Кои биле вистинските тројца мускетари?

Мускетарите, познати од класикот на Александар Дима и многуте филмови инспирирани од неговите приказни, се најпознатите од полковите на кралскиот режим на Франција. Покрај тоа, хероите од расказите на Дима – д’Артањан, Атос, Портос и Арамис – имаат и вистински историски колеги. Историчарката д-р Џозефин Вилкинсон ги наведува разликите помеѓу вистинските и фиктивните мускетари.

Потеклото на мускетарите може да се проследи до 1600 година, кога Хенри IV ги формирал карабините, единица на лесна коњаница вооружена со долги пиштоли наречени аркебуси, кои станале познати по нивната стрелачка способност. Во 1615 година, за време на регентството на Луј XIII, карабините биле распределени меѓу другите лесни коњанички единици, каде што нивните вештини им одговарале за извидувачки мисии.

Но потоа во 1622 година, истиот Луј, сакајќи свој посебен полк, ја реформирал единицата подготвена за експедиција против Хугенотите. Тој ги заменил аркебусите со мускети, создавајќи мускетари на кралот.

Вистинските мускетари

Од почетокот мускетарите биле елитен полк. Речиси сите регрути биле благородници, иако воената моќ останала главен услов. Тие биле главно млад полк, со мажи на возраст од 16 или 17 години.

Регрутите биле претежно Гаскоњи кои биле познати по својата храброст, но, исто така, можеби претпочитани во чест на Анри IV, кој исто така потекнувал од тој регион. Првично, тие имале свој капетан, но Луј XIII бил толку горд на нив што, во 1634 година, се назначил себеси за капетан и ја создал функцијата капетан-поручник, кој раководел со секојдневното водење на полкот.

Мускетарите, кои биле составени од пешадија и коњаница, биле вешти во мечување и огнено оружје. Нивната служба варирала во зависност од тоа дали Франција била во мир или во војна. За време на мирот, тие служеле како придружба на кралот и организирале лажни битки како дворска забава. Луј XIV особено сакал да ги покажува во воените паради. Тие го придружувале кралот на фронтот за време на војната, воделе напади во опсади, изведувале опасни маневри и служеле како стражари на вратата на кралот.

Мускетарите биле сместени во Париз во близина на Лувр, но во 1682 година Луј XIV го преселил својот двор во Версајската палата. Таму, одред мускетари стоел подготвен да ги исполни сите наредби што може да ги добие. Тие вклучувале извршување на чувствителни задачи, како што било апсење важни лица.

Вистинско ривалство со гардата на кардиналот Ришелје

Кардиналот Ришелје, првиот министер на Луј XIII, имал своја стража. Неговата политика била да ја негира високата функција на благородништвото, а со тоа да ја ограничи нивната моќ и да ги натера да се потпрат на кралот за позиција и наклонетост. Бидејќи повеќето мускетари биле благородници, ова предизвикало многу незадоволство, што се прелеало во ривалство меѓу двата полка.

Дуелите, или „состаноците“, биле озогласени и кралот и неговиот министер ги гледале како спортски настани. Кога кардиналот Мазарин го заменил Ришелје, тој ја задржал оваа политика. Меѓутоа, Мазарин, исто така, се обидел да го постави својот внук (кој во тоа време бил бебе), Филип Жил Манчини, идниот војвода на Невер, како командант на мускетарите. Ова се сметало за навредливо, а еден од оние кои му се спротивставиле бил актуелниот капетан-полковник, Тровил (вистинскиот еквивалент на господинот Тревил од романите на Дума). Мазарин го решил проблемот во 1646 година со едноставно распуштање на полкот, наведувајќи дека тоа не било потребно додека кралот Луј XIV бил малолетен.

До тој момент, мускетарите веќе достигнале речиси легендарен статус, а во 1657 година биле вратени на функцијата со Луј XIV како капетан и 15-годишниот Невер како капетан-полковник. Наскоро станало очигледно дека командата треба да ја има постар човек и била создадена функцијата подпоручник, која на крајот ќе ја добие вистинскиот д’Артањан.

Во меѓувреме, Мазарин формирал своја гарда, која му ја отстапил на Луј XIV во 1660 година. Три години подоцна, таа гарда станала втора чета мускетари, со која исто така раководел кралот како капетан, со Невер како капетан-полковник. Со текот на времето, имало мала разлика меѓу двете придружби, кои главно се разликувале по бојата на нивните коњи: сива за првата и црна за втората придружба.

Мускетарите учествувале во многу битки, особено во опсадата на Ла Рошел (1627–28), во нападот на Рувроа (1632), во битката кај Дините (1658) и во опсадата на Кандиа (1669). Тие биле распоредени за време на Деветгодишната војна (1688–97) и Војната за шпанското наследство (1701–1414).

