Харуки Мураками е еден од најпознатите современи писатели, кој има продадено милиони примероци од своите книги, а исклучително е популарен и во Македонија. Досега во неколку наврати сте имале можност да прочитате нешто за него и неговото творештво (на пример, тука, тука, тука, тука, тука, иако има уште многу други објави на блогот за него), а денес решив да споделам неколку прекрасни мисли од неговиот роман „Кафка на брегот “ кои мене ми оставија впечаток. Дали вие би додале друга мисла од овој роман?

(Извор на сликата: Издавачки центар ТРИ)
„Понекогаш, судбината е како мала песочна бура која постојано ја менува насоката. Ти ќе ја смениш насоката во која се движиш, но песочната бура те брка. Ти повторно свртуваш, но бурата се приспособува.“
„Затоа што оваа бура не е нешто што дува од некаде оддалеку, нешто што нема никаква врска со тебе. Бурата е во тебе. Некаде внатре во тебе. Затоа, можеш само да и се препуштиш, да зачекориш директно внатре во бурата, затворајќи ги очите и затнувајќи ги ушите…“
„А кога бурата најпосле ќе заврши, нема да се сеќаваш како си успеал да се пробиеш низ неа, како си успеал да преживееш. Всушност, нема да бидеш сигурен ниту дали бурата навистина завршила. Но едно нешто е сигурно. Откако ќе излезеш од бурата, веќе никогаш нема да си истата личност која влегла во неа. Токму во тоа е и суштината на бурата.“
„Постојат многу нешта што јасно ги согледуваме само во ретроспектива.“
„Што и да е тоа по што трагаш, нема да ти дојде во форма во каква што го очекуваш.“
„Спомените ве топлат однатре. Но во исто време, тие и ве раскинуваат.“
„Сакам да ме запомниш. Ако ти ме паметиш, тогаш не ми е грижа и ако сите други ме заборават.“
„Губиме згоди и можности, чувства за кои мислиме дека никогаш не можеме да ги повратиме. Тоа е дел од она што значи да се биде жив. Но внатре во нашите глави – барем јас замислувам дека е таму – има еден мал простор каде што сето тоа го оставаме како наши сеќавања. Простор како овој во библиотекава, со полици наоколу. А за да знаеме каква е состојбата на нашето срце, мора постојано да правиме нови референтни картички. Одвреме-навреме треба да ја бришеме правта од предметите, да проветриме, да ја менуваме водата во вазите со цвеќе. Со други зборови, ќе живееш засекогаш во сопствена приватна библиотека“.
Извор: Мураками, Харуки. Кафка на брегот. Скопје: 2016, Издавачки центар ТРИ
