„Оркански височини“ на Емили Бронте е една од најпознатите книги на сите времиња и често може да ја сретнете на сите оние листи со книги кои секој треба да ги прочита во текот на животот. Се работи за навистина моќна и одлична приказна, со неверојатни ликови и покрива многу теми, кои, особено во времето кога е издадена, се сметале за прилично смели, храбри, дури и контроверзни.
Секоја книга од овој тип вреди да се препрочитува и постојано да се гледа со „нови очи“, со цел да се откријат сите нејзини тајни. Токму тоа го прави Радика Оберој во својот текст на веб-страницата The Wire и навлегува малку подлабоко во срцето на романот и приказната. Во продолжение прочитајте го текстот на македонски, а најдолу имате линк до оригиналната статија.

(Извор: thelitedit.com)
Наративот на „Оркански височини“ грми и потресува како бура над грмушка; свети како нескротливите пожари што пламтат со јаглен и дрво во огништето; го замајува читателот со своите мртви зајаци и другите придружници, со своите дрски барања за љубов на неверојатни места. Нејзините структурни скелиња ги држат двајца наратори – Локвуд, новиот станар во Трушкрос Гранџ, и Елен (Нели) Дин, неговата домаќинка, која исто така е сведок на три генерации на семејството Ерншо во „Оркански височини“, нивното лутање низ мочуриштата, во секое време изложени на хаосот на северните ветрови. Локвуд, кој избрзано и неточно го оцени својот домаќин Хитклиф како „Одличен дечко!“ ја утврдува измислената сегашност, но преку Нели Дин, која се потсетува на минатото, се откриваат судбините на семејствата Ерншо и Линтон; нивните заблуди и беди излегуваат на површина, незапирливи како проклетствата што произлегуваат од збунетото најстаро дете на семејството Ерншо, Хиндли.
Изборот на нелинеарно раскажување на Бронте, нејзината употреба на „флешбекови“ и фрагментирани разговори за да ја раскаже оваа приказна за дивјаштвото и нежната посветеност, е можеби исто толку уникатна како и нејзиниот избор на главни ликови: Хитклиф и Кетрин. Други авторки од деветнаесеттиот век (Џејн Остин, Шарлот Бронте, Џорџ Елиот) имаат поставено поедноставни нарации и претпочитале конвенционално привлечни протагонисти. Но, Емили Бронте, преку сеќавањата на Нели Дин, го претставува Хитклиф како „валкано, парталаво, црнокосо дете; доволно голем и за да оди и да зборува: навистина, лицето изгледаше постаро од лицето на Кетрин; сепак, кога беше исправен на нозе, само гледаше наоколу и одново и одново повторуваше некои глупости што никој не можеше да ги разбере“. Пронајденето дете е „тоа“; му се доделува пол само откако Ерншо ќе го крсти „Хитклиф“.
Возрасниот Хитклиф е повеќе егзотичен отколку романтичен; кога се враќа назад по одреден период на отсуство, Нели Дин го опишува како многу изменет од неговото поранешно, деградирано јас:
„Полуцивилизирана жестокост сè уште се криеше во потиштените веѓи и очите полни со црн оган, но беше смирен; а неговите манири беа дури и достоинствени: сосема отстранет од грубоста, иако премногу строг за грациозност“.
Мрачен, одмаздоубив и намуртено бајронски, Хитклиф никогаш не е „херојот“ кој се враќа да ја бара Кетрин, неговата „мила на срцето“, која е во брак со иритантниот Едгар Линтон. Тој се враќа да за да ги освои Оркански височини; тој се враќа да ги исправи неправдите од своето детство, да ги дестабилизира бастионите на моќта и да ја преземе контролата врз самото место каде што кон него беа упатувани вулгарности како „Ц****“, „дете на Сатаната“ и „просјак“.

