Силвија Плат и после толку децении по нејзината смрт, сè уште е предмет на голем интерес, анализи и нејзината популарност се чини дека се зголемува со годините. Весна Јовановиќ за порталот „Култивиши се“ напишала многу интересен текст за Силвија Плат и нејзиното творештво, кој на македонски јазик можете да го прочитате во продолжение, а на крајот на текстот има и линк на кој можете да ја погледнете оригиналната објава.
(Извор на сликата: The Lilly Library, Indiana University)
Трагичниот живот на Силвија Плат
За нас, Силвија Плат претставува трагична фигура вклучена во трагично дејство и токму нејзината трагедија ни е претставена преку нејзината уметност (преку стихозбирките „Колос“, „Ариел“ и романот „Стакленото ѕвоно“).
Таа уште од малечка била поетеса, рано го изгубила својот татко и поголемиот дел од животот го поминала борејќи се со клиничка депресија. Таа била амбициозна и уште додека била многу млада се наговестувал нејзиниот капацитет да биде уметник, но се соочила со падови уште додека студирала. Таа била хоспитализирана поради обид за самоубиство, поради што била подложена на електроконвулзивна терапија.
Нејзиниот брак со англискиот поет Тед Хјуз најмногу ја заинтригирал јавноста. Од првата средба како амбициозни млади уметници, нивната врска била обвиена со еротска сила поттикната од насилство. По две деца и малтретирање, како што подоцна било откриено (по наводното физичко малтретирање од страна на нејзиниот сопруг, Силвија имала спонтан абортус), таа приказна завршува трагично.
Тед Хјуз имал афера и го напуштил семејството, а кратко потоа Силвија Плат се самоубила туркајќи ја главата во рерната додека децата спиеле.
Постхумно ја доби Пулицеровата награда.

(Силвија Плат и Тед Хјуз, извор: ARCHIVIO GBB / CONTRASTO)
Силвија Плат и нејзината улога во исповедната поезија
Исповедниот стил во поезијата се појавил во Америка веднаш по Втората светска војна. Творештвото на Роберт Лоуел го иницирало појавувањето на стилот, кој бил професор и Силвија Плат и Ен Секстон ги слушале неговите предавања. Овој стил се појавил како реакција на обезличената, академска поезија на писателите како Т. С. Елиот, кои твореле во 20-ти и 30-ти години на 20 век. Тие верувале дека поезијата е одвоена од нејзиниот творец и дека во неа нема место за Јас.
Исповедните поети не се придржувале точно до оваа перспектива – тие пишувале од длабоко лична гледна точка и ги исполнувале своите дела со интимни и контроверзни детали од нивниот приватен живот.
Овие поети не ги пренеле само своите емоции на хартија; умешноста и конструкцијата одиграле значајна улога. Иако нивниот третман на поетското Јас бил иновативен и шокантен за некои читатели, тие одржувале високо ниво на уметност преку внимателна употреба на прозодија. Приватните искуства и чувствата за смртта, траумата, депресијата и врските, во оваа поезија често се нагласени на автобиографски начин.

(Извор: Guardian/Alamy)
Силвија Плат обично се смета за исповедна поетеса, иако некои критичари ја оспоруваат нејзината позиција во движењето, тврдејќи дека нејзината работа е поуниверзална отколку што обично се претпоставува. Сепак, „Ариел“, објавена постхумно во 1965 година, се занимава со многу лични проблеми – самоубиство, секс, деца и што е најдраматично, комплицираната врска со починатиот татко.
Песните како „Тато“ и „Дамата Лазар“ воодушевуваат со својата оригиналност и бруталност.
Ќерка на постмодерната ера
Нејзините „Избрани песни“ ги објавил Тед Хјуз во 1985 година. Во овие песни, очигледно е дека нејзините демони ја надживеале. Таа ги покажува токму во песната „Тато“. Сликите на виктимизација – нацисти, свастики, бодликава жица, фашисти, ѓаволи и вампири – се толку диви, импозантни и прекорни што песната изгледа повеќе надвор од контрола отколку што всушност е. Кога го слушате нејзиниот глас како ги изговара стиховите, можете да почувствувате дека нивото на гнев е зачудувачки. Начинот на кој ги нагласува зборовите и паузира меѓу стиховите, всушност, се чини дека ја одзема моќта на своите (наводни) мачители.
Сепак, психолошката контрола над себеси во оваа песна не е толку едноставна. Компулсивната употреба на самогласката „у“ неизбежно го привлекува читателот кон „you“ и „do“ кои се римуваат веќе во првиот стих. Сеприсутната рима се повторува повеќе од 60 пати. Некои критичари сметале дека овој вербален тик е знак на нарушена психа. Други велеле дека јазикот на песната е неизвесно стои на работ на вербална бездна – претставена со морничав, тажен звук („у“) на крајот од повеќето стихови.
Во продолжение слушнете како Силвија Плат ја чита својата поема „Тато“.
И како што колецот во месестото црно срце на вампирот само би спречило понатамошно страдање, така и поетесата, со сеќавањата на наводната виктимизација што одекнуваат во секоја скршена рима, може да постигне само делумна победа над мажот кој го гризнал нејзиното прекрасно црвено срце на половина.
