Филип К. Дик: Писателот кој беше сведок на иднината

Филип К. Дик е еден од најпознатите писатели на научна фанстастика. И толку години по неговата смрт, неговото творештво се чини свежо и ново, секогаш релевантно. И затоа и денес се пишуваат анализи и колумни за неговото творештво. Денес на блогот имате можност да прочитате една статија/колумна на Адам Сковел за BBC Culture во која тој зборува за важноста и релевантноста на Дик во денешницата. Прочитајте го текстот на македонски јазик во продолжение, а најдолу имате линк кој ве носи до оригиналната верзија на текстот.

Јас сум на пасошка контрола. Можам да си го видам лицето на екранот. Технологијата ме препознава и ми дозволува да поминам. Ги скенирам шифрите што го покажуваат мојот статус на вакцинација и неодамнешните резултати од тестот за КОВИД-19. Машините ги проценуваат податоците за моето здравје и микробиологијата. Низ чекалната, луѓето зјапаат во малите екрани. Необично голем број луѓе ја превртеле камерата и ги доловуваат нивните лица под различни агли, како да заборавиле како изгледаат. Го отворам мојот лаптоп и се приклучувам. Ги давам моите податоци на компанија за да влезам во дигиталната реалност. Се појавуваат огласи прилагодени на мојата личност. Тие ме познаваат подобро отколку што се познавам себеси.

Ова е 2022 година. А 2022 е роман на Филип К. Дик.

Писателите на научна фантастика често се чувствуваат попретпазливи од другите. Без разлика дали станува збор за загрозувањето на правата на жените во делата на Маргарет Атвуд, архитектонските и општествените дистопии на романите на Џ.Џ.Балард или светот на Е. М. Форстер кој го предвидува интернетот во „Машината запира“ (1909), овој жанр е полн со писатели – пророци, кои се занимаваат со повеќе познати прашања.

Од сите тие писатели, малкумина изгледаат и се сметани за „гледачи на нашето време“ како американскиот автор Филип К. Дик, кој почина пред 40 години. Во извонредно плоден 30-годишен период на работа, Дик напишал 44 романи и безброј раскази, чии екранизации продолжија да ја редефинираат научната фантастика на екранот – особено „Блејд Ранер“ (1982) на Ридли Скот, кој беше заснован на приказната на Дик „Сонуваат ли андроидите електрични овци?“ и „Тотално отповикување“ на Пол Верховен (1990), кој како изворен материјал го зеде неговиот расказ од 1966 година „Можеме да запомниме за тебе“. Во последниве години, романот на Дик Човекот во високиот замок“ (1962) беше претворен во хит серија на Амазон Прајм.

(последната екранизација на „Човекот во високиот замок)

Човекот зад визионерските светови

Дик не беше само ефективен писател на чудни фикции, туку необична личност сама по себе. Оптоварен со влошеното ментално здравје, визиите и она што тој го тврдел дека се секакви видови на паранормални искуства (многу од нив се вткаени во неговиот експанзивен опус), Дик имаше проблематичен и фрагментиран однос со реалноста. Во 1970-тите, авторот почна да искусува две паралелни временски линии од сопствениот живот, неговите мисли биле нападнати во 1974 година, а во однос на тоа, на интервјуерот Чарлс Плат му кажал дека е „трансцендентално рационален ум“, состојба за која имал многу имиња, но главно ја нарекувал ВАЛИС; акроним за Vast Active Living Intelligence System (Широк Активен Жив Интелигентен Систем, м.з). Ова беше и тема на едно од неговите подоцнежни полуавтобиографски дела, романот „ВАЛИС“ од 1981 година, објавен кратко пред неговата смрт.

Без разлика дали неговите визии биле медицински или натприродни, едно е јасно: Дик имал запрепастувачка способност да го предвидува современиот свет. Прославениот автор на научна фантастика и фантазија, Стен Николс, сугерира дека творештвото на Дик е претпазливо затоа што ја истражувало иднината преку тогашната сегашност. „Неговите приказни ја поставија сеприсутноста на интернетот, виртуелната реалност, софтверот за препознавање лица, автомобилите без возачи и 3Д печатењето“, изјавил Николс за BBC Culture, истовремено истакнувајќи дека „погрешно е мислењето дека предвидувањето е примарна цел на научната фантастика; во поглед на стапката на точни предвидувања, жанрот всушност не е многу добар во тој поглед. Како и сите најдобри научно фантастични дела, неговите приказни не беа навистина за иднината, тие беа за овде и сега.“ Навистина, фактот дека Дик ги внесувал секојдневните аспекти на повоена Америка во неговата иднина значи дека неговите светови поседуваат надреална блискост.

