За авторката на книгата „Пипи долгиот чорап“…

Неконвенционална, сомничава кон авторитети и жестоко независна: победничките карактеристики на црвенокосата хероина со кики, Пипи долгиот чорап, важат и за нејзиниот творец – Астрид Линдгрен, шведската авторка на популарни книги за деца и четврта најпреведувана писателка за деца во светот, која ги отфрлила општествените норми во време кога на жените не им било лесно да го создаваат својот пат.

Линдгрен скандалозно (за тоа време) родила вонбрачно дете. Ја објавила „Пипи долгиот чорап“ кога имала речиси 40 години. И кога открила дека ќе биде оданочена на стапка од 102 проценти, Линдгрен објавила сатиричен есеј што предизвикал бурни реакции и ефективно ги променил даночните закони и помогнала да падне тогашната влада.

Астрид Ана Емилија Ериксон се родила во 1907 година, како второ од четирите деца во семејството, и пораснала во јужна Шведска играјќи на фарма и околните насади со јаболка, наоѓајќи авантури и бајки во природниот свет, пејзаж на кој ќе се навраќа во своите романи. Се вработила во локален весник, но набрзо забременила од главниот уредник, кој во тоа време бил оженет. Иако тој понудил да се разведе од жена си и да се омажи за неа, 19-годишната Астрид одбила и наместо тоа се преселила во Копенхаген за да се породи анонимно и во попростлив, космополитски град.

Таму нашла работа како стенографка – вештина што ќе се покаже корисна откако ќе започне да објавува книги и приказни – и на крајот се омажила за колегата Стур Линдгрен, со кој ја добила ќерката Карин. Кога Карин имала 7 години и се досадувала прикована во кревет од пневмонија, таа ја молела мајка си, како што прават многу деца, да ѝ раскаже приказна. Карин го измислила името на лице место и рекла: „Раскажи ми приказна за Пипи Долгиот чорап“.

„Не ја прашав која е Пипи долгиот чорап“, изјавила Линдгрен за „Њујоркер“ во 1983 година. „Само што ја почнав приказната, а бидејќи беше чудно име, испадна дека е и чудна девојка“.

Линдгрен почнала да ѝ раскажува на својата ќерка, а подоцна и на поширок круг составен од семејство и пријатели им ја раскажувала приказната за неверојатното и чудно девојче кое нема мајка и има само татко кој е бегалец и за кој се претпоставува дека се изгубил за време на пловидба. Таа носела еден црн и еден кафен чорап и преголеми чевли, имала коњ и мајмун за домашни миленичиња и ги навредила локалните дами со тоа што изела цела торта на модерна чајна забава. И таа била доволно силна за да крене коњ. Пипи, прекршувачката на правилата, која им пркоси на авторитетите, но со фер и љубезно срце, ги маѓепсала децата кои ги слушале имагинативните приказни на Линдгрен.

Линдгрен на крајот ги собрала приказните во книга со поглавја, наречена „Пипи долгиот чорап“, и ја доставила до издавачот кој најпрвин ја отфрлил книгата. Таа потоа решила да ја пријави книгата на натпревар и победила. „Пипи долгиот чорап“ оттогаш стана една од најомилените книги во светот, преведена на повеќе од 50 јазици и направени се неколку филмски екранизации. Линдгрен веднаш станала неизмерно популарна и влијателна во својата земја, и била бранител на правата на децата.

За време на Втората светска војна, таа приватно зазела став против нацизмот. Со своето остро око за правичност, Линдгрен била испратена во САД од страна на женско списание во доцните 1940-ти. Таа се вознемирила од односот кон афроамериканците и подоцна напишала серија есеи за тоа искуство, што претставува преседан кога станува збор за нејзините публикации за социјалната правда. Таа била добро позната и како жесток противник на суровоста кон животните и смртната казна.

Во 1976 година, Линдгрен дознала дека поради даночните закони кои бараат од неа да плаќа и данок на доход и давачки на работодавачот, таа ефективно ќе биде оданочена по стапка од 102 проценти. Иако таа генерално била приврзаник на принципите на социјализмот, плаќањето повеќе отколку што всушност заработува ја згрозило. И така, таа објавила сатирична бајка, „Помперипоса во Монизманија“, за автор на детски книги принуден да плаќа огромни даноци. Бајката била објавена во стокхолмскиот таблоид „Expressen“. Сатирата поттикнала жестока дебата и за даночните закони и за владејачката Социјалдемократска партија. Поради нејзината популарност, луѓето ја слушале Линдгрен. Подоцна истата година, Социјалдемократската партија ги загубила изборите, паѓајќи од власта првпат по 44 години.

И покрај тоа, Линдгрен останала социјалдемократ сè до нејзината смрт во 2002 година, среќно плаќајќи даночна стапка од 80 проценти. Во 2015 година, сликата на Астрид Линдгрен била ставена на шведската банкнота од 20 круни.

Извор.

Leave a comment