Македонската јавност вчера со жалост ја прими веста дека почина познатиот македонски писател, преведувач и професор, д-р Драги Михајловски.
Драги Михајловски се родил во Битола на 16 октомври 1951 година, а од 1976 година работел на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Тој беше член на Друштвото на писатели на Македонија од 1992 година, како и на на П.Е.Н. на Македонија и на Писателската асоцијација за мир од Вашингтон, САД.
На македонската јавност најпознат ѝ е преку неговите феноменални преводи на Шекспир. Тој превел 37 драми и 154 сонети од Вилијам Шекспир, а за својот труд има добиено и бројни признанија како наградата од 2006 година „Зимски саем на книгата“ за препевот на сите сонети од Шекспир.

Тој во два наврати ја има добиено престижната награда „Григор Прличев“: Во 1996 година ја добил наградата „Григор Прличев“ за препевот на епот „Загубениот рај“ од Милтон, а во 2013 година ја добил оваа награда за препевот на сите драми и сонети од Шекспир. Покрај овие исклучителни признанија, тој бил добитник на наградата „11 Октомври“ за животно дело од областа на културата и уметноста, а се закитил и со наградата „Кирил Пејчиновиќ“ во 2009 година за своите многубројни препеви и преводи на дела од англосаксонската книжевност на македонски јазик.
Освен за препевите и преводите, проф. д-р Драги Михајловски во неколку наврати добил признанија и за своите оригинални дела, како „Рациновото признание“ во 1994 година за книгата раскази „Скок со стап“ и во два наврати ја добил наградата „Стале Попов“ на ДПМ за романите „Смртта на дијакот“ (2002) и „Мојот Скендербеј“ (2006).
Меѓу најпознатите негови преводи, освен оние кои веќе се споменати, како се наведува во соопштението на „Друштвото на писателите на Македонија“, се и: „Беовулф“ од непознат автор, како и проза од Тони Морисон, Кензабуро Ое, И. Б. Вајт, поезија од Т. С. Елиот, В. Б Јејтс, П. Б. Шели, В. Блејк, В. Вордсворт, Џ. Дан, Д. Волкот, Лез Мари, Б. Брејтенбах и др.
Тој се смета за навистина плоден автор и во текот на својата кариера објавил неколку збирки раскази како: „Речно улиште“, „Ѓон“, „Скок со стап“, „Триполската капија“, „Раскази од шести кат“, „Пеперуткарот“, збирката новели и раскази „Глинениот човек“, „Раскази и споредбени коментари“ и комбинацијата на раскази и драми, „Патот за рајот“. Покрај овие збирки, тој објавил и неколку романи „Пророкот од Дискантрија“, „Смртта на дијакот“, „Мојот Скендербеј“, „Бајазит и Оливера“, „Должници“, „Швајцарија на Балканите“ и „Бдеењето на Одисеј“. Но, неговото творештво е уште пообемно. Неговите прозни дела се преведувани на англиски, германски, француски, руски, унгарски, српски, хрватски, словенечки, албански, турски, бугарски и на други јазици.
Македонија навистина изгуби неверојатен човек, книжевник и поддржувач на културата и книжевноста и дефинитивно остави свој печат и наследство, а неговите преводи и препеви, претставуваат пример и стандард за тоа како треба да се преведува едно дело.
Искрено сочувство до семејството и нека почива во мир!
