Емил Зола не само што бил мајстор со зборови, туку и живеел прилично интересен живот. Прочитајте 10 работи што треба да ги знаете за францускиот автор!
Детството и младоста
Емил Зола се родил во Париз на 2 април 1840 година. Кога Зола имал 3 години, семејството се преселило во Екс ан Прованс на југот на Франција. По смртта на неговиот татко, кога тој имал само 7 години, Зола и неговата мајка живееле скромен живот, пред Зола да одлучи да се врати во Париз за да ги оствари своите соништа да стане писател. Тоа ја разочарало неговата мајка, која се надевала дека тој ќе стане адвокат. Во Париз, Зола го развивал својот стил на пишување, а во меѓувреме работел ниско платени работи за да се издржува.

Во 1865 година, Зола ја запознал неговата идна сопруга Елеонор-Александрин Мели. Мели и Зола се венчале во 1870 година и биле во брак сè до смртта на Зола. Тие никогаш немале деца, а во 1888 година Зола започнал афера со Жана Розеро, шивачка која живеела со парот. Зола имал две деца со Розеро, а кога Александрин дознала за нивната повеќегодишна врска, парот за малку ќе се развел. Таа на крајот му простила на Зола и тој почнал да зазема позначајна улога во животот на неговите деца.
Зола паднал на својот матурски испит
Кога бил ученик, Зола требало да полага еден вид матурски тест што средношколците го полагаат за да го тестираат и докажат своето академско ниво и бил потребен за да продолжат со повисоки студии. Тестот бил од суштинско значење за Зола да стане адвокат како што сакала неговата мајка. Можеби изгледа тешко да се поверува, но книжевен мајстор како Зола паднал на испитот, не еднаш, туку двапати!
Зола го предводел натуралистичкото книжевно движење
Франција е родно место на многу литературни движења низ историјата. Натуралистичкото движење произлегува од толкувањето на Зола на теоријата чиј основач бил филозофот Огист Конт. Конт вовел употреба на научен метод според кој научникот треба да изврши контролирани експерименти за да ги докаже (или разоткрие!) хипотезите. Зола почнал да го применува овој метод во книжевноста, правејќи „експерименти“ врз ликовите во неговите дела.
Натурализмот во голема мера бил инспириран од истражувањата на Чарлс Дарвин, биологот кој прв ја поставил теоријата за природна селекција. Дарвин вели дека само „најбрзите и најсилните“ преживуваат во животинското царство. Зола сакал да ги постави истите прашања како Дарвин, но во рамки на социјалните ситуации.
Натурализмот се смета за екстремна форма на реализам, а неговата употреба во книжевноста сака да го проучи влијанието на околината врз ликовите и патеката по која ќе се движат нивните животи. Ако некој лик порасне во богато семејство, како тоа би влијаело на неговата иднина? Што би се случило ако ликот порасне во сиромашно семејство?
Додека одговорите на прашањата поставени од натуралистите можеби звучат очигледни за нашите модерни уши, движењето било револуционерно за своето време.
Тој би пријател со сликарот Сезан
Ако никогаш не сте слушнале за францускиот сликар Пол Сезан, дефинитивно треба да истражите нешто повеќе за него, или уште подобро, да отидете во музејот во Орсеј! И Пабло Пикасо и Матис го наведуваат Сезан како нивно големо влијание и се вели дека го премостил јазот помеѓу импресионизмот и кубизмот, два значајни уметнички правци.

(„Пол Алексис му чита на Зола“, слика на Пол Сезан, извор на сликата: Painting and Frame)
Пријателството на Зола и Сезан започнало многу години пред кој било од нив да ја достигне својата слава. Тие израснале заедно на југот на Франција, а всушност Зола бил тој кој го охрабрил својот пријател да му се придружи во Париз во 1858 година. Сезан насликал портрет на Зола и писателот Пол Алексис, на сликата погоре, со наслов „Пол Алексис му чита на Зола“.
Иако двајцата го одржувале своето пријателство со години, за жал, имале расправии поради фактот што Зола засновал еден од неговите ликови на Сезан, и тоа во роман во кој се критикува боемскиот живот на сликарите во тоа време, а Сезан го сметал тоа за навредливо.
Нивното пријателство е тема на филмот од 2016 година „Сезан и јас“, кој вреди да се погледне!
Зола напишал серијал од 20 тома
Најпознатото дело на Зола е серијата наречена „Ругон-Макарови“, серијал од 20 тома кој ги следи животите на две семејства во Франција од 19 век. Серијалот е еден од најдобрите примери на натурализмот во книжевноста. Зола бил опседнат со природната селекција и еволуција и користел книжевност за да ги проучува овие феномени (оттука и движењето натуралисти!). Неговиот серијал е истражување за ефектите на средината врз семејството низ годините.
Зола се интересирал и за свртувањето кон задоволството кое било важно за општеството во тоа време. Пиењето, останувањето надвор цела ноќ, танцувањето и употребата на дрога почнале да стануваат сè понормални, а главните ликови во неговиот книжевен серијал не биле имуни на овие пороци. Зола ги испитува ефектите што овие забави ги имале врз напредокот на нивните животи.
Зола всушност заработувал пари како писател
Многу познати автори од неговото време живееле оскудно, бидејќи нивните дела не биле препознаени додека биле живи. Зола дефинитивно имал среќа во оваа смисла, бидејќи заработил значителна сума на пари додека бил жив. Седмиот роман од неговиот серијал „Ругон-Макарови“, „Трујалница“, бил бестселер и ја зголемил славата Зола до небо. Книгата е коментар за алкохолизмот и лошите услови за живеење што ја мачеле ниската класа во тоа време. Иако Зола немал нужно намера романот да ја подигне свеста кај јавноста, тој го привлекол вниманието кон условите во кои живееле многумина во Париз, а за кои навистина не се зборувало. Славата на „Трујалница“ го направила славна личност, а продажбата на романот му обезбедило многу удобен живот на авторот.

Неговиот дом во Медан бил популарно збиралиште за другите писатели
Поради успехот на неговиот серијал „Ругон-Макарови“, Зола можел да купи голем имот лоциран надвор од Париз, во градот Медан.
Зола живеел во оваа куќа во поголемиот дел од годината и неговиот дом бил познат по тоа што често бил место каде што престојувале автори како Ги де Мопасан и Јорис-Карл Хајсманс за да разговараат за литературата. Како производ од тие состаноци произлегле романите со наслов „Собиранките во Медан“. Романите ја раскажуваат приказната за група пријатели кои се собираат во домот на Зола и за што разговарале на нивните состаноци.
Сите романи исто така вклучуваат разговори на авторите во врска со француско-пруската војна што се случила во 1870-1871 година. Групата сакала да разговара за војната на пореален начин, бидејќи често се пишувало за неа од херојска гледна точка со која авторите не се согласувале.
Аферата Драјфус
Иако романите на Зола биле причината поради која бил познат, отвореното писмо што тој го напишал во 1898 година до претседателот на Франција предизвикало контроверзии и се вели дека ја поделило Франција на две страни. Аферата Драјфус е веројатно еден од најскандалозните судски случаи во 19 век во Франција. Во 1894 година, капетанот Алфред Драјфус бил погрешно обвинет дека им дал строго доверливи информации на германските непријателски трупи. Тешкиот антисемитизам во тоа време ја натерал француската влада погрешно да го обвини Драјфус дека ги предал информациите на непријателот, иако набрзо се појавиле докази дека Драјфус не бил вмешан во тоа. Драјфус потоа бил осуден на доживотен затвор во Француска Гвајана.
Зола бил згрозен поради фактот дека и покрај тоа што било општо познато дека Драјфус е невин, ништо не се презема за неговото ослободување. Како одговор на тоа, Зола напишал отворено бурно писмо до претседателот со наслов „J’Accuse…“! („Обвинувам…!“) со цел да се заложи за ослободување на Драјфус. Писмото ја поделило Франција на две страни – оние кои се согласувале со владата и оние кои се согласувале со Зола.

(Насловната страница на весникот „L’Aurore“ во кое се појавило отвореното писмо на Зола)
Набргу по објавување на писмото, Зола бил обвинет за клевета и бил изнесен на суд. Тој бил осуден и отстранет од Легијата на честа, и наместо да оди во затвор, заминал за Англија. Тој останал во Англија една година, а потоа се вратил во Франција, бидејќи тогашната влада веќе била во слободен пад. Дури во 1906 година Драјфус бил ослободен од обвинението за злосторствата што не ги извршил, а многумина веруваат дека тоа е делумно благодарение на писмото на Зола.
Сомнежи околу смртта на Зола
Зола стекнал многу непријатели откако го напишал јавното писмо, па затоа не чуди тоа што откако починал од задушување од јаглерод моноксид, многумина се сомневале дека некој намерно го блокирал оџакот. За тоа можете да прочитате повеќе во текстот „Чудната смрт на Емил Зола“.
Зола е погребан покрај други познати писатели
По неговата смрт, Зола првично бил погребан на гробиштата Монмартр во Париз. Пет години подоцна, неговите останки биле отстранети и ставени во Пантеонот. Пантеонот е огромен мавзолеј во Париз кој ги содржи посмртните останки на познати француски граѓани како Волтер, Марија Кири и Жан-Жак Русо.
За време на церемонијата во чест на сместувањето на Зола во Пантеонот, имало дури и обид за атентат врз Драјфус, кој бил присутен на службата, што покажува дека и толку долго по расчистувањето на аферата, сè уште имало некои француски граѓани кои биле против ослободителната пресуда на Драјфус.
Зола го дели своето почивалиште со француски писатели како Виктор Иго и Александар Дума. Ако појдете во Париз, дефинитивно треба да го посетите Пантеонот. Не само што таму се закопани некои прилично неверојатни француски автори, интелектуалци и научници, ќе видите дека и архитектурата е импресивна, а се наоѓа во Латинскиот кварт во 5-тиот арондисман.
