Едгар Алан По е еден од најпознатите писатели и поети во историјата на американската книжевност, а „Гарванот“ е една од најпознатите поеми на сите времиња. Но, дали сте знаеле дека во одреден период Едгар Алан По и не бил толку почитуван во САД? И дали знаете зошто е тоа така? Во продолжение, прочитајте ја оваа интересна статија на Даниел Хонан, објавена на порталот Big Think, а најдолу можете да пристапите до оригиналната статија на англиски јазик.

(извор на сликата: Infolibros)
„Никаде на друго место во светската книжевност, колку што знам, еден писател не бил толку презиран од книжевниците кои твореле на истиот јазик и толку славен од најдобрите умови на друга култура и јазик“. Оваа опсервација ја направил книжевниот теоретичар Џонатан Калер, а писателот на кој се осврнувал бил Едгар Алан По. Додека во САД биле запоставени расказите, есеите и песните на По, истите биле исклучително почитувани од француски писатели како Шарл Бодлер, Пол Валери и Стефан Маларме.
Имало ли длабока и неверојатна врска помеѓу пишувањето на По и француските читатели? Калер ова го нарекува примамлив проблем за книжевната историја.
Но, што кажува ова за американските читатели?
„По е еден од писателите кои нè прават она што сме“, напишал Е. Л. Доктору. Па, како е можно сонародниците на По да бидат толку непријателски расположени кон него? Како што се испоставило, тука и некои злобни дела вмешале прсти.
Иако По бил сестран писател, тој дискутирал за Њутновата физика, уредувал голем број книжевни списанија и ја измислил модерната детективска приказна – денес тој е најдобро познат и тесно поврзан со готскиот жанр. Според музејот на По во Ричмонд, Вирџинија (САД), „името По потсетува на слики и сцени со убијци и лудаци, предвремени погребувања и мистериозни жени кои се враќаат од мртвите“.
(…)
И покрај комерцијалните амбиции на неговите готски приказни, недостатокот на комерцијален успех на По е она што го предизвикало гневот и презирот на неговите американски клеветници. Бодлер го резимира овој став како таков: генијалноста на По никогаш не била регулирана на начин „посоодветен за американската почва“. Со други зборови, за да станел автор што заработува пари, за По подобро било „да поседува само талент, бидејќи талентот може многу полесно да го натрупа банкарскиот баланс отколку генијалноста“.

(Извор на сликата: Buzzfeed)
Клеветниците на По, исто така, ја обликувале и сликата за човекот Едгар Алан По, како некој што и денес вообичаено се смета за некој вид пијан морбиден скитник.
Тука вреди повторно да се цитира Музејот посветен на Едгар Алан По:
„Токму онака како што бизарните ликови во приказните на По ја фасцинирале јавната имагинација, токму таков бил случајот и со самиот По. Тој се смета за морбидна, мистериозна фигура која демне во сенките на гробиштата осветлени од месечината или замоците кои се распаѓаат. Ова е легендата на По. Но, голем дел од она што го знаеме за По е погрешно, производ на биографијата напишана од еден од неговите непријатели во обид да го оцрни името на авторот.“
Тој непријател бил Руфус Вилмот Гризволд, кој го напишал некрологот на По во „Њујорк Трибјун“ под псевдонимот „Лудвиг“. Иако Гризволд го прикривал својот идентитет, тој не направил обид да го скрие својот презир. Некрологот започнал со следните зборови:
„Едгар Алан По е мртов. Тој почина завчера во Балтимор. Оваа објава ќе запрепасти многумина, но малкумина ќе бидат ожалостени поради тоа“.
Гризволд со години наталожувал огорченост кон По и смислил заговор за да го искористи делото на авторот и истовремено да ја саботира неговата репутација. Гризволд направил злонамерен договор со мајката на сопругата на По за да го уреди првото постхумно издание на собраните списи на По и исто така го проширил својот некролог за По во долгото дело полно со клевети, насловено како „Мемоарите на авторот“.

(Извор на сликата: InternetPoem)
Преку фалсификувани писма и измислени детали за животот на По, Гризволд имплицирал дека По е виновен за сè, од инцест, напуштање на армијата, па сè до предавство на неговите пријатели. Овие клеветнички тврдења подоцна ќе бидат разоткриени, но сепак наративот на Гризволд ја обликувал перцепцијата на јавноста за По. Како што забележал големиот француски обожавател и преведувач на По, Бодлер, ако зборувате за По со Американец, тој би можел неволно да ја признае неговата генијалност. Овој Американец, сепак, би ви кажал и за:
„…нарушениот живот на поетот; неговиот алкохолизиран здив, подготвен да се запали при секој пламен од свеќа; неговите скитнички навики; тој ќе повтори дека поетот бил непредвидливо и чудно суштество, планета без орбита…“
Бодлер препознал дека оваа перцепција за По во голема мера се должи на „бесмртната озогласеност“ на Гризволд, „педагог вампир“ кој целосно го клеветел својот пријател во една огромна статија – заморна и преполна со омраза – која била префиксирана на постхумното издание на делата на По; во таков случај, зарем не постојат прописи во Америка кои ги чуваат клетвите надвор од гробиштата?

Едгар Алан По (лево) и Шарл Бодлер (десно) / Извор на сликата: The Limited Times
Бодлер бил толку згрозен од третманот што По го добивал во Америка што продолжил да го брани По, па во есејот насловен како „Едгар Алан По, неговиот живот и творештво“, тој жестоко го обвинил варварското општество во кое По, poète maudit, бил „единствен, осамен мозок“:
„Сите документи што ги прочитав ме водат до заклучок дека Соединетите Американски Држави не биле ништо друго освен огромна затворска куќа за По, во која тој се движел во состојба на трескавична агитација, како некој што е извлечен да дише застоен воздух – ништо друго освен задимена пустина на варварството – и дека неговиот внатрешен духовен живот како поет, па дури и како пијаница, бил постојана борба да избега од влијанието на оваа непријателска средина“.
Книжевното наследство е комплицирана работа за управување, особено ако вашиот непријател ја пишува вашата постхумна биографија, а вашиот спасител пишува на друг јазик. На крајот на краиштата, несреќен сплет на околности било тоа што најголемиот непријател на По бил многу блиску додека неговиот главен бранител живеел преку Атлантикот. Бодлер, се разбира, имал своја агенда во промовирањето на одредени аспекти од работата на По кои ги сметал за најкорисни. Но, оваа приказна има среќен крај.
Бодлер токму на По му ги припишува заслугите за новиот начин на набљудување на модерниот живот, сензибилитет што го нашол во расказот на По насловен како „Човекот од толпата“, кој ја формирал основата на значајниот есеј на Бодлер за модерноста, „Сликарот на модерниот живот.“
Бодлер погледнал подалеку од мракот и во По нашол визија за нов вид убавина. Оваа магична средба, пишува Сузан Блад, „го преобразува Бодлер во она што е, бидејќи секој поет станува она што е преку контакт со друг субјект“.
