Што читаше Кафе и книги во јануари?

Започна февруари, а нов месец значи многу нови можности за читање. Доколку барате нешто за читање, можеби ќе се инспирирате од следниве препораки составени од книгите кои ги прочитав изминатиот месец.

Автобиографија – Григор Прличев

Издавачка куќа: ПНБ публикации
Оцена: 5/5
Осврт
: „Автобиографија“ на Прличев е едно од најзначајните дела од овој тип во Македонија. Авторот на „Сердарот“ во овие редови зборува за себе, за своите ставови и размислувања, но и ги опишува неговите детски и младешки денови, како и неговите предизвици и живот во Грција за време на неговите студии, а од друга страна и работите кои се случувале откако ќе се врати во Охрид. Она што е неизбежно да се забележи е улогата на неговата мајка, влијанието кое е толку силно и не може да ве остави рамнодушни. Решив да ја препрочитам оваа книга по многу години и навистина е значајно да ги препрочитуваме овие важни дела за македонската книжевност.

„Хари Потер и Редот на фениксот“ и „Хари Потер и Полукрвниот принц“ – Џ. К. Роулинг

Издавачка куќа: Bloomsbury
Оцена: 5/5
Осврт
: И во јануари продолжив со читање на серијалот за Хари Потер и морам да кажам дека како што продолжува приказната, толку повеќе навлегувам и уживам во серијалот. Во овие два дела, книгата станува многу помрачна, потешка и го губи оној „детски“ елемент кој го красеа првите 2/3 книги. Во двете книги гледаме како Хари поминува низ многу тешки моменти, освен што опасноста од Волдеморт е вистинска и реална, тој се соочува со емотивни загуби, тага, збунетост, страв, но и почнува да се интересира за магијата на првата симпатија, љубов и бакнеж. Но, истовремено се запознава и со Редот на фениксот, група која се бори против злото и темната магија и има за цел дополнително да го заштити Хари, но и се соочува со корумпираното Министерство за магија и злобната Долорес Амбриџ. „

Хари Потер и Полукрвниот принц“ продолжува со истата темна и мрачна нота, опасноста е сè повидлива, а Хари се соочува со мистеријата за тоа кој е мистериозниот Полукрвен принц, но и заедно со Дамблдор дознаваат за многуте тајни на Волдеморт, како и неговото минато. Одлични две книги кои ќе ги прочитате во еден здив, иако се големи во својот обем!

Трите ќерки на Ева“ – Ели Шафак

Издавачка куќа: ТРИ
Оцена: 4/5
Осврт
: Ели Шафак во последните неколку години е една од најпопуларните писателки во нејзиниот жанр, а особено е популарна во Македонија. Таа има препознатлив и уникатен стил на пишување, кој ве вовлекува во светот кој таа ви го претставува. Во овој роман таа пишува за Истанбул, за една млада девојка која се труди да се пронајде себеси, која е фатена помеѓу двата сосема различни света на нејзините родители и која завршува во туѓа држава сосема различна од Турција и пробува да се прилагоди и да пронајде пријатели.

Но, приказната постојано се движи помеѓу сегашноста и минатото, затоа што Пери сега веќе е возрасна жена, со свое семејство и додека со својот сопруг присуствува на една вечера, таа се навраќа на минатото и на болните спомени, како и нејзиниот процес на созревање. Стилот на пишување е прекрасен, на многу убав начин опишува чувства, обичаи, процесот за себеспознавање, движењето помеѓу мистичното и реалистичното. Мала замерка имав за крајот, но во целост се работи за четиво во кое ќе уживате.

Од жарјето“ – Али Мартинез

Издавачка куќа: САКАМ КНИГИ
Оцена: 4/5
Осврт
: Два брачни пара се многу добри пријатели и постојано се дружат. Едните живеат поскромно, другите живеат многу поудобно. Една вечер, тие решаваат да се дружат, но експлозијата во куќата на Исон и Џесика го превртува целиот свет на Исон и Бри. И двајцата ги губат своите сопружници и се принудени да си ги соберат парчињата од она што останало од нивниот живот. Исон привремено се преселува кај Бри и тие започнуваат меѓусебно да си помагаат и тешат. Но, животот е непредвидлив и носи многу пресврти кои и двајцата не ги очекуваат.

Интересна драма која ќе ви го задржи вниманието и која ќе ви донесе разновидност во вашето саботно или неделно попладне.

Алиас Грејс“ – Маргарет Атвуд

Издавачка куќа: БЕГЕМОТ
Оцена: 3.5/5
Осврт
: „Алиас Грејс“ е фикција која е заснована на вистински настани. Грејс Маркс е осудена на доживотен затвор и за многу малку ја избегнала смртната казна за нејзиното учество во убиството на газдата кај кого работела и жената за која сите се сомневале дека му е љубовница. Грејс Маркс работела во куќата, заедно со мажот кој ќе го изврши убиството.

Атвуд во овој роман се труди да направи реконструкција на настаните, како и на целиот живот на Маркс, за која некои тврделе дека е невина. Интересно четиво, дејството бавно се развива, па може да ви делува малку бавно, но ликовите се интересни и прави да се запрашате дали можеби навистина работите се случиле онака како што се претставени.

Leave a comment