Во подготовка е екранизација на „Големите очекувања“!

„Големите очекувања“ на Чарлс Дикенс е вистински класик и омилена книга на милиони луѓе ширум светот, а досега овој роман бил екранизиран во неколку наврати. „Гардијан“ неодамна објави дека во подготовка е телевизиска екранизација на овој роман, во продукција на BBC.

(сцена од екранизацијата од 2011 година/извор: BBC)

Според информациите, се работи за мини серија од шест епизоди, која ќе го следи животот на сирачето Пип. Познатиот сценарист и писател Стивен Најт е задолжен за екранизацијата, Луси Форбс ќе биде главна режисерка, Марк Кинсела ќе биде продуцент, а серијата ќе биде продуцирана од истиот тим кој во 2019 година ја направи екранизацијата на „Божиќна приказна“, уште едно дело на Чарлс Дикенс.

Една од најинтересните вести поврзани со екранизацијата е актерската екипа, односно фактот дека познатата актерка Оливија Колман, која има добиено и Оскар, ќе ја глуми богатата „стара мома“ г-ца Хавишам. Покрај неа, во серијата ќе играат и Фион Фајтхед како Пип, Ешли Томас, Џони Харис и други.

Инаку, „Божиќна приказна“ и „Големите очекувања“ се првите две од серија на екранизации на делата на Дикенс кои ќе бидат во продукција на BBC and FX Productions.

Сè уште нема информации за тоа кога ќе биде готова серијата, но се очекува дека ќе има премиера кон крајот на 2022 година.

Извор.

Leave a comment