Кафе и книги полни 7 години!

Драги љубители на книги,

Изминаа седум години откако блогот срамежливо се појави на македонскиот интернет простор. На 4 март 2015 година, Кафе и книги ја започна својата приказна на овој огромен виртуелен простор. Во потрага по катче каде ќе можам да споделувам интересни содржини за книги и автори, не очекував дека блогот ќе добие свој сопствен живот, со свои читатели, со луѓе кои ја споделуваат истата љубов кон книгите и читањето. Полека, но сигурно, Кафе и книги почна да се развива, да добива нови секции, делови, работи кои ми беа интересни и кои мислев дека можеби и на другите ќе им бидат и интересни и корисни.

(Извор на сликата: We Heart It)

Навистина ми е драго кога ќе чујам дека некому се допаднала некоја објава или дека некој пронашол препорака за читање токму на блогот и му се допаднала книгата. Се трудам да дадам мал придонес кон македонскиот книжевен простор и се надевам дека уште многу години ќе се дружиме и разменуваме книги и мислења.

Во текот на овие седум години, биле споделени 1345 објави, додека пак содржините на блогот биле прегледани 478.275 пати од страна на 324.106 посетители. Многу ми е драго што многумина од вас решаваат да се навраќаат на содржините, но и дека со текот на времето блогот добива и нови посетители и дека секој си наоѓа нешто за себеси и своите книжевни интереси.

Роденденот на Кафе и книги е одлична можност и за рефлектирање на најпопуларните објави во текот на годината. Како што е редот во продолжение следат некои од најпопуларните објави севкупно во овие 7 години и оние кои беа најчитани во изминатата година. „Очи“ од Ацо Шопов останува неприкосновена на врвот и тоа веќе со години.

Топ 10 најчитани објави во овие 7 години:

  1. Македонска поезија: „Очи“ од Ацо Шопов
  2. Неколку факти за „Гарванот“ на Едгар Алан По!
  3. Злосторство и казна“: Кратка анализа на едно од најпознатите дела на Достоевски!
  4. Вистинското куче кое било инспирација за „Повикот на дивината“ на Џек Лондон…
  5. Македонска поезија: „Цветови“ од Славко Јаневски!
  6. Македонска поезија: „Ако не си ти“ од Петре М. Андреевски!
  7. 4 најдобри веб-страни за читање книги!
  8. IN MEMORIAM: Најубавите мисли на Горан Стефановски!
  9. Македонска поезија: „Т’га за југ“ од Константин Миладинов!
  10. Интересни факти за „Странецот“ на Албер Ками

Топ 10 најчитани објави во изминатата година:

  1. Македонска поезија: „Очи“ од Ацо Шопов
  2. Злосторство и казна“: Кратка анализа на едно од најпознатите дела на Достоевски!
  3. Трагедијата на големата љубов на Ана Каренина: Не можеше без него, не умееше со него!
  4. Неколку факти за „Гарванот“ на Едгар Алан По!
  5. Вистинското куче кое било инспирација за „Повикот на дивината“ на Џек Лондон…
  6. Македонска поезија: „Елегии за тебе“ од Кочо Рацин!
  7. IN MEMORIAM: Најубавите мисли на Горан Стефановски!
  8. Македонска поезија: „Т’га за југ“ од Константин Миладинов!
  9. Прекрасни и извонредни мисли од „Пиреј“ на Петре М. Андреевски!
  10. Мобилни апликации кои ви овозможуваат читање книги на македонски јазик!

Уште еднаш од срце ви се заблагодарувам за тоа што го читате и споделувате блогот, ви благодарам за секој коментар, критика, предлог и се надевам уште долго ќе споделуваме книги и предлози и ќе ја шириме заедно љубовта кон книгите.

Срдечен читателски поздрав,

М.

Leave a comment