(извор: “Wuthering Heights” by Robert McGinnis/Tom Simpson)
И Кетрин тешко дека може да се класифицира како типична викторијанска хероина. Како шестгодишно девојче, таа „може да јава секој коњ во шталата“ и бара неверојатен подарок: камшик, кога нејзиниот татко г-дин Ерншо оди на пат во Ливерпул. Како млада жена, таа е склона да штипне, да удира шлаканици и да тероризира со својот тежок темперамент, и тоа да го прави на секој што ќе ѝ застане на патото или ќе се спротистави на ѝ оди по терк на нејзиното расположение. Нели Дин се сеќава:
„Таа, претпоставувајќи дека Едгар не може да ја види, ја зграпчи крпата од мојата рака, и ме штипна за раката и тоа со задржано стегање, многу злонамерно.“
Непостојана, своеволна и злонамерна, Кетрин не покажува ниту деликатна диспозиција, ниту манири. Дива како грмушките што растат таму, и најсреќна кога се шета низ мочуриштата со нејзиниот Хитклиф, таа е исто така остроумна и разбира дека ако се омажи за него, тоа за неа би значело пад во општеството: Таа ѝ се доверува на Нели Дин:
„Ако сега се омажат со Хитклиф, тоа би ме деградирало; па така, тој никогаш нема да дознае колку го сакам; и тоа не затоа што е згоден, Нели, туку затоа што тој е повеќе јас отколку јас. Од што и да се направени душите, мојата и неговата се исти…“
Искреноста на оваа декларација е можеби причината поради која удобната ознака „љубовна приказна“ е залепена на „Оркански височини“. Исто така, тоа е причината поради која ги привлече филмаџиите како Вилијам Вајлер да го направи филмот од 1939 година, со Лоренс Оливие како Хитклиф и Мерл Оберон како Кетрин. Тука е и екранизацијата на романот во режија на Андреа Арнолд во 2011 година, во која младиот Хитклиф, игран од Соломон Глејв, е црнец, а бруталноста која семејството Ерншо му ја упатува на Хитклиф се смета за расен конфликт.
Оперска верзија од 1958 година од композиторот Карлајл Флојд се отвора со пролог што го прикажува Хитклиф како господар на имотот и се префрла во минатото, кога тој бил сирак, кој живеел во милост и немилост на Ерншо. Во интервју за списанието „Тајм“, композиторот изјавил за книгата: „Сфатив дека е многу лошо напишана; Речиси и не можев да го користам дијалогот на Бронте“. Мјузиклот на МТВ од 2003 година има песни од Џим Стајнман и го претвора Хитклиф (преименуван во Хит) во рок-ѕвезда, кој Хиндли, кој е преименуван во Хендрикс, го нарекува Фо-Бро.
Во романот, тематската промена се случува дури по признавањето на Кетрин дека го сака Хитклиф со сила толку исконска и вечна како карпите под дивината на заливот на мочуриштата. „Оркански височини“ повеќе не се однесува на елементарна и неизвалкана љубов; туку избувнува и се движи напред со жестока приказна за одмазда и искупување и се движи кон несигурна понуда за враќање на тишината.
Раните осврти и критики на романот беа, очекувано, остри. Хенри Чорли, кој пишувал за„ Антенаон“ од 1830 до 1868 година, ја опишал книгата како „непријатна приказна“. Коментирајќи за Орскански височини, домот, тој напиша дека тоа е „затвор што може да се прикаже од животот … да се надеваме дека (авторот) ќе нè поштеди од понатамошни ентериери кои се толку мрачни како тој тука разработен со таква страшна деталност“.
„Оркански височини“ излезе во Лондон во 1847 година и тоа во два тома, кои беа дел од сетот од три тома, вклучувајќии ја и книгата „Агнес Греј“ на Ен Бронте. Двете сестри првпат беа објавени од страна на Томас Котли Њуби под имињата Елис и Актон Бел – машките псевдоними што ги добија за да ја сокријат својата женственост. Шарлот, Емили и Ен исто така биле објавени во 1846 година, во збирка песни насловена како „Песни“ од Курер, Елис и Актон Бел. Шарлот била таа што „случајно најде том од стихови со ракописот на сестра ѝ Емили“ и открила дека тие имаат „чудна музика – дива, меланхолична и возвишена“. Шарлот смислила план да ги објави, заедно со песни од неа и Ен.
Затоа е и сосема соодветно што Емили, петтото дете на Патрик Бронте, свештеник, и Марија Бранвел Бронте, која починала од рак во 1821 година, треба да добие почит од нејзиниот непоколеблив навивач, Шарлот, која за нејзината сестра во „Биографско известување за Елис и Актон Бел“ напишала: „Посилна од маж, поедноставна од дете, нејзината природа стоеше сама.”