Како и да е, начинот на кој тој, исто така, предвиде одредени технолошки и општествени случувања останува впечатлив. „Тој имаше многу научни замисли за начинот на кој ќе функционира иднината“, вели Ентони Пик, автор на биографијата „Животот на Филип К Дик: Човекот кој се сеќаваше на иднината“ (2013). „На пример, тој имаше концепт дека ќе можете директно да им пренесувате реклами на луѓето, дека ќе можете да ги познавате толку добро што ќе можете да го насочите маркетингот токму на нивните очекувања. А денес токму тоа се случува на интернет.“

Пик може да се повикува на која било од приказните на Дик, а најпозната во овој поглед е приказната „Малцински извештај“ од 1956 година, која беше екранизирана во 2002 година од страна на познатиот режисер Стивен Спилберг. Екранизациите честопати се држеа за инвазивната природа на рекламирањето која провејува во неговото творештво, но сепак писателот ја истражуваше темата многу подетално, а не ја третираше како обична естетика во заднина (а така се манифестира во екранизациите).

На пример, во расказот „Предлог за продажба“ (Sales Pitch) од 1954 година, идејата за агресивно, но вознемирувачко персонализирано рекламирање, се остварува преку дементираната машина која постојано се продава себеси кај главниот лик на приказната. Во романот „Симулакра“ од 1964 година, од друга страна, рекламирањето е отелотворено преку механичко суштество кое личи на мува. Како што пишува во романот, „комерцијалната реклама, со големина на мува, почна да ја објавува својата порака во истиот миг откако успеа насилно да влезе. „Еј! Зарем некогаш не си кажал: „Сигурен сум дека другите луѓе во рестораните можат да ме видат“!’“. Тоа е физички еквивалент на спам или приспособени реклами што се појавуваат на социјалните мрежи.

Политичките идеи на Дик

Творештвото на Дик често има и политичка димензија. „Човекот во високиот замок“, на пример, замислува алтернативна историја во која нацистите победиле во Втората светска војна. Во помалку познатите дела како „Око на небото“ (1957), оваа политика повеќе соодвествува на конкретниот период во кој живеел. Во романот, група луѓе заглавуваат во различни светови што ги замислува секој поединец, благодарение на нефункционалниот забрзувач на честички. Наративот особено се фокусира на свет создаден од комунистички член на групата кој бил отпуштен од лабораторијата поради такви верувања. Пресвртот е во тоа што светот замислен со очигледни и малку пренагласени марксистички склоности е, всушност, производ на шефот за безбедност во лабораторијата, кој исто така е комунист, но скриен комунист. Книгата покажа дека политиката на Дик не може да се поедностави во директен опис на „левичарска“ или „десничарка“, бидејќи тој подеднакво ги напаѓа и на ловот на вештерки на Макарти од тој период, како и поевангелистичката наклонетост на комунизмот.

Дик бил целосно против естаблишментот: неговите приказни прикажуваат власти и компании кои постојано ја злоупотребуваат својата моќ, особено кога станува збор за надзорот. Неговите светови се ултра-комодифицирани, а граѓаните во тие светови се зависни од материјализам, додека славните, медиумите и политиката се спојуваат за да создадат кошмарни, авторитарни сценарија, обично надополнети со голема доза на технократија и бирократија.

Оваа бирократија се манифестира во различни форми во текот на неговото творештво. Во неговиот роман од 1974 година „Полицаецот рече, нека течат моите солзи“, сместен во дистописката 1988 година, каде во САД повторно владее диктатура, пејачот и ТВ водител наречен Џејсон Тавернер се буди за да се најде во свет во кој одеднаш веќе не е познат и истовремено му недостасуваат многу документи што се потребни за да избегне апсење и испраќање во работен логор.

Тавернер може да се бори да ги надмине основните проверки и кордони во овој роман, но другите ликови на Дик се борат да ги направат најосновните работи, дури и во своите домови. Во романот „Убик“ од 1969 година, еден лик почнува расправија со вратата од неговиот стан, бидејќи нема кусур за да влезе преку механизмот кој оперира преку монети. Вратата дури и му се заканува дека ќе го тужи во моментот кога тој се обидува да ја скрши. Секој аспект од проживеаното искуство станува комодифициран во творештвото на Дик, аспект кој некако создава чувство на длабока потресеност. Дик гледа иднина во која погодностите на нашите домови бараат симболична понуда, дури и ако денес таа понуда се нашите лични информации наместо кусур.

Оставајќи ја настрана способноста на Дик да ја предвидува иднината што сега ја земаме здраво за готово, неговата највознемирувачка визија беше дека самиот свет е симулација. Реалноста на Дик веќе е кревка и сложена. Во многу од неговите подоцнежни книги, идејата дека реалноста е фасада се наметнува како доминантна тема. „Дик тврдеше дека постоиме во симулација“, сугерира Пик. „Илон Маск предизвика контроверзии неодамна со ефективно повторување на истата идеја.“

Без оглед на тоа дали неговите визии беа, како што веруваше тој, производ на грешки во симулацијата или пак производ на неговото влошено ментално здравје, едно е сигурно: денешниот свет во кој се слави творештвото на Филип К. Дик делува уште поблизок до оние замислени од овој човек, еден од најуникатните и најисклучителните писатели.

Адам Сковел за BBC Culture.

Leave a comment