Препораки за серии за љубителите на книги! (3)

Љубителите на книги се многу пребирливи кога станува збор за екранизации на книги, но понекогаш тие можат да бидат забавни, иако целосно не ја пренесуваат книгата онака како што ние би сакале. Денес повторно ви пренесувам три предлози за серии кои се или екранизации на книги или содржината им е поврзана со книги.

Лили и Даш“ (2020)

Каде можете да ја гледате: Нетфликс
Опис:
И оваа книга е екранизација на книжевен серијал за млади, но и без тоа, оваа серија е одлична за сите љубители на книги, бидејќи има многу книжевни референци, книжарници и визуелно е многу убава бидејќи се случува за време на божиќните и новогодишните празници во САД. Има осум епизоди (секоја епизода трае околу половина час) и секоја епизода е од гледна точка на Лили или Даш (се менуваат секоја епизода). Лили е интровертна девојка која повеќе сака да чита книги отколку да излегува и која ги обожава празниците, а Даш воопшто не ги сака празниците, но сака книги. Братот на Лили сака да ја поттикне да биде поотворена, па со помош на една црвена тетратка која таа ја остава во нејзината омилена книжарница, ѝ помага да започне да се допишува со Даш, иако никогаш не се виделе. Многу слатка и убава приказна, која ќе ве наполни со убава енергија!

Остри предмети“ (2018)

Каде можете да ја гледате: ХБО
Опис
: Доколку сакате трилери и психолошки драми, ова е серија која дефинитивно ќе ви се допадне. Оваа серија е направена според истоимената книга од познатата писателка Џилијан Флин, која кај нас е позната по книгите „Ејми ја нема“ и „Мрачни места“. „Остри објекти“ е серија од осум епизоди. Приказната се врти околу Камил, која е новинарка и добива задача да покрива случај на киднапирање и убиство во нејзиниот роден град. Таа не е баш среќна околу тоа да се врати дома, бидејќи мора да се соочи со минатото и нејзината мајка. Но, како што продолжува истражувањето, се откриваат многу мрачни работи, а случајот станува уште позаплеткан. Одлична актерска екипа, а ако сакате ваков тип на приказни, сигурно ќе уживате.

Алиас Грејс“ (2017)

Каде можете да ја гледате: Нетфликс
Опис
: Оваа серија е заснована на истоимениот роман на Маргарет Атвуд, за кој пишував пред неколку дена (види: Што читаше Кафе и книги во јануари?). Се работи за мини-серија од шест епизоди и секоја од нив полека нè воведува во случајот на Грејс Маркс, жената која е осудена на доживотен затвор поради нејзиното учество во две убиства. Таа зборува со доктор Џордан, кој е повикан да направи проценка за Грејс. Актерите се одлични, но и сценариото и го доловуваат чувството од книгата. Би ви препорачала прво да ја прочитате книгата за да добиете поцелосна слика за другите ликови и Маркс, бидејќи серијата претежно се насочува на разговорите на Маркс и д-р Џордан. Но, одлична серија за мрзлив и долг викенд.

Leave a comment