Нивната последна битка ќе биде во битката кај Фонтеној во 1745 година, за време на војната за австриското наследство. Потоа, Луј XV (1710–74) ги користел само за церемонијални должности; неговиот наследник Луј XVI (1754–93) ги распуштил во 1776 година, иако Луј XVIII ги вратил на 18 месеци во 1814–1815 година по неговото доаѓање за време на прогонството на Наполеон.

Полкот, сепак, ја привлекол имагинацијата на јавноста и нивното сеќавање ќе се оживее на најживописниот начин кога Александар Дима почнал да ја објавува приказната „Тројцата мускетари“ (1844) како серијал во весникот Le Siècle.

Кои биле тројцата мускетари?

Дима ги пронашол своите херои во псевдомемоарите „Мемоарите на господинот д’Артањан“ од Гасијен Кортил де Сандрас, но тој ги направил свои. Тој, исто така, ги направил неколку години постари од ликовите на Кортил, за да можат да учествуваат во возбудливата опсада на Ла Рошел и „аферата со дијамантите на кралицата“.

Она што Дима можеби не го знаел е дека д’Артањан и неговите придружници биле вистински луѓе.

Вистинскиот д’Артањан: Шарл де Ба де Кастелмор

Шарл де Ба де Кастелмор се родил во 1613 или 1615 година во Шато Кастелмор, во близина на Лупијак во југозападна Франција, како помлад син на облагородено, но релативно сиромашно семејство. Тој се приклучил на Гардите, елитен полк што му припаѓал на кралското домаќинство, каде служел под команда на Франсоа де Гијон Дес Есар во 1635 година, користејќи го презимето на неговата мајка, д’Артањан, како негово „воено име“.

Д’Артањан учествувал во акциии при неколку опсади што се случиле во 1640-тите. Во 1641 година, тој го придружувал грофот д’Акур на мисија во Англија, враќајќи се по смртта на Луј XIII. Тој влегол во мускетарите во 1644 година и, откако полкот бил распуштен, му служел на Мазарин. Во оваа улога тој презел неколку тајни мисии, вклучувајќи го и поврзувањето помеѓу Мазарин и неговите поддржувачи кога министерот бил прогонет за време на Фронде (серија на граѓански војни, м.з). Подоцна му било доверено апсењето на началникот за финансии, Фуке, и дворјанецот Лузан.

Тој станал дел од кралското домаќинство, држејќи капетански позиции при кралскиот птичарник и ловџиските песови. Тој, исто така, го придружувал Луј XIV кога отпатувал во Сен-Жан-де-Луз за да се ожени со Марија-Тереза.

Во 1659 година, Д’Артањан се оженил со вдовицата Шарлот-Ана де Шанлеси, со која имал два сина. Бракот се распаднал во 1665 година, веројатно поради тешкотијата која ја предизвикала разделбата кога д’Артањан служел како чувар на занданата на Фуке.

Сепак, тој пред сè бил војник и станал капетан на Гардите во 1656 година. Две години подоцна, тој бил назначен за потпоручник на одново воспоставените мускетари, а во 1667 година станал капетан-поручник на тој полк и бригадир на коњаницата. По краток престој како гувернер на Лил, д’Артањан учествувал во опсадата на Мастрихт во 1673 година, каде што бил убиен во акција на 25 јуни истата година.

Вистинскиот Атос: Арман де Сијег д’Атос д’Отевил

Атос на Дима е најстариот од групата, идеалот на благородништвото, световно мудар и горчлив, криејќи разорна тајна на дното на чашата.

Историскиот Атос бил Арман де Сијег д’Атос д’Отевил, кој бил роден во 1615 година. За него се знае само дека им се придружил на мускетарите во 1640 или 1641 година и дека починал во Париз на 21 декември 1643 година.

Записот за неговата смрт и погреб се чува во црквата „Сен-Сулпис“ во Париз:

Поворка, служење и погреб на покојниот Арман Атос, мускетар на кралската гарда, господин од Беарн, „земен“ во близина на пазарот во Pré-aux-Clercs.

Зборот „земен“ сугерира насилна смрт, што ги наведува историчарите да веруваат дека Атос умрел како резултат на двобој. Пасиштето на Pré-aux-Clercs било популарно место за оваа активност.

Вистинскиот Портос: Исак де Порто

Историската личност зад лојалниот, суетен и љубезен Портос бил Исак де Порто. Роден во семејство на Хугеноти во Пo околу 1617 година, тој се појавил на светската сцена во раните 1640-ти како гардист кој служи под Дес Есар.