Оваа песна е напишана од Силвија Плат на 12 октомври 1962 година – четири месеци пред нејзиното самоубиство; 15 дена пред својот триесетти роденден; на дваесетгодишнината од ампутацијата на ногата на нејзиниот татко (на која се алудира во песната); денот кога дознала дека Тед, наводниот вампир кој ѝ ја пиел крвта седум години, ќе и даде развод.
Нејзината победа, како и нејзиниот живот, беа краткотрајни. Плат живеела на крајниот раб на децентрализираниот постмодерен свет во кој ништо не било апсолутно, ништо не било вистина – ништо друго освен болката и маката што ги открила во нејзините фрагментирани, зли и трагично разиграни песни.
На овој начин, таа навистина била ќерка на постмодерната ера.
Феминизмот и поезијата
Феминизмот се однесува на движења насочени кон воспоставување и одбрана на еднакви политички, економски и социјални права, како и еднакви можности за жените. Се фокусира главно на женските прашања, но феминизмот бара родова еднаквост.
Затоа, многу феминистки тврдат дека ослободувањето на мажите е неопходен дел од феминизмот и дека тие се исто така оштетени од сексизмот и родовите улоги. Тие се спротивставуваат на семејното насилство, сексуалното вознемирување и сексуалните напади. Феминистичкото движење од 1960 до 1980 година се занимаваше со правните нееднаквости, културните нееднаквости и улогата на жената во општеството. Во економијата, феминизмот се залагаше за права на работното место, вклучувајќи еднакви плати, можности за кариера и започнување бизнис.
Во оваа задушувачка атмосфера, жените кои станаа поетеси или писателки беа големо достигнување.
Некои од делата на Плат се директно поврзани со прашања кои се развивале во општеството. Како жена, таа секогаш се залагала за правата на жените. По војната, ослободувањето на жените било еден од многуте проблеми за кои биле потребни промени. Песната The Applicant покажува колку таа лично чувствувала како вистинска жена, особено во однос на справувањето со машката доминација во бракот.
Во продолжение, слушнете како таа ја рецитира песната The Applicant.
Кога нејзината стихозбирка „Ариел“ била објавена во Америка во 1966 година, жените ја забележале. Не само жените кои вообичаено читаат поезија, туку и домаќинките и мајките. Критичарите го забележале нејзиниот глас и ѝ дале признание.
Силвија Плат била жена која била исклучително вешта во својата работа, чиишто последни песни го прикажуваат женскиот гнев, амбивалентност и тага, глас со кој многу жени се поистоветуваат. И во овој нов контекст, Силвија Плат повеќе не е изолирана жртва, туку божествена учителка на новата женска книжевна свест.
Дамата Лазар
Пишувајќи во постмодерно општество, таа ја создала својата поезија за да претставува временски период кој го поддржува ослободувањето на жената. Поврзувајќи се со Втората светска војна и Холокаустот, таа се покажала како исклучителна исповедничка поетеса од тоа време.
Слушнете како таа ја рецитира нејзината песна „Дамата Лазар“.
Токму во песната „Дамата Лазар“ таа се фокусира на различни елементи од нејзината реалност, изложувајќи ги на субјективен начин преку сопствените искуства. Овој драматичен монолог може да се фокусира на различни делови од нејзиниот живот. На овој начин, со оваа песна таа ги собира своите искуства и како постмодерен уметник и како поетеса. Врз основа на историскиот настан, таа не само што ја изразува својата репресија, туку и директно упатува на нејзината современа реалност.
Токму како постмодернистка, Силвија Плат го гледа светот како изолирано место, каде што губењето на вредноста и дехуманизираната реалност предизвикуваат дезориентација.
Таа ја избира смртта како доминантна тема во песната – можеби затоа што за нејзе, смртта била експеримент, искуство и состојба која сакала да ја живее. И бидејќи ова не може да се одвои од автобиографското, таа тука го опишува нејзиниот личен однос кон смртта.
Во песната е вклучено и прашањето за полот. Како поетеса, таа ја изразува својата загриженост од феминистичка гледна точка и се чини дека нејзиниот пол влијае на стиховите. Циклусот на смртта и повторното раѓање, исто така, може да биде алузија на целите на женските постмодернисти.
Врз основа на моделот на смртта и повторното раѓање, присуството на жените е посилно, успевајќи да го најдат своето место во постмодерниот свет.
Во смртта е животот
Иако таа се самоубила, обидувајќи се да избега од угнетувањето преку смртта и повторното раѓање, таа ги опфатила важните грижи од своето време. Нејзината поезија е смртоносна затоа што е беспрекорна; таа нè фасцинира веројатно исто колку што ја фасцинирала и неа. Како ум во криза, се чини дека се соочува со ментален слом поврзувајќи го со кризата што ја доживува светот околу неа.
Иако во песните ги споделувала своите лични искуства, тие го отсликуваат времето во кое живеела и што пак ја потврдува како постмодернистка.
