Владимир Набоков за љубовната заслепеност

Владимир Набоков е најмногу познат по неговиот роман „Лолита“, но во неговото творештво има и други дела кои разработуваат различни аспекти од човечкото живеење, со ликови кои се несовршени, дури и негативни, со намера да навлезе во длабоката човечка психологија. Порталот „Култивиши се“ има објавено еден интересен текст на Александра Алексиќ во кој се обработува романот „Смеа во темнината“ објавен во 1932 година. Прочитајте го текстот во продолжение.

Често споменуваната фраза „Љубовта е слепа“, во романот „Смеа во темнината“ на Владимир Набоков е прикажана преку еден лик, но само во интеракција со друг лик таа го добива своето целосно значење.

Навидум класичната приказна за љубовниот триаголник и брачното неверство, каде сопругот се заљубува во (многу) помлада жена, крие многу подлабоки метафори, секогаш актуелни и на внимателниот читател му открива нешто повеќе од трилерски расплет.

Врската помеѓу Албин и Марго

Албин, главниот машки лик во романот, сè до моментот кога ја запознава Марго, изгледа како човек без многу страст во животот. Страст за било што. Тoj води едноставен живот, фантазира за други жени, оди на работа и живурка.

Марго е малолетна, лукава по карактер, привлечна, но не особено морална и интелигентна, во него го буди сè она што е заспано. Само во врска со Марго, Албин станува она што е. Страстен и заљубен, желен за сè, подложен на манипулации, но одлучен.

Се случува невозможното – мажот ја остава сопругата за љубовницата. Приврзаноста на Марго со Албин има валкани корени, таа е маскирана со блуд и копнеж, но Марго е вистинската Марго само во врската со Рекс, поранешниот љубовник и слабата точка на Марга.

Иако без многу животно искуство, Марго разбира една од универзалните вистини. Во овој роман сексот е задоволство за мажот и можност за жената. Сепак, падот на семејството на Албин не е вина што треба да ја сноси Марго. Секој од ликовите во романот, во моментите на соочување со избор чии последици ќе бидат далекусежни и ќе имаат влијание врз другите луѓе, ја избира опцијата која неминовно има најголеми шанси за постепена пропаст.

Феноменот на љубовното слепило

Иако се чини дека Албин е показател и дефиниција за слепата љубов, улогата на Марго во нијансирањето на сложените љубовни врски во романот е исто така неразделна од љубовното слепило. Нејзиното слепило е предизвикано од Рекс, друг маж, а Албин е тој што ги трпи последиците.

Марго, сè уште дете, е далеку од наивна и невина. Таа не е слепа за последиците од нејзините одлуки и постапки, згора на тоа, нејзините уцени се пресметани и добро испланирани, иако под влијание на Рекс. Таа е слепа за болката што ја сее околу себе, пред сè за невиното семејство на Албин, нејзиното семејство, па дури и самиот Албин, кој подоцна дури станува свесен за тоа.

Кратките поглавја и јасен стил го карактеризираат овој роман, кој во комбинација со универзална тема резултира со роман кој е секогаш актуелен, кој го плени и вовлекува читателот подлабоко во развратната и неморална игра на тројца луѓе во која тешко се одлучува за победникот.

Апсурдниот карактер на приказната се случува на самиот крај, каде слепилото од подмотивот станува главен мотив, околу кој Марго и Рекс ја плетат својата валкана мрежа. Иако романот е објавен пред речиси 80 години, а мотивите се вечни и премногу пати кажани, Владимир Набоков со својот стил и речиси трилер-заплет фрла нова светлина на темата за љубовниот триаголник и уривањето на личноста.

Марго можеби е првата Лолита, неправедно запоставена поради втората, но таа е лик кој понекогаш е суптилен, а понекогаш очигледен, прикажан од различни агли – љубовница, заљубена жена, пресметана и ладнокрвна и премногу млада девојка.

Љубовното слепило е само знак на заматен фокус. Во случајот на Албин, фокусот е на сè што Марго може да му даде, додека во нејзиниот случај, слепилото е предизвикано од Рекс и желбата за неговата љубов, а не од парите на Албин, како што можеби мисли невнимателен читател.

Падот на една личност, пред сè на Албин, а потоа и на Марго, која свесно се води според материјалното сакајќи да го задоволи Рекс, е горчлив впечаток што останува по читањето на овој роман. Од друга страна, едноставниот стил и интересниот заплет го прават ова дело вредно за читање и размислување.

Извор.

Leave a comment