Кога првпат бил објавен во 1985 година, романот „Приказната на робинката“ на Маргарет Атвуд привлекол признание поради начинот на кој комбинира и создава нови жанровски конвенции на дистопискиот, историскиот и фантастичниот роман. Но, книгата почна да ја ужива најголемата слава во изминатата деценија, делумно благодарение на екранизацијата од 2017 година (за која веќе пишував тука) и продолжението кое беше објавено во 2019 година, насловено како „Завети“. Овој роман стана дури и дел од масовната култура, често спомнувана во дискусиите за реалната политика и општество на начин, на сличен начин како „1984“или „Фаренхајт 451“.

Како и познатите дела на Џорџ Орвел и Реј Бредбери, „Приказната на робинката“ исто така се чини дека е изложена на ризик да стане поретко читана, а повеќе јавно референцирана – и поради тоа, во дел од времето, погрешно толкувана во јавноста. Единствениот начин да се спротиставите на ваквата злоупотреба на книжевноста е всушност да ја прочитате книгата.
За среќа, романот на Атвуд е широко достапен, за разлика од одредени книги на одредени места кои и денес се предмет на забрани и цензури. Како што известува порталот „Open Culture“, најновото издание на романот на Атвуд се бори токму против таков вид на цензури и забрани, а еден од начините за таа борба е тоа што изданието е испечатено и создадено со користење само огноотпорни материјали.
„Во САД и ширум светот, книгите се оспорувани, забранети, па дури и палени“, вели издавачот Penguin Random House. „Па така, создадовме специјално издание на книга што беше оспорувана и забранувана со децении“. Оваа уникатно „незапалива“ „Приказна на робинката“ „ќе биде претставена на аукција во „Сотби“ во Њујорк (…), а целиот приход ќе биде од корист на работата на „ПЕН Америка“ за поддршка на слободното изразување“.
Издавачката куќа „Penguin“ и претходно експериментирала со физички книги и изданија кои даваат и метафоричка и буквална порака. На пример, изданието на „1984“, чија корица станува помалку „цензурирана“ колку повеќе ја користите. Во поново време, студиото за графички дизајн „Super Terrain“ го објави романот „Фаренхајт 451“, чиј наслов веќе подолго време е синоним за горење книги, и кој станува читлив само со примена на топлина.
Оние што даваат понуди за „Приказната на робинката“ секако го разбираат местото на книгата во денешните културни дебати – но да се надеваме дека и тие имаат намера да ја прочитаат.
Во продолжение погледнете ја и рекламата за изданието на романот.
