Видео: Сè што треба да знаете за „Франкенштајн“ на Мери Шели!

„Франкенштајн“ на Мери Шели е една од најпознатите книги во историјата на книжевноста, која е длабоко навлезена и во светската култура, преку многуте екранизации, цртежи и замислувања на чудовиштето кои многумина погрешно го именуваат според својот создавател. Денес на блогот прочитајте неколку работи кои треба да ги знаете за овој роман, а подолу погледнете го и одличното анимирано видео на TED-Ed, од каде произлезе овој текст.

Во 1815 година, ерупцијата на планината Тамбора потонала делови од светот во темнина и одбележала мрачен период кој станал познат како „Годината без лето“. Па така, кога Мери и Перси Шели пристигнале во домот на лордот Бајрон на Женевското езеро, нивниот одмор најчесто го поминувале во затворени простории.

За забава, Бајрон им предложил предизвик на своите книжевни придружници: Кој би можел да ја напише најстрашната приказна за духови?

Ова поттикнало идеја кај 18-годишната Мери. Во текот на следните неколку месеци, таа ќе ја напише приказната за Франкенштајн. Популарните описи често прикажуваат зелена фигура која мумла, но тоа не е чудовиштето на Мери Шели. Всушност, во книгата, Франкенштајн е создавачот на безименото чудовиште, т.е тоа е д-р Виктор Франкенштајн. Толку е напната борбата помеѓу творецот и суштеството што двете се споиле во нашата колективна имагинација.

Пред да го прочитате или препрочитате оригиналниот текст, има уште неколку работи што е корисно да се знаат за романот „Франкенштајн“ и како дошло до претпоставувањето на неговите повеќекратни значења.

Книгата ја следи залудната потрага на д-р Франкенштајн да го пренесе и одржи животот. Тој го конструира своето чудовиште дел по дел од мртва материја и го наелектризирува во свесно битие. По завршувањето на експериментот, сепак, тој се ужаснува од резултатот и бега. Но, времето и просторот не се доволни за да се протера напуштеното чудовиште, и заплетот се претвора во застрашувачка потера меѓу двајцата.

Шели ја поднасловила нејзината приказна како „Современиот Прометеј“, што е референца на грчкиот мит за титанот Прометеј кој украл оган од боговите и му го дал на човештвото. Ова му дало знаење и моќ на човештвото, но поради мешањето во постоечките норми и правила, Прометеј бил окован за карпа и бил осуден на тоа неговиот црн дроб вечно да го јаде еден орел. Прометеј одново добил популарност во книжевноста за време на романтизмот, во текот на 18 век. Мери била истакната романтичарка која ја делела почитта за природата, емоциите и чистотата на уметноста со претставниците на движењето на романтизмот.

Две години откако Мери го објавила „Франкенштајн“, Перси одново ја замислил маката на Прометеј во неговата лирска драма, „Неврзаниот Прометеј“. Романтичарите ги користеле овие митски референци за да ја сигнализираат чистотата на античкиот свет во споредба со модерниот свет. Тие вообичаено гледале на науката со сомнеж, а „Франкенштајн“ е една од првите предупредувачки приказни за вештачката интелигенција. За Шели, теророт не бил натприроден, туку роден во лабораторија. Дополнително, во текстот се вметнати и готски елементи. Готскиот жанр се карактеризира со нелагодност, морничави поставки, гротестност, и страв од заборав – сите елементи што можат да се видат во „Франкенштајн“.

Но, овој хорор има корени и од лична траума. Текстот е исполнет со референци за околностите на Шели. Родена во 1797 година, Мери била ќерка на Вилијам Годвин и Мери Волстонкрафт. И двајцата биле радикални интелектуални фигури, а книгата на нејзината мајка, „Одбрана на правата на жените“, се смета за клучен феминистички текст.

Трагично, таа починала како последица на компликации од раѓањето на Мери. Мери била прогонувана од смртта на нејзината мајка, а подоцна доживеала и сопствени проблеми со породувањето. Забременила откако побегнала со Перси на 16 години, но тоа бебе умрело кратко по раѓањето. Од уште четири бремености, само едно од нивните деца преживеало. Некои критичари ја поврзуваат оваа трагедија со темите кои се истражуваат во „Франкенштајн“. Шели го прикажува раѓањето како креативно и деструктивно, а чудовиштето станува обезличено огледало на природниот циклус на животот. Чудовиштето, значи, е олицетворение на корупцијата на природата од страна на д-р Франкенштајн во неговата потрага по слава.

Ова претставува негова фатална маана, или хамартија. Неговиот божји комплекс е најјасен во реченицата: „Животот и смртта ми изгледаат идеални граници кои прво треба да ги пробијам и да истурам порој светлина врз нашиот мрачен свет“.

Иако постигнува нешто што предизвикува стравопочит, тој си игра со оган на своја етичка сметка. И таа одлука одекнува низ целиот роман, кој е полн со референци за оган и слики што прават контраст на светлината и темнината. Овие моменти укажуваат не само на искрата на огнот на Прометеј, туку и на моќта на радикалните идеи да ги разоткријат потемните области на животот.

Во продолжение погледнете го видеото:

Leave a comment