Секогаш се за поздрав обидите да се внесе нова свежина и да се даде придонес кон македонската книжевност и затоа е важно да се поддржуваат македонските автори и авторки. Во таа насока, денес имате можност да пристапите до електронското издание на новата книга со аформизми на македонскиот автор Илија Илиев – Струмјан.
(Извор: PrintScreen/Илија Илиев – Струмјан)
Илија Илиев – Струмјан е роден во Струмица, но од 1971 година живее во Скопје. Тој досега објавувал свои творби во весниците „Студентски збор“и „Остен“, како и во популарната хумористична и сатирична радио-емисија „Хихирику“. Застапен е и во збирките „Антологија на македонскиот афоризам“ и „Антологија на балканскиот афоризам“. Како што се наведува во неговата биографија, автор е на неколку текстови за песни изведувани и наградувани на музички фестивали, а Македонската Радио Телевизија му го има откупено сценариото за тв-драмата „Името на изгревот“. Досега има објавено и збирка некролози „Мртвите херои на нашата иднина“, додека пак „Нечии зборови копаат гробови“ му е прв политички роман.
Доколку сакате да пристапите кон книгата, тоа можете да го сторите преку овој линк: „Нечии зборови копаат гробови“, а тука можете да пристапите кон неговиот блог и да се запознаете подетално со неговото творештво.
Подолу можете да прочитате и неколку афоризми кои ми оставија впечаток:
Толку многу ги извишија своите
семејни стебла што веќе не си
го гледаат коренот.
***
Нашата историска драма е
аматерска: сè недовршени
чинови.
***
За да покажат дека патот по кој
одат е трнлив го прекрија со
рози.
***
Кога му го извалкаа образот
им го понуди и другиот.
***
Насамарениот почнува да
клоца дури откако ќе сфати
дека го јаваат.
***
Ова се историски мигови – кој
стигне се фаќа за историјата.
***
Многу сме скромни. Никаде нè
нема!
***
Најпосакувана конечност е
бесконечноста.
***
Живееше толку мрачен живот
што кога му дојдоа светлите
мигови само го заслепеа.
***
Најскриените внатрешни
чувства тешко преживуваат во
надворешниот свет.

