Што можеме да научиме за читањето од делата на Џејн Остин?

Карен Свалоу Приор е професорка по англиски јазик и книжевност на универзитетот „Либерти“ и авторка на неколку книги. Во оваа колумна за популарниот магазин „Атлантик“, таа зборува за врската помеѓу Џејн Остин и читањето, како за тоа какви поуки можеме да извлечеме од нејзините дела кога станува збор за читањето. Во продолжение прочитајте ја статијата на македонски јазик, а најдолу можете да пристапите на линкот до оригиналната статија на англиски јазик.

(Сцена од екранизацијата на „Гордост и предрасуди“ од 2005 година)

Пред да биде писателка, Џејн Остин била читателка. Читателка, згора на тоа, во семејство на читатели, кои се собирале во ректоратот на нејзиниот татко за да читаат на глас од делата на авторите како Семјуел Џонсон, Френсис Барни и Вилијам Каупер – како и, на крајот, од самите дела на Џејн.

Затоа, не е за изненадување тоа што во романите на Остин, чинот на читање е клучен показател за тоа како првично треба да се оценува еден лик и за главните пресвртни точки во нивниот развој. За Остин, начинот на кој ликот чита е симбол на други форми на толкување: нечии вештини за разбирање на пишаниот јазик се поврзани со неговата способност да го разбере животот, другите луѓе и себеси.

Изборот на книги на ликовите е честа мета на сатирата на Остин. „Убедување“, на пример, се отвора со вињета која инаку може да изгледа безначајна: читачките навики на таткото на главниот лик, Сер Волтер Елиот, кој „за своја забава, никогаш не фатил ниту една книга“ освен една – записот на британските семејства што ја содржи неговата семејна лоза. Во „Гордост и предрасуди“, неподносливиот свештеник г. Колинс едно попладне избира да рецитира од „Проповедите за млади жени“ на Џејмс Фордајс, бидејќи (како што побожно прокламира) се воздржува од романи.

Оваа епизода јасно го претставува она што Хенри Тилни, љубовниот интерес на Кетрин Морланд во „Опатијата Нортангер“, мисли кога вели: „Личноста… која не ужива во добар роман, сигурно е неподносливо глупава“. Од друга страна, пријателката на Кетрин, Изабела Торп, ужива во романите – но не и во висококвалитетните. Според тоа, ликот на Изабела се покажува како прекумерен, хиперболичен, драматичен и измамнички лик исто како и готските приказни што таа ѝ ги препорачува на Кетрин.

(Сцена од екранизацијата на „Опатијата Нортангер“ од 2007 година)

„Опатијата Нортангер“ ги илустрира опасностите од невнимателното читање – од тоа да се мешаат замислени приказни за обична забава со оние кои нудат вистинити увиди во реалното човечко искуство. Додека хероината на романот, Кетрин, го очекува нејзиното пристигнување во опатијата Нортангер, таа замислува дека ќе доживее онакви фантастични настани какви што ја плениле во фикцијата што ја читала. Таа ужива во идејата дека „долгите, жестоки пасуси на античката опатија… ќе ѝ бидат на секојдневен дофат и не можеше целосно да ја поттисне надежта за некакви традиционални легенди, некакви ужасни сведоштва за некоја повредена и несреќна калуѓерка“.

И така, нејзината глава е преполна со слики од привлечни ужаси, па Кетрин го минува поголемиот дел од својата прва ноќ во домот на предците на семејството Тилни роварејќи низ голем ковчег во нејзината соба со цел да ги пронајде тајните за кои е сигурна дека се таму – само за да најде стари сметки за домаќинство. Нејзиниот срам од оваа безопасна авантура не е ништо во споредба со нејзиното подоцнежно запрепастување откако ќе сфати дека нејзините диви сомнежи за ненадејната смрт на мајката на Хенри не само што се сосема неосновани, туку и можеле да ја уништат нејзината врска со Хенри. Сепак, и покрај тоа што е наивна читателка, Кетрин покажува дека може да научи. Таа сфаќа дека колку и да ги смета „шармантни“ готските романси, „можеби во нив не треба да се бара човечката природа, барем не онаа од окрузите во средниот дел на Англија“.

На почетокот на 19 век, романите – термин кој често се поврзува со готските романси кои го формираат раниот вкус за читање на Кетрин – допрва треба да бидат целосно почитувани во светот на учтивите дела. Реалистичкото дело на Остин значително придонело за уметничката софистицираност на жанрот во развој. Изгледа дека нараторот на опатија Нортенгер го артикулира сопственото гледиште на Остин во прогласувањето на романите за дела „во кои се прикажани најголемите моќи на умот и во кои, најтемелното знаење за човечката природа, најсреќното разграничување на нејзините видови, најживите изливи на духовитоста и хуморот му се пренесуваат на светот на најдобро избраниот јазик“. Делата на Остин ги прикажуваат овие наративни можности и ги возвишуваат ликовите кои се способни да ги ценат.

Ен Елиот од „Убедување“ е токму таков лик. Како што зборувам во „За добро читање: Пронаоѓање на добриот живот преку одлични книги“, Ен ја покажува доблеста на трпеливоста, суштинска вештина во читањето – и доброто живеење. Чинот на потчинување на барањата на заплетот кој полека се развива повлекува вежбање на трпение слично на она што е потребно при навигација низ пресвртите (и разочарувањата) на животот. На почетокот на „Убедување“, Ен трпеливо чека пресврт во сопствената животна приказна, откако одамна ја раскинала свршувачката со капетанот Фредерик Вентворт и го носи тешкиот товар на каење во годините потоа.

(Сцена од екранизацијата на „Убедување“ од 1995 година)

Кога Ен разговара за книжевност со нејзиниот нов пријател капетан Бенвик, кој тагува поради смртта на неговата свршеница, таа заклучува дека читањето на Бенвик, кое главно се состои од романтична поезија, ја продлабочило неговата тага за изгубената љубов (исто како што тоа Мериен Дашвуд го прави во „Разум и чувствителност“). Ен му препорачува да чита повеќе проза. Како вешт читател, таа разбира како секој начин на читање различно влијае на духот под различни околности, и иако сака и проза и поезија – дури и да си рецитира поезија „достојна да биде прочитана“ додека шета – таа ја препознава разликата помеѓу животот и уметноста.

Овој разговор со Бенвик и помага на Ен да стекне критично растојание што ѝ е потребно за попрецизно да ја согледа сопствената ситуација. Откако сфаќа дека таа, како и Бенвик, подлегнала на свој начин на скршеното срце, таа сфаќа дека не изгубила секаква надеж, како што претходно погрешно мислела, дека може да ја врати љубовта на Вентворт. И кога Вентворт ќе ја обнови својата понуда за брак – во форма на писмо – таа може да ја остави настрана сопствената гордост, предрасуди и сомнежи за лесно да ја разбере намерата на авторот на писмото. Со тоа, таа конечно наоѓа среќа.

На Елизабет Бенет од „Гордост и предрасуди“ ѝ недостасува дел од зрелоста на Ен, но е посигурна читателка од Кетрин Морланд (како што метафорично е наведено преку познатите „убави очи“ на Елизабет). Уште повеќе, како што се гледа во обидот на госпоѓица Бингли да ја навреди Елизабет нарекувајќи ја „одличен читател“ откако Елизабет одбива игра со карти за да чита, таа чита разумно во општество каде што не се очекува тоа од жените. За разлика од нејзината педантна сестра Мери, која е толку зафатена со научни книги што е лошо прилагодена на реалниот свет, Елизабет разбира дека читањето, иако е вредно, не е замена за живеење. Па така, кога г-дин Дарси се обидува да разговара за книжевност на еден бал, таа се спротиставува: „Не, не можам да зборувам за книги во сала за балови; мојата глава е секогаш полна со нешто друго“.

Сепак, и покрај тоа што е прониклива и внимателна читателка, на Елизабет ѝ треба подобрување. Централниот конфликт во романот лежи во нејзиното погрешно читање на личноста на Дарси, а заплетот се врти во моментот кога таа е принудена – повторно, преку читањето – да се преиспита. За да ја нагласи важноста на критичкото толкување (и за ликовите на романот и за неговите читатели), Остин ја прикажува оваа точка на заплетот во два чина. Прво, гласот на Дарси го презема наративот со писмо до Елизабет кое се појавува без коментар. Овде, публиката чита заедно со Елизабет додека Дарси ги објаснува сите околности што ја навеле, врз основа на нејзиното делумно знаење, погрешно да го процени неговиот карактер и да го одбие неговиот предлог за брак.

(сцена од мини-серијата „Гордост и предрасуди“ од 1995 година)

Потоа, Остин започнува ново поглавје што ја внесува публиката во мислите на Елизабет додека таа го препрочитува писмото. Отпрвин, таа го негира и се спротивставува на ова ново толкување на фактите, толку драматично различно од нејзините. Но, додека повторно го разгледува писмото, таа го чита „со малку појасно внимание“, „ја мери секоја околност“ и „намерно ја разгледува веројатноста за секоја изјава“ сè додека не сфати „колку поинаку сега изгледа сè“, и како таа, за волја на вистината, била „слепа, со предрасуди, апсурдна“.

Цело време, додека читателите на Остин читаат за Елизабет Бенет, тие исто така читаат со неа. И на овој начин, додека Елизабет го ревидира своето читање на ликовите и ситуациите за кои некогаш била сигурна, тоа го прават и читателите на „Гордост и предрасуди“. Додека ги гледаат нејзините „први впечатоци“ (оригиналниот наслов на романот на Остин) низ нејзините очи, тие го споделуваат нејзиното погрешно читање за ликот на Дарси. Одвратувајќи се заедно со неа од непогрешливата гордост на Дарси, читателите стануваат полни со предрасуди. Тие се измамени да им веруваат на толкувањата на Елизабет бидејќи нејзиниот остар увид, остра духовитост и самоувереност прават нејзиното расудување да изгледа исклучително доверливо. Затоа, читањето на романот е лекција за интерпретативната понизност. Како што ликовите на Остин учат да ги преиспитуваат своите интерпретации, читателите на Остин учат, исто така, дека начинот на кој се чита – не само она што се чита – е важен.

Во текот на нејзините романи, Остин ги сатиризира и литературните дела и читателите кои претставуваат два вида на екстреми: оние кои се премногу морализирачки и оние кои се премногу романтизирани. Плитки, пиетистички или нарцисоидни читатели како што се Изабела Торп, г-дин Колинс, Сер Волтер Елиот, па дури и на почетокот Кетрин Морланд, се слепи за моќта на добрите книги да понудат и поука и задоволство. Најмудрите, највосхитувачките ликови на Остин се оние кои се вртат кон книгите за да добијат знаење за нештата надвор од себе – вистини за човечката природа заеднички за сите нас. За овие читатели, меѓу нив и Ен Елиот и Елизабет Бенет, добар карактер се негува во учењето добро да се чита книжевноста, другите луѓе и себеси.

Извор.

Leave a comment