Што читаше Кафе и книги во јуни?

Пред неколку дена и официјално започна летото, а од денес официјално започнува и јули! Сигурно сте во тек на планирање на летните одмори или можеби веќе заминавте на одмор. Летото и читањето одат совршено рака под рака, а денес на блогот можете да прочитате препораки за читање кои можеби ќе ви помогнат да се инспирирате и да го пронајдете вашето следно четиво!

Старецот и морето“ – Ернест Хемингвеј

Издавачка куќа: АРС ЛАМИНА
Оцена: 5/5
Осврт
: „Старецот и морето“ е една од оние книги кои се општо познати и нема човек кој не слушнал барем за насловот и авторот на книгата. Многу генерации се запознаа со книгава преку образовниот систем, како дело за обработка.

Но, ова е книга која вреди да се препрочитува неколку пати во животот, па без оглед на тоа дали сте ја прочитале или не, дефинитивно треба да ја имате на ум.

Иако е навистина кратка, нешто над 90 страници, Хемингвеј со ова дело го покажува својот раскошен талент преку многу едноставна проза да пренесе неверојатно силни и големи пораки за состојбата на човековиот дух.

Главниот лик во приказната е стариот рибар кој повеќе од 80 дена нема уловено ништо, но не се откажува од својата цел да улови една голема риба и да ја продаде за да заработи за живот. И после толку чекање, тој конечно доаѓа до можноста да улови една преголема и неверојатна риба. И тука почнува неговата борба, преку која се пренесуваат неверојатни метафори за борбите, упорноста на човекот и моќта на волјата, но и сите порази и победи во човековиот живот. Феноменална книга!

Девојката која ја бркаше месечината“ – Сара Адисон Адлер

Издавачка куќа: САКАМ КНИГИ
Оцена: 4.5/5
Осврт
: Доколку барате интересно четиво за на плажа, кое ќе ве одмори од сè и истовремено ќе ве држи заинтересирани цело време, ова е вистинската книга за вас. Се работи за еден вид на драма, со голема доза меланхолија, но и прекрасна проза.

Стилот на пишување е одличен и ве „вози“ низ приказната со голема леснотија, и вие како читатели ептен навлегувате во животот и случувањата низ кои поминуваат главните ликови.

По смртта на својата мајка, Емили оди да живее со нејзиниот дедо за кого не знае речиси ништо, но веднаш сфаќа дека нејзиниот дедо е уникатен по многу нешта. Уште од моментот кога пристигнува, дознава дека местото е необично и дека таа не знае ништо за минатото на нејзината мајка.

Од друга страна, тука е Џулија, која еднаш заминала од тој град за побегне од минатото, но околностите ја тераат да се врати назад, иако таа се убедува дека тоа е само привремено. Напоредно гледаме како Џулија и Емили поминуваат низ различни нешта, додека нивните патишта се вкрстуваат, а секако, оваа книга има и една доза на магичен реализам кој прави книгата да има една мистериозна нишка.

Избрани песни“ – Ана Ахматова

Издавачка куќа: ТРИ
Оцена: 4/5
Осврт:
Секогаш е добро време за поезија, но има нешто посебно во комбинацијата на лето и поезија. Во јуни решив да навлезам малку во поезијата на познатата поетеса Ана Ахматова и морам да кажам дека не се разочарав.

Нејзините песни се реалистични, полни со чувства и навистина ефективни, бидејќи кога читате имате чувство дека го гледате она што таа го гледала пред себе во тој момент. Толку сликовито го прикажува она што сака да го долови, ќе се внесете во стиховите и ќе почнете да размислувате за своите сопствени лични чувства.

Одлично издание и одлично избрани стихови!

Засолниште во времето“ – Георги Господинов

Издавачка куќа: ИЛИ – ИЛИ
Оцена: 4/5
Осврт:
Георги Господинов со причина е еден од најпопуларните балкански писатели. Неговиот стил на пишување е толку топол, мек, ненаметлив, а сепак успева да го придобие читателот и да го поведе во книжевно патување кое истовремено буди носталгија, сеќавања, но и присутност во светот кој тој го создава за него. Ова книга е одлична за сите носталгичари, кои постојано размислуваат за други времиња и кои во минатото бараат спас од несигурната сегашност.

Во најновиот роман на Господинов, тој се фокусира на носталгијата и минатото, преку таканаречени „клиники за минатото“. Тој ја истражува врската која луѓето ја имаат со носталгијата и минатото преку нивната поврзаност со различни декади. Но, истовремено тој дава интересни метафори и за состојбата во Европа.

Има некаква прекрасна мекост, а една од речениците кои ми остави посебен впечаток е следнава: „Толку многу ме нема. Светот е пренаселен со моето отсуство. Животот е таму каде што не сум. Каде и да сум…“

Сè поради еден бакнеж“ – Трејси Ен Ворен

Издавачка куќа: БАТА ПРЕС
Оцена: 4/5
Осврт
: Доколку сте љубител на историски романси, големи се шансите дека ќе ви се допадне книгата. Ова е добра книга за читање на плажа или за некое мрзливо попладне кога ви треба нешто за да се одморите и да побегнете од реалноста.

Главни ликови во книгата се Мег и лорд Кејд кои се запознаваат на многу необичен начин, кога снегот ги затрупува патиштата и Мег е принудена да побара засолниште во куќата на лорд Кејд.

Од друга страна, лорд Кејд е нерасположен и изолиран од светот и нема некоја посебна желба да има гости во својот дом. На почетокот она што се прикажува како нетрпеливост прераснува во интересна хемија, а истовремено тие двајца прават и еден необичен договор од кој и двајцата би требало да имаат полза, но работите не одат секогаш по планот.

Leave a comment