Горан Стефановски е еден од најголемите книжевни умови што Македонија ги имала. Неговите драми се безвременски и истовремено универзални, но и локални, како и секогаш актуелни. За жал, Горан Стефановски нè напушти во 2018 година, но остави зад себе големо наследство и богатство кое имаме обврска да го чуваме и почитуваме.

Во чест на Горан Стефановски, Драмскиот театар во Скопје ја подготвува претставата „My name is Goran Stefanovski“ во режија на Бранислав Миќуновиќ. Како што се наведува во официјалниот настан на Фејсбук, се работи за „своевидна интимна посвета на режисерот на пријател и еден од најзначајните драматурзи на екс ју и европскиот театарски простор.“
Драматургот Бранислава Илиќ направи авторска адаптација со наслов „My name is Goran Stefanovski“, преку монтажа на сцени од седум драми на Горан Стефановски (Црна дупка, Лонг плеј, Сараево, Казабалкан, Хотел Европа, Евроалиен и Одисеја), а авторската музика е на Влатко Стефановски, еден од најпознатите македонски и балкански музичари, но и брат на Горан.
Во најавата се вели:
Со оглед на тематското преиспитување на односот меѓу идентитетот и домот, во сценска смисла станува потрага по идентитетот на поединецот растргнат помеѓу желбата за постигнување лична слобода и желбата за простор на сигурност. Претставата го покренува прашањето за релевантноста на оваа вечна дилема на човекот, во свет во кој сè е на продажба, а интересот и моќта станаа поважни општествени категории од правото на слобода и безбедност на секој поединец.
Актерската екипа ја сочинуваат: Мето Јовановски, Стефан Вујисиќ, Билјана Драгичевиќ Пројковска, Игор Ангелов, Драган Спасов Дац, Златко Митрески, Софија Куновска, Јелена Жугиќ, Соња Станболџиоска, Дамјан Цветановски, Ана Димитрова и Саша Димитриевска.
