In Memoriam: Луан Старова (1941 – 2022)

Оваа недела е навистина претажна и претешка. По Драги Михајловски и Радован Павловски, вчера го загубивме и академик Луан Старова. Неговото семејство ја сподели веста за неговото заминување. Академик Луан Старова почина на 81 година.

Луан Старова има навистина интересна биографија. Тој се родил на 14 август 1941 година во Поградец, Албанија, а семејството подоцна се преселило во Струга, па потоа во Тетово, а од 1945 година започнале да живеат во Скопје. Тој работел како новинар во Радио Скопје и во Македонската Телевизија, а потоа како професор на Катедрата за романистика при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, а својот докторат го одбранил во Загреб, Хрватска. Во 1985 година бил избран за вонреден и ополномоштен амбасадор на СФРЈ во Тунис. Бил именуван за прв амбасадор на СФРЈ во Палестинската држава. Во 1994 бил именуван за прв вонреден и ополномоштен амбасадор на Република Македонија во Франција, прв постојан претставник во УНЕСКО, и нерезидентен амбасадор во Шпанија и Португалија.

(извор на сликата: Лектира)

Тој ги има добиено некои од највисоките и најзначајните признанија во државата меѓу кои се и „11 Октомври“ и „Св. Климент Охридски“, а се закитил и со наградите ,„Крсте Мисирков“ за публицистика, „13 ноември“ на Град Скопје, двапати е награден со наградата „Стале Попов“ на ДПМ, а го добил и Рациновото признание за „Потрага по Елен Лејбовиц“. Добитник е на највисокото француско признание за достигнување во уметноста и книжевноста „Командант на Орденoт за уметност и писмо“.

Како што се наведува во објавата на „Друштвото на писателите на Македонија“, Старова „беше раскошен раскажувач на балканските премрежиња, автор на цела библиотека романи кои ги осветлуваат заплетите на интимно-семејните, регионалните и универзалните човечки и историски драми. Ја дишеше и ја пишуваше митологијата на Балканот, ја создаде повеќеслојната и богата „Балканска сага“, составена од 17 романи, која ќе биде траен сведок за неговата писателска умешност и за неговиот хуманистички и космополитски дух.“

Тој неуморно пишуваше и твореше сè до самата смрт и беше навистина плоден автор, само во последните две години издаде три книги „Генералот и пеперугата“ (2020), „Јаничари“ (2020) и „Баба“ (2021). Меѓу останатото негово творештво, ќе остане запомнет по многу дела како: „Татковите книги“ (1992), „Времето на козите“ (1993), „Атеистички музеј“ (1996), „Пресадена земја“ (1998), „Патот на јагулите“ (2000), „Тврдина од пепел“ (2002), „Балкански жртвен јарец “(2003), „Ервехе – книга за една мајка“ (2005), „Потрага по Елен Лејбовиц“ (2008), „Љубовта на генералот“ (2008), „Амбасади“ (2009), „Нови амбасади“ (2011), „Балканвавилонци“ (2015), „Полифонисти“ (2016), „Враќањето на козите“ (2016), „Граница“ (2017), „Цариградски емигрант“ (2019), а автор е и на поетски и есеистички книги, како и на неколку патописи и преведувач на дела од Жан-Пол Сартр, Ѓерѓ Лукач, Исмаил Кадаре и други.

Како што се наведува во објавата на ДПМ, „тој е еден од ретките писатели од балканските простори за чии дела недвосмислено може да се рече дека имаат европска рецепција и значење. Со неговото заминување нашата книжевност губи вешто раскажувачко перо, од кое зрачат интелект, емоции и хумани пораки.“

Не би можела повеќе да се согласам со оваа констатација. Неговото плодно творештво и неверојатни пораки ќе останат засекогаш запишани во културното наследство и ова е навистина голема загуба за книжевноста и уметноста.

Сочувство до семејството.

Нека почива во мир!

Извор.

Leave a comment