Македонска поезија: „Четврто писмо“ од Петре М. Андреевски!

Денес е Светскиот ден на поезијата! Секој ден е прекрасен ден за да се чита поезија, но на овој особен ден уште поубаво е одново да се читаат нашите омилени стихови или да пронајдеме нови омилени стихови. Еден од најдобриот начин да го одбележиме овој ден е преку споделување на македонска поезија, а изборот падна на Петре М. Андреевски и неговата песна „Четврто писмо“. Со оглед на тоа дека се работи за циклус од Пет љубовни писма, можете да ги прочитате останатите на следните линкови: ПРВО ПИСМО, ВТОРО ПИСМО, ТРЕТО ПИСМО и ПЕТТО ПИСМО.

ЧЕТВРТО ПИСМО – ПЕТРЕ М. АНДРЕЕВСКИ

(Од циклусот Пет љубовни писма)

Една година јас без тебе, јас без себе,
една година како елениче-плетениче на провинциите,
како едначење на гласот од селските тажачки.
Видот не ме открива, телото не ме прифаќа
и веќе почнувам да живеам со бестелесна тежина.
A мојата далечна мисла сека над градовите
и секој говор ми почнува со твоето име.
Te оживувам од сите слики, но жива нигде те немам
тебе равенко меѓу моето тело и мојата душа.

Една година како во нашето растојание
ги гледам причините за сите војни.
Сето бело видело ми го скри под своите трепки,
(занишани како јуриш на летни ’ржи в присој)
па ни пат кај што врвам, ни сон кај што преспивам,
ни крај, ни бескрај, ни земја кај што те здогледувам,
и пак со тебе легнувам и пак без тебе ce будам.

A една година како трчкам по жална Македонија,
одбирајќи зборови што секаде ќе те прочујат
тебе балсам и шеќерпаре, тебе радост на иднината
што севезден ги бодреше моите болести.

Една година како ce враќам кај тебе
само со тоа што ги препрочитувам твоите писма,
и една година празен ко празна воденица,
ко месечината што ce празни на полноќните распаќа.

Една година оставен да ce бранам од себеси
како мразот што ce брани од својата нежност.

Една година ти без мене, јас без себе.

Leave a comment