Иако се претпоставува дека подоцна им се придружил на мускетарите, доказ за тоа не постои. Порто се вратил во родниот Беарн некаде околу 1650 година, каде што работел како субалтер на гардата за муниција во Наваранс, работејќи заедно со својот брат Жан, кој исто така имал воена функција во градот.

Што се случувало во животот на Порто потоа е мистерија, иако локалната историја вели дека тој умрел како почитуван и одликуван човек во 1670 година. Портос му бил омилен на Дима меѓу неговите мускетари. Кога го создавал ликот на Портос, тој бил инспириран од својот многу сакан татко, човек со необичен карактер и многу успешен војник.

Вистинскиот Арамис: Анри д’Арамиц

За Дима, Арамис е млад човек кој учел да биде свештеник пред да им се придружи на мускетарите. Заглавен во политички интриги, тој е единствениот од четворицата што останува жив на крајот од трилогијата.

Арамис е веројатно најкомплексниот од мускетарите на Дима. Неговиот историски колега е Анри д’Арамиц, роден во 1620 година во Арамиц во Беарн. Тој потекнувал од многу старо аристократско семејство, кое првпат влегло во историскиот запис во 1376 година, а се работело за преобратени Хугеноти.

Арамиц бил игумен на опатијата во Арамиц – иако не управувал со опатијата, тој ги собирал нејзините приходи и десеток. Религиозната врска му била непозната на Дума, кој ја „зел“ побожноста на Арамис од Ротондис, лик што го нашол во записите на Кортил де Сандрас и кој требало да ѝ се придружи на црквата.

Арамиц им се придружил на мускетарите во летото 1640 година, служејќи под Тровил. Тој веројатно останал неколку години, но не се знае до каков ранг се искачил. Тој се вратил во Беарн некаде околу февруари 1650 година, каде што се оженил со Жана де Беарн-Бонас. Двојката имала два сина и две ќерки, од кои најмладата е родена по враќањето на Арамиц во Париз во 1654 година. Арамиц последен пат е виден во февруари 1657 година, каде што тој и неговата сопруга биле сведоци на брачниот договор на неговата снаа. Тој умрел пред септември 1681 година, кога неговиот втор син, Клемент, го наследил семејниот имот откако постариот син, Арман, умрел.

Вистинскиот господин де Тревил: Жан-Арно ду Перер де Тровил

Мускетарите на Дима служат под Тревил, чиј историски колега бил Жан Арно ду Перер де Тровил. Роден во 1598 година во Олорон-Сенте-Мари во Беарн, Тровил станал кадет во полкот на Гардите во 1616 година и им се придружил на мускетарите во 1625 година. Тој учествувал во акцијата при опсадата на Ла Рошел пред да биде именуван како капетан-поручник во 1634 година. Тој ја извршувал оваа функција сè дo распуштањето на мускетарите – 12 години подоцна.

Тровил исто така бил дворјанин, држејќи ја функцијата господин во кралската спална соба. Тој и неговиот зет, Дес Есар, како благородници не ја одобрувале политиката на Ришелје и го гледале како непријател. Тие на кус период биле и протерани од дворот откако бил откриен заговор против кардиналот.

Откако мускетарите биле одново свикани како гарда, Тровил ја препуштил својата поранешна функција на Невер. Во тој период тој бил повеќе заинтересиран да се грижи за неговите имоти во Беарн. Починал во 1672 година.

Тројцата мускетари: не биле неразделни, туку поврзани

Дима ги опишал Атос, Портос и Арамис како „Тројцата неразделни“. Иако тоа можеби не било баш така, но во секој случај, тие биле во роднинска врска со Тровил.

Мајката на Тровил била Мари д’Арамиц, што значи дека бил прв братучед на Анри д’Арамиц. Братучетката на Порто, Ана д’Арак, се омажила за Жедеон де Раг, на чие семејство му припаѓала мајката на Арамиц. Ова, пак, го направило Порто да биде во сродство со Тровил. Мајката на Атос исто така била поврзана со семејството на Тровил; иако врската не е прецизно позната, Атос понекогаш се опишува како далечен братучед на Тровил.

Можно е Тровил да им помагал на младите луѓе додека тие ја започнувале својата воена кариера. Д’Артањан немал никаква врска со другите, иако тој и неговиот капетан-поручник се познавале поради работата. Меѓутоа, ништо не сугерира дека тие биле пријатели.

Кортил еднаш напишал дека тие биле браќа, но тоа е очигледно неточно. Сепак, она што тој чувствувал дека може да опише блиска врска може да сугерира трајна традиција на пријателство.

Извор.

Leave a comment