Што читаше Кафе и книги во април?

Дојде мај, доаѓа и Саемот на книга! Пролет е прекрасно време за читање книги, а доколку се прашувате што да читате, можеби некои од овие предлози ќе ви фатат око, особено што зад аголот е и Саемот на книга!

Цинковите момчиња“ – Светлана Алексиевич

Издавачка куќа: БЕГЕМОТ
Оцена: 5/5
Осврт
: Светлана Алексиевич со текот на годините ми стана една од омилените современи авторки и тоа без никаков сомнеж. По „Чернобилска молитва“ и „Војната нема женско лице“, решив да ја прочитам и „Цинковите момчиња“ и морам да кажам дека не се разочарав.

Она што е одлично кај Алексиевич е тоа што им дава глас на „малите луѓе“ кои се затекнати од големи историски настани. Како и во другите книги, така и тука таа остава другите да ја раскажат својата приказна, а таа е тука само навигаторот. Во оваа книга таа се концентрира на советското војување во Авганистан и дава една поинаква слика, уште еднаш, за грдото лице на војувањето и жртвите од таквите постапки. Прекрасна книга!

Секое утро патот до дома е сè подолг и подолг“ – Фредрик Бакман

Издавачка куќа: АНТОЛОГ
Оцена: 5/5
Осврт
: Како и Алексиевич, така и Бакман многу брзо ми стана еден од омилените современи автори, иако и двајцата се сосема различни во однос на тематиките. Алексиевич се концентрира на реални настани, додека Бакман е автор на белетристика, но неговите приказни секогаш имаат меланхолична нишка која не може да не го погоди читателот.

Во оваа книга која има нешто над 80 страници, главниот лик е Дедото, кој секој ден сè повеќе има проблем со помнењето и речиси целиот живот почнува да му избледнува од мозокот. Ние го следиме него и неговите обиди да се помири со фактот дека животот му се лизга од раце, а попатно гледаме и како неговите најблиски се справуваат со тоа. Неверојатна книга, полна со топлина и чувства и нема да ве остави рамнодушни.

Везилка“ – Блаже Конески

Издавачка куќа: АРС ЛАМИНА
Оцена: 5/5
Осврт
: Нема потреба од многу воведи за Блаже Конески и неговата поезија. Овој месец решив да ја израдувам душата со поезија и некако природно ми дојде да се навратам на Блаже Конески и неговите стихови. Особено ме радува што повторно се издаваат постарите изданија и збирки на Блаже Конески, па затоа и го земав ова издание на Арс Ламина, кое како дополнителен шлаг има поговор напишан од Влада Урошевиќ, поговор кој е прекрасно напишан.

Во ова издание се вклучени песните од стихозбирките „Везилка“ и „Стерна“, повеќето се многу добро познати, а некои сфатив дека ги имам подзаборавено, па беше одличен момент да им се навратам. Навистина одлично издание, го препорачувам со цело срце! Да читаме македонски автори и македонска поезија, овие изданија вреди да бидат дел од сечија домашна библиотека!

Подземната железница“ – Колсон Вајтхед

Издавачка куќа: АРТКОНЕКТ
Оцена: 5/5
Осврт
: Овој роман ја доби Пулицеровата наградата за белетристика во 2017 година. Фантастична книга! Се трудам барем еднаш во два месеци да прочитам роман кој ја добил оваа награда и овојпат изборот падна на „Подземната железница“.

Неверојатно емотивна и трогателна приказна за времето на робовладетелството во САД, за суровоста и нечовечноста на ропството и начинот на кој робовите биле третирани. Главиот лик во книгата е Кора, робинка која решава да избега од плантажата на која живее, која копнее во слободен живот.

Прозата на Вајтхед е многу моќна, начинот на кој секоја реченица има своја цел и прави целосно да ја согледате суровоста на системот во САД и начинот на кој системот се однесувал со човечки суштества, само затоа што се родиле со поинаква боја на кожата. Топла препорака!

Алкибијад“ – Платон

Издавачка куќа: ТРИ
Оцена: 5/5
Осврт
: Доколку сте љубител на филозофијата, топло ви ја препорачувам оваа книга, а дури и ако не сте – ви препорачувам да ѝ дадете шанса. За ова дело на Платон и ден денес има дебати околу тоа дали е навистина негово дело или некој од неговите следбеници го напишал.

Се работи за многу интересен дијалог помеѓу Сократ и Алкибијад, кој е млад и веќе започнува да навлегува во општествениот и политичкиот живот. Сократ, преку неговиот добро познат метод, преку испитувања и прашања, го поттикнува Алкибијад да се замисли и да преиспита многу од работите за кои мислел дека има силни познавања.

Leave a comment