На 28 април 1926 година се родила познатата американска писателка Харпер Ли, најпозната по својот роман „Да се убие птицата-подбивница“, за која ја добила и Пулицеровата награда за белетристика. Во 1964 година, таа седнала да разговара со Рој Њукист, радио-водител на станицата WQXR. Ова 11-минутно интервју, кое можете да го слушнете најдолу, е единствената позната снимка каде Харпер Ли разговара за нејзиниот успешен роман и едно од последните интервјуа кои ги дала во животот. Во продолжение прочитајте го транскрпитот на македонски јазик, а најдолу можете да ја слушнете оригиналната снимка.

Каква беше Вашата реакција на успехот на „Да се убие птицата-подбивница“?
Харпер Ли: Па, мојата реакција не беше чувство на изненаденост, туку чиста отапеност (се смее). Беше како да ме удриле по глава и ладнокрвно да ме турнале на земја (се смее). Тоа беше нешто што никогаш не го очекував. Најпрво, никогаш не очекував дека книгата ќе се продава, очекував дека ќе доживеам „чиста и милосрдна смрт“ од критичарите, но се надевав дека можеби некому ќе му се допадне доволно за да ми даде некакво охрабрување, некакво јавно охрабрување.
Мислам дека го добивте сето охрабрување што еден писател може да го добие во својот живот.
Харпер Ли: Да. (се смеат и двајцата)
На што работите сега, по објавувањето на „Да се убие птицата-подбивница“?
Харпер Ли: Работам на уште еден роман и исто како и „Птицата-подбивница“, оди многу бавно. Јас сум бавен работник, и мислам дека сум постојан работник. Знаете, многу писатели не сакаат да пишуваат. Мислам дека тоа е главната поплака. Мразат да пишуваат. Тие мораат, тоа го прават со компулсивност што го прави секој уметник она што е, но навистина не уживаат да седат и да се обидуваат да претворат мисла во разумна реченица. Но, јас сакам да пишувам и понекогаш се плашам дека премногу ми се допаѓа. Кога ќе навлезам во работата, не сакам да ја оставам и како на резултат на тоа, се случува со денови да не ја напуштам куќата, каде и да сум. Ќе излезам само колку да земам весници и храна и толку. Чудно е.
Романот „Да се убие птицата подбивница“ беше претворен во, според мене, необично добар филм, задржувајќи го поголемиот дел од интегритетот на книгата. Како се чувствувавте Вие во врска со тоа?
Харпер Ли: И јас се чувствував исто, Рој, всушност јас чувствував благодарност кон луѓето што го направија филмот. Беше најнеобичното искуство, мислам, јас не сум баш некој соодветен судија и единствениот филм што сум гледала како се снима е „Птицата-подбивница“, но имаше аура на чувство на сетот (…), чувство на љубезност, ми делуваше дека имаше многу почит за материјалот со кој работеа. Секако, јас бев пресреќна и трогната и премногу благодарна. И ми делуваше како да проникна низ секој што работеше на филмот, од режиерот до Грег Пек, до продуцентот, сè до човекот кој ги дизјанираше сетовите, до споредните актери, до актерите кои ги играа помалите делови.

(Харпер Ли со Грегори Пек на снимањето на „Да се убие птицата-подбивница“)
Зошто постои таков нерамномерен удел помеѓу убавата белетристика и најчувствителната белетристика, односно зошто истата доаѓа од писатели родени и израснати на Југот?
Харпер Ли: Рој, како прво, мораш да земеш предвид кои се Јужнаците. (…) Ние сме најчесто составени од Англичани, Велшани, Ирци, Шкоти. Ние во поголем дел пораснавме во земјоделско општество. Традицијата на Југот не е урбана, не е индустријална, или барем не беше порано, барем нашето наследство не е такво. Ние сме регион на раскажувачи, само поаѓајќи од нашите племенски инстинкти. Ние го немавме задоволството да го искусиме театарот, игранките, филмовите, кога излегоа, ние едноставно се забавувавме преку зборување. Ако никогаш не сте биле или не сте познавале јужначки мал град, луѓето не се особено софистицирани, не се светски луѓе, но секојпат кога ќе сретнете некого, тие ќе ви раскажат приказна. Ние сме орални типови, ние зборуваме.
Уште нешто што сум забележала кај луѓето дома во споредба со луѓето од мали градови во Нова Англија, ние имаме повеќе смисла за хумор. Ние не сме сериозни, не сме тивки и повлечени, целото наше општество е насочено кон зборување. Ние секако дека работиме напорно, но на друг начин. Ние работиме за да не работиме. Секое време поминато во бизнис е повеќе или помалку залудно потрошено време, но го правиме тоа за да можеме да одиме на лов и риболов и да озборуваме.
Но, мислам дека ова наследство, нашето етничко потекло и отсуството од работи што да се прават, како на пример да отидеш некаде и да видиш нешто, не може да одиме да гледаме престава, не може да одиме на бејзбол натпревар кога ќе посакаме. Со години моравме сами да се забавуваме. Тоа беше моето детство. Ако отидев на кино еднаш месечно, тоа беше прекрасно за мене и за децата како мене. Моравме да создаваме наши работи за забава. Немавме многу пари. Никој од нас немаше пари. Немавме многу играчки за да си играме. Ништо не беше направено за нас. И како резултат на тоа, повеќето од времето живеевме во фантазијата. Ние бевме читатели и тогаш ќе го префрлевме она што ќе го видевме на убавите страници во задниот двор во високи форми на драма. Зарем како дете никогаш не сте го играле „Тарзан“ и не одевте во џунглата или одново ја создадете битката кај Гетисбург во една или друга форма? Ние го правевме тоа. Дали сте живееле во куќичка на дрво? Дали некогаш наоѓавте цели светови во крошната на дрво?
Мислам дека таков начин на живот природно произведува повеќе писатели, отколку живеењето на „82 улица“ во Њујорк. Во животот во малите градови и во руралниот живот, луѓето ги знаат своите соседи, не само што ги знаат своите соседи, туку знаат и сè за животот на нивните соседи, дури уште од времето кога дошле во државата. Луѓето си се предвидливи едни на други, само по семејните карактеристики. Животот е побавен. Имаме повеќе шанси да го впиеме тоа што го гледаме. Ние не брзаме толку што не можеме да правиме ништо освен да отидеме во канцеларија, да се вратиме дома, да се напиеме пијалок и да седнеме и да завршиме со вечерта.
Моето последно прашање беше за амбициите на г-ѓа Ли како писател.
Харпер Ли: Моите цели се ограничени. Сакам да го направам најдоброто што можам со талентот што Бог ми го дал. Би сакала да бидам хроничар на нешто што мислам дека брзо си заминува, а тоа е јужначкиот живот во малиот град и средната класа, наспроти готиката, тобакото, живот на плантажа и такви работи. Има нешто универзално во тоа, има нешто пристојно што може да се каже. И има нешто за размислување во смисла на тоа во кој правец се движи. Со други зборови, сè што сакам да бидам е Џејн Остин од јужна Алабама.
Слушнете го интервјуто:
