture.

Leave a comment