In Memoriam: Радован Павловски (1937 – 2022)

Ова е навистина тажна недела за македонската книжевност. По веста за заминувањето на проф. д-р Драги Михајловски, денес стигна жалната вест за смртта на академик Радован Павловски, поет, есеист и патописец и член на МАНУ од 2006 година, а беше член и на беше член на Друштвото на писателите на Македонија, на Македонскиот ПЕН центар, а бил член и на Сојузот на писателите на СФРЈ. 

Тој со децении беше присутен на македонската книжевна сцена, а најпознат е по неговата неверојатна поезија, а за своето творештво неколку пати бил наградуван: Двапати се закитил со наградата „Браќа Миладиновци“ (1965, 2002) и „Ацо Шопов“ за најдобра поетска книга (1995 и 2014), а освен тоа ја добил и престижната награда „11 Октомври“ (1971). Од другите награди се издвојуваат и наградите: „Кочо Рацин“ (1975), „Повелба на печалбарите“ (1990), „Гоцевата повелба“ (1991), Жезлото на ДПМ (2002) и Благодарница од Струшките вечери на поезијата за унапредување и развој на поетскиот фестивал (2011).

Како што наведува „Независен“, тој е автор е на следните збирките поезија: „Суша, свадба и селидби“ (1961/1971), „Корабија“ (1964), „Високо пладне“ (1966), „Клима и лира“ (1966), „Езерска земја“ (1969), „Низ проѕирката на мечот“ (1971), „Сонце за кое змијата не знае“ (1972, на хрватски), „Пир“ (1973, на хрватски), „Зрна“ (1975), „Молњи“ (1978), „Стражи“ (1980), „Магија момче“ (1981), „Чума“ (1984), „Клучеви“ (1986), „Марена“ (1986), Избрани дела во три тома (1986), „Темелник“ (1988), „Зрна, Молњи и Клучеви“ (1989, трилогија), „Замок на розата“ (1990, избор), „Бог на утрото“ (1991), „Светлина“ (1993), ,„Вселенски деца“ (1993, поезија за деца), „Јавач на звукот“ (1995), „Синот на Сонцето“ (1999), „Штит“ (2001), „На едно око“ (2002), „Свртничар на светлините“ (2004), „Господар на перото“ (2006), „Океан во капка“ (2008), „Заштитна повелба“ (2008), „Воспеви“ (2009), „Јас сум време“ (2009), „Мојата ѕвезда“ (2012/2013, собрани дела во три тома) и „Се случува вечност“ (2014).

Меѓу останатите дела, познат е и по: манифестот „Епското на гласање“ (1960) (ко-автор заедно со Богомил Ѓузел), „Манифестот на Поетската Република Железна Река“ (1990), патописот „Отклучување на патиштата“(1986), книгата есеи „Што може поезијата?“ (1993), „Демократска џунгла“ (1994, политички есеи), „Порака на поетот до поетите на светот“ (1995, СВП) и „Поетиката на походот на Александар Македонски во цивилизациите“ (2009, есеј-студија).

Нека почива во мир!

Големите луѓе ќе останат запомнети по своето наследство, а наследството на академик Радован Павловски е неговото творештво. Во негова чест прочитајте ја песната „Орфеј“.

Орфеј – Радован Павловски

За господарот на перото
небото не е пречка
за човекот и црвот можност е
Орфеј со лирата да слезе
во пеколот

Чекори
срце
чекори
Ни капка вода
не пиј од пеколот
Орфеју

Ноќ

Иди по мене. Идеш ли?
Идам. А ти?
Идам
Не свтрувај се!
Слушам
Задржи го гласот во срцето
Слушаш ли?
Слушам

Чекори
срце
чекори

Смртта
Не може да земе онолку
колку што може да даде љубовта
водопадот на лирата
на моите камења
корења и красти Орфеју
од мене
и од мојата земја
пеј ја во мене својата песна

Leave a comment