11 факти за „Љубена“ од Тони Морисон!

Тони Морисон, која се родила на 18 февруари 1931 година, а почина на 5 август 2019 година, е позната по своите дела како „Најсиното око“, „Сула“ и „Песната на Соломон“, но најголема слава и признание ѝ донесе делото „Љубена“, издадено во 1987 година, за робинка која е во бегство и која е прогонувана од смртта на нејзината ќерка. Книгата ја освои Пулицеровата награда и се смета дека била клучен фактор во одлуката да ѝ се додели Нобеловата награда за книжевност на Морисон во 1993 година, која стана првата Афроамериканка која ја добила оваа награда. „Љубена“ е сведоштво за ужасите на ропството, но им оддава почит и на жртвите. Еве неколку значајни факти за процесот на Морисон и за наследството на романот.

(Creator: Deborah Feingold | Credit: Corbis via Getty Images)

Романот „Љубена“ е заснован на вистинска приказна

При истражувањето за „Црната книга“, Морисон налетала на приказната за Маргарет Гарнер, побегната робинка од Кентаки која во 1856 година побегнала со сопругот и четирите деца во Охајо. Една група го пронашла семејството и Гарнер ја убила својата најмала ќерка и се обидела да го стори истото и на нејзините други деца наместо да дозволи сите да се вратат и повторно да бидат робови. Откако била уапсена, нејзиното судење пробудило интерес ширум целата држава. Морисон за „The Paris Review“ изјавила: „Таа била многу смирена и рекла: „Јас би го направила тоа повторно“. Тоа беше повеќе од доволно за да ја разгори мојата имагинација.“

Таа го смислила ликот на Љубена откако почнала да пишува

Книгата првично требала да биде за тоа како ќерката на Сета ја прогонува, ќерката која таа ја убила (исто како што тоа го направила Гарнер), наместо да дозволи повторно да биде робинка. Сепак, откако напишала дел од приказната, Морисон сфатила дека ѝ треба лик од крв и месо кој може да ја суди одлуката на Сета. Потребно ѝ било ќерката да се врати во живот во друга форма (некои тоа го толкуваат како случај на погрешен идентитет предизвикан од тага). Морисон во интервју за списанието NEA на National Endowment for the Arts изјавила: „Мислев дека единствената личност која е легитимна, која може да одлучи дали [убиството] е добра работа или не, е мртвата девојка“.

Таа многу рано го напишала крајот, речиси уште од почетокот на пишувањето

Морисон кажала дека таа сака да го знае крајот на нејзините книги уште на самиот почеток, и да го запише крајот откако ќе го замисли. Со „Љубена“, таа го замислила и напишала крајот откако напишала околу 25% од приказната. Во разговор со авторката Каролин Денард, таа рекла: „Човек е приморан да користи одреден вид на јазик кој ќе го тера читателот да поставува прашања.“

Таа била фасцинирана од мали историски детали

За да им помогне на читателите да ги разберат деталите за ропството, Морисон внимателно ги истражувала историските документи и артефакти. Еден посебен предмет особено ѝ се врежал во умот. Се работело за еден вид „железна маска“ што господарите им ја ставале врз устата на робовите како казна. Таа не можела да најде многу информации преку слики или описи, но нашла доволно за да замисли каков срам чувствувале робовите. Во „Љубена“, Пол Д. ѝ кажува на Сета дека петел му се насмевнал додека го носел тоа, што покажува дека се чувствувал пониско од животно во амбар.

Инаку, чисто за илустрација, малку е тешко да се најде соодветен опис за овој предмет (На англиски е iron bit), но се работи за ужасна направа која била направена од железо и се ставала околу устата и вратот на робовите, a на Википедија е опишана како „рамно железо кое оди во устата, и ефективно го држи јазикот надолу и ништо не може да биде голнато, дури ни плунката“. (М.З)

(Извор: Официјалната страница на Полица на Фејсбук)

Морисон првпат ја прочитала книгата во 2014 година

На еден нејзин настап во шоуто на Колбер во 2014 година, таа кажала дека целосно ја прочитала последната верзија „Љубена“ дури по 30 години. Таа рекла: „Книгата е навистина добра!“

Морисон ги инспирирала читателите да прават клупи

При прифаќањето на награда од Здружението на Унитарни универзалисти во 1988 година, Морисон забележала дека не постои соодветен споменик на ропството, „нема мала клупа покрај патот“. Инспирирани од оваа реченица, Здружението „Тони Морисон“ го започнало проектот „Клупа покрај патот“ за да го реши проблемот. Од 2006 година, проектот поставил 15 клупи на локации значајни за историјата на ропството и движењето за граѓански права, вклучувајќи го и островот Саливан во Јужна Каролина, кој служел како влезна точка за 40% од робовите донесени во Америка.

Колегите на Морисон протестирале кога романот „Љубена“ не ја добил „Националната книжевна награда“ во 1987 година

Откако било објавено дека Морисон не е добитник на наградата, 48 афроамерикански писатели, вклучувајќи ги Маја Ангелоу, Џон Едгар Вајдман и Хенри Луис Гејтс Џуниор, потпишале писмо што се појавило во „Њујорк Тајмс Бук Ривју“. Во дел од писмото, тие ѝ даваат поддршка на Морисон: „…ги унапредивте моралните и уметничките стандарди според кои мораме да ја измериме смелоста и љубовта на нашата национална имагинација и нашата колективна интелигенција како народ.”

„Љубена“ е една од најчесто обжалуваните/забранувани книги

Во периодот помеѓу 2000 и 2009 година, книгата била рангирана на 26-то место на листата на најзабранети/обжалувани книги според Американското здружение на библиотеки. Во една жалба поднесена во 2013 година во округот Ферфакс, Вирџинија, било наведено дека романот е премногу интензивен за тинејџери, додека во друга жалба поднесена во Мичиген, било наведено дека книгата е неверојатно многу поедноставена и порнографска. За среќа, двете жалби биле одбиени.

Тони Морисон напишала и опера заснована на животот на Гарнер

Морисон соработувала со композиторот Ричард Даниелпур, добитник на Греми, за создавањето на „Маргарет Гарнер“ – опера за приказната на жената кој била инспирација за создавањето на „Љубена“. Премиерата на операта била во Детроит во 2005 година, а играла на места како Чикаго, Филаделфија и Њујорк, а последната изведба била во 2008 година.

Тони Морисон не сакала „Љубена“ да биде екранизирана

Иако таа јавно го тврдела спротивното, според списанието „Њујорк магазин“, Морисон им кажала на пријателите дека не сака „Љубена“ да биде претворена во филм. Дополнително, таа не сакала Опра Винфри (која ги купила правата за филмот во 1988 година) да игра во него. Сепак, филмот излезе во 1998 година и не помина баш најдобро.

Постои илустрирана верзија на „Љубена“

The Folio Society, компанија со седиште во Лондон која создава модерни специјални изданија на класични книги, ја објави првата илустрирана верзија на „Љубена“ во 2015 година. Уметникот Џо Морс лично бил одобрен од Морисон за проектот.

Извор.

Leave a comment