Пристигна и март на нашите порти, а тоа значи дека полека се приближува и пролетта, иако знаеме дека март знае да биде многу непредвидлив месец. Сепак, за љубителите на книгите секој месец е месец полн со можности за читање, па така во продолжение можете да прочитате неколку препораки за читање, а како и секогаш, листата е составена од книгите кои ги прочитав изминатиот месец.
„Авантурите на Шерлок Холмс“ – Артур Конан Дојл

Издавачка куќа: АНТОЛОГ
Оцена: 5/5
Омилена мисла од книгата: „Животот е бескрајно почуден од сè што би можел да измисли човековиот ум.“
Осврт: Шерлок Холмс е една од најмаркантните личности во книжевноста. Неговото влијание во британската и светската книжевност и култура е неизмерно и е многу видливо. Нема човек кој не знае за познатиот детектив и неговиот придружник Вотсон, дури и никогаш да не ги прочитал приказните за нивните авантури. И модерната популарна култура го одржува Шерлок Холмс во центарот на вниманието со различни модерни серии, филмови, итн.
Долго време се подготвував да ги читам расказите, но никако не стигнуваа на ред. И многу ми е драго што конечно се одлучив да почнам. „Авантурите на Шерлок Холмс“ е збирка раскази со интересни случаи, некои од најпознатите на Дојл и се читаат толку лесно и брзо и не можеш, а да не сфатиш зошто се толку популарни, едноставно те влечат со себе во нивниот процес и се трудиш заедно со нив да ја откриеш мистеријата.
Навистина топла препорака да ја прочитате оваа збирка раскази доколку веќе не сте го сториле тоа. Ќе уживате во секој миг!
„Прво лице еднина“ – Харуки Мураками
Издавачка куќа: ТРИ
Оцена: 5/5
Омилена мисла од книгата: „Низ каква галаксија сум поминал кога за своја среќна ѕвезда сум одбрал една таква минлива и без сјај, која е најтешка да се пронајде на ноќното небо?“
Осврт: Мураками е навистина принц на меланхолијата. Јас до пред некоја година речиси немав ништо прочитано до него, па сега надоместувам во овие две години. После „Спутник Љубов“, „Убиството на командантот“, „Што зборувам кога зборувам за трчањето“ и „Кафка на брегот“, сега решив да ја прочитам оваа збирка на раскази на Мураками. Изгледа ми тргна месецов со расказите.
Морам да признаам дека уживав во секој еден од расказите. Од секој расказ човек може да понесе нешто со себе. Она што особено ми остави впечаток е тоа што секој од расказите на своевиден начин е недовршен, во смисла на тоа дека нема конечен крај и во голема мера останува на читателот да извлече некаков заклучок и да замисли што се случува откако Мураками ја става последната точка.
„Скопјани“ – Гане Тодоровски

Издавачка куќа: АРС ЛАМИНА
Оцена: 5/5
Осврт: Гане Тодоровски е дефинитивно е еден од нашите највпечатливи поети. Неговите стихови се моќни и не можат да ве остават рамнодушни. А поезијата е секогаш одлична храна за душата, па во февруари решив да ја прочитам оваа неодамна издадена збирка со некои од веќе познатите песни на Гане, но и некои кои, морам да признаам, досега не сум имала можност да ги прочитам.
Не одбрав некои посебни стихови што ми оставија впечаток, затоа што мислам дека тоа нема да биде фер избор, со оглед на тоа дека сите се дел од целина која ја исполнува душата.
Мислам дека е одлична идеја тоа што повторно се издаваат стихозбирки и поезија од нашите истакнати поети, нивното наследство мора да се негува и да се доближува и до нова, помлада публика. Дефинитивно ја препорачувам со цело срце!
„Еден од оние животи“ – Ѓорѓе Балашевиќ

Издавачка куќа: Balbelo (јас ја најдов во „Топер“)
Омилена мисла од книгата:
„Кога Војната прави забава, редоследот на гостите секогаш е ист…
Прво доаѓаат Поповите…
Па Топовите…
Па Крадците…
Останатите не се канат.
Останатите се носат како подарок….
Но, најчесто не мораш ни да учествуваш во војната за да ја изгубиш.
За паметниот човек, секоја војна е изгубена.…“
Оцена: 5/5
Осврт: На 19 февруари се одбележа една година од смртта на Ѓорѓе Балашевиќ и решив да го прочитам неговиот роман „Еден од оние животи“. Како што тоа секогаш бидува, книгите те наоѓаат тебе, а не ти нив. Особено имајќи ја предвид моменталната ситуација во Украина, некако многу блиску ја почувствував книгата и сметам дека е навистина релевантна иако се работи за сосема друг временски период и сосема друга територија. Сепак, размислувањата на Балашевиќ за војните и оние кои ги предизвикуваат одекнуваат многу силно и важат дури и денес.
Секако, меланхолијата и внатрешниот монолог на главниот лик се присутни и моќни, одбивањето да се прифати војната и нејзиното лудило се испреплеткани со љубовта, со пропуштените шанси, со сеќавањата на некои други времиња. Прекрасно четиво, длабоко емотивно и поттикнува на многу размислување. Нешто што само Балашевиќ може да го напише.
„Хари Потер и реликвиите на смртта“ – Џ. К. Роулинг

Издавачка куќа: Bloomsbury
Омилена писма од книгата: „И после сето ова време? – Секогаш.“
Оцена: 5/5
Осврт: По неколку месеци дружење со овој серијал, минатиот месец ја заокружив приказната за момчето кое преживеа. Емоционален ролеркостер кој постојано го води човек низ случувањата сè додека не дојде ред за конечната пресметка со Волдеморт и битката кај Хогвартс.
Неколку пати пуштив солзи, а и долго откако ја завршив книгата не можев да се разделам од магичниот свет на Роулинг. Одличен серијал. Уживав во секоја книга, особено во последните неколку делови кои беа и мрачни и тешки, но полни со случувања, одличен развој на дел од ликовите, а и голем број на изненадувања кои не ги очекував. Кога почнав да го читам серијалот, не верував дека ќе ме воодушеви, затоа што мислев дека поради тоа што ги имам гледано филмовите, веќе отприлика знам што ќе се случи, но погрешив. Целосно живеев со овој свет и неговите магични жители и се надевам дека во текот на годините ќе имам можност да ги препрочитам сите книги.
„Девојка од мал град“ и „Јужњакот со сини очи“ – Лиса Клејпас

Издавачка куќа: САКАМ КНИГИ
Омилена мисла: „Времето од три-четири минути е доста безначајно гледано во целина. Луѓето губат стотици минути секој ден залудно трошејќи ги на неважни работи. Но понекогаш во тие фрагменти од времето може да ни се случи нешто што ќе го паметиме цел живот.“ („Девојка од мал град“)
Оцена: 4/5
Осврт: Ги ставив овие две книги заедно, затоа што се работи за дел од книжевен серијал на Лиса Клејпас за семејството Тревис. „Девојка од мал град“ започнува со приказната за Либерти Џоунс млада девојка на почетокот од нејзините тинејџерски години која со својата мајка се преселува во малечкото место Велком, во Тексас. Таа расте без татко и во оскудни услови, но во тоа малечко место првпат се заљубува во мистериозниот Харди, кој иако има чувства за неа, решава засекогаш да си замине од Велком и ја остава со скршено срце.
Но, животот на Либерти е полн со трагедии и тажни моменти и таа мора сама да се бори за себеси за даго најде своето место под сонцето. Еден ден го запознава Черчил Тревис, еден од најбогатите луѓе во Тексас, кој е многу постар од неа и почнува да покажува речиси татковски интерес за неа и така да почнува да се запознава со целото семејство. Не може ни да замисли на какви начини ќе ѝ се промени животот, а во еден момент и Харди се враќа во нејзиниот живот, па таа мора да научи да го слуша своето срце.

„Јужњакот со сини очи“ е продолжение на оваа приказна, каде повторно се среќаваме со некои од ликовите од претходната книга, но центарот на приказната е Хејвен Тревис, единствената ќерка на Черчил Тревис, која и покрај противењето на својот татко решава да се омажи за своето момче кое не е толку совршено колку што ѝ изгледа на почетокот.
Клејпас во оваа книга истражува и многу помрачни теми, како семејно насилство, тешки и отровни односи и нарцистични однесувања кои е тешко да се прекинат. Хејвен сфаќа дека мора да се потпре на себеси и да изгради живот за себе, а сфаќа и дека љубовта може да се појави во различни и неочекувани форми, и дека често се случува човек да добие љубов особено од луѓето од кои човек најмалку очекува.
Препорачувам да ги читате книгите по ред, иако може да се читаат и засебно, но многу поинтересно ќе ви биде да видите како се испреплетуваат ликовите во двете книги. Иако има мали работи кои ми пречеа во однос на некои од ликовите, сепак можам да кажам дека уживав во стилот на пишување на Клејпас која претходно ја запознавме преку нејзините историски романси за кои веќе пишував на блогот. И освен тоа, ова се одлични книги доколку сакате да заборавите на секојдневниот хаос и лошите вести и се читаат многу брзо.

