Македонска поезија: „Глас“ од Рајко Жинзифов!

На денешен ден се родил познатиот македонски преродбеник, писател, поет, преведувач и собирач на народно творештво, Рајко Жинзифов. Тој се родил на 15 февруари 1839 година, како Ксенофон Ѕинѕиф. Но, денес истовремено се одбележува и годишнина од неговата смрт, бидејќи починал на 15 февруари 1877 година.

Тој е најпознат по неговата поема „Крвава кошуља“, а исто така се смета дека е творец на првиот расказ на македонски јазик „Прошедба“. Она што е исто така познато за Жинзифов е тоа што бил помошник учител на Константин Миладинов и со негова помош заминал на студии за Русија.

Во чест на годишнината од раѓањето (но и смртта) на Жинзифов, денес можете да ја прочитате неговата песна „Глас“.

Глас – Рајко Жинзифов

Далеч од баштина, далеч од роднини,
Не в чужда за мене земја,
В полјани кичести, зелени долини,
Самичак в планина шетам ја.
Ја сја расхождам, но на душа ми тешко
И једни мисли мене борат,
И мене стават то студено, то жешко,
И чувства то гаснат, то горат.

Ја искам сенка, ја искам прохлада,
Душевна ја искам тишина,
Че клето ми срце доста вече страда,
И сја нагледа всекаква злина:
Коварство сос бедност, сос гордост лукавство,
Сон мртов, глупава простота,
Љубов на слова, и слога без братство,
И хитрост, л`жлива доброта.

„Безумец, безумец душа ти ленива,-
Ја чух невиден и таен глас –
Спрегни плуг за заборавената нива,
Че блиска ет доба, близок ет час.
Стани, земи остен в р`це, работај
Ти ден и ношт, сос пот,
Истреби трње, исчисти троскот, изорај
Бесплодна нива да дадит плод.

Стани, безумец сос молитва горешта
Ти клетва дај, стори си крст,
Стани ти, иди напред, иди на срешта,
Но бој сја, бој сја, Божји прст“.
– Готов сум, сја к`лнам, да изорам нива.
Кажи кој си ти, невиден глас?
„Чуј! – загрме, глас сја одзива –
Ја сум Божји гнев, народен глас!“

Leave